„Борбата“ за вработување ги испраќа медицинските сестри во Германија

Натпревар за млади новинари на „Media for All“

Натпревар за млади новинари на „Media for All“

 минути читање

01-The-fight-for-a-job-sends-nurses-to-GermanyThe-right-way-to-report-on-solutions.png

Во моментов, Рамизе Салихај е на одмор со семејството дома во Косово, за првпат откако започна да работи како медицинска сестра во Германија.

Дваесет и тригодишната Рамизе е дипломирана медицинска сестра, којашто дипломата ја има стекнато на еден од приватните факултети во Косово, и таа за првпат се вработи пред три месеци во Германија.

02 01 The fight for a job sends nurses to GermanyThe right way to report on solutions

Таа истакнува дека причината поради која започнала да работи во Германија е тоа што во Косово ѝ биле понудени ограничени можности за да работи по струка.

„Идејата да се вработам во Германија дојде од факултетот, каде што за време на последната година од студиите нè информираа за можностите за работа кои ги нуди Германија за апсолвентите со повисоки оценки. Следно, факултетот во соработка со болницата ми понуди договор, којшто откако размислив одлучив да го прифатам“, вели Салихај. 

Нејзината одлука да живее и работи во странство на почетокот не беше добро прифатена од семејството Салихај, но откако се врати и им раскажа за тамошните работни услови, полесно ѝ е да се врати и да продолжи да работи во странство.

„На почетокот немав поддршка од родителите, но откако ги запознав со условите за работа, тие се задоволни“, рече таа меѓу другото. 

Ниту Катерина Џихани, медицинска сестра од Албанија, која веќе четири години работи во Германија, немала можност да се вработи по струка.

„Откако дипломирав, се пријавив за многу работни места, со надеж дека ќе добијам некаков одговор, па макар и дека сум одбиена, но тоа никогаш не се случи. Се изнаслушав разговори кои обично се водат во маалските кафулиња од типот „’Tој работи таму…, бидејќи се дружи со…/ има пријател’ или ‘Платил за да го вработат, но сè уште не е сигурен дека ќе го задржат на работното место’“ и слично. Секојпат кога ќе слушнев такви разговори, губев надеж дека некогаш ќе се вработам, па макар и за минимална плата, и тоа на возраст кога човек е полн со соништа и желби“, вели таа.

Џихани вели дека на почетокот, додека не зборувала течно германски јазик, работела во дом за стари лица.

„Си заминав од Албанија пред четири години, веднаш откако завршив средно училиште. Во тоа време, германска компанија којашто беше присутна во Албанија ми овозможи да учам германски јазик, а потоа ми помогна и да добијам лиценца за медицинска сестра во Германија. Покрај тоа, компанијата ми помогна и да најдам работа во Германија“, вели Џихани.

03 The fight for a job sends nurses to GermanyThe right way to report on solutions

Покрај предизвикот да студираат и да се вработат по струка, медицинските сестри и докторите од Косово и Албанија се „принудени“ да ја напуштат својата родна земја за да работат во земји каде што им се нудат подобри услови за работа.

За многу медицински лица од овие две земји, Германија е вистинската дестинација за започнување со кариерата откако ќе дипломираат.

Медицински сестри: Заминавме бидејќи Германија ни понуди повеќе од нашата земја

Бројот на имигранти се разликува од земја до земја. Направена е проценка дека 8.724 лица го напуштиле Косово во 2020 година, додека, пак, Албанија ја напуштиле 15 илјади повеќе, односно 23.854 лица.

Во 2019 година, германската амбасада во Приштина издала преку 50.000 визи. Од нив, околу 36 илјади визи биле за краткорочен престој (шенген), а околу 15 илјади биле национални визи за долгорочен престој, односно за обединување на семејството, работни визи, студентски визи и така натаму.

„Поради ограничувањата за патување кои ги наметна пандемијата на Ковид-19, во 2020 година, германската амбасада во Приштина издаде само 18.000 визи. Тука спаѓаат 8.000 визи за краткорочен престој и 10.000 визи за долгорочен престој“, изјави германската амбасада во Косово.

Во моментот на објавување на овој текст, германската амбасада и Министерството за надворешни работи во Албанија не дадоа одговор колкав е бројот на барања за виза за Германија поднесени од албански државјани.

Медицинската сестра Рамизе Салихај раскажува дека предуслов за работа во една од германските болници е да се совлада германскиот јазик и да се добие виза од амбасадата.

„Постапката за започнување со работа во Германија траеше повеќе од една година поради пандемијата, а курсевите по германски јазик траеја подолго.

Курсот беше бесплатен, на трошок на факултетот, којшто ни помогна околу процедурите за пријавување“, вели оваа медицинска сестра. 

Од друга страна, медицинската сестра Катерина Џихани вели дека напредувањето со германскиот јазик ѝ помогнало да започне со работа во друга болница.

„По некое време, откако почнав да се дружам со луѓе, почнав потечно да го зборувам јазикот. Започнав да градам искуство во мојата професија, што сега ја гледам од поинаква призма. Се охрабрив себе си да чекорам само напред. После 6 месеци, веќе се чувствував дека можам да работам самостојно“, вели Џихани. 

Според Лекарската комора, последниве четири години Косово го напуштиле 454 доктори, а Албанија ја напуштиле 6.500 медицински сестри, со цел да продолжат да работат во земјите во ЕУ, особено во Германија.

Плеурат Сејдиу, претседател на Лекарската комора на Косово, вели дека повеќето доктори откако ќе добијат лиценца за работа изјавуваат дека заминуваат поради подобрите работни услови, програмата за студентски престој и повисоките плати.

„Во просек, тие се на возраст над 31 година, што е јасен показател дека докторите кои штотуку дипломирале се оние со најголема тенденција да ја напуштат земјата – а токму оваа генерација млади доктори е суштинска за закрепнување на здравствениот систем во Косово, тие се нашата иднина. Во моментов, на нашиот здравствен систем му се потребни најмалку 2.500 доктори за да се приближи до меѓународните стандарди“, рече Сејдиу. 

Според Секторот за управување со човечки ресурси во централната дирекција на Операторот за здравствена заштита, преку 5.500 кандидати од разни области од медицината се пријавиле на порталот „Медицински сестри за Албанија“. Во периодот 2019-2021 година се вработиле вкупно 3.117 медицинари, односно 987 во 2019 година, 1.220 медицинари се вработиле во 2020 година и 910 во 2021 година (во периодот јануари-октомври). Според информациите од овој сектор, најголем број од вработените лица се на возраст 22-30 години.

За Џихани не постои можност за вработување во Албанија, бидејќи вели дека не добила понуда за вработување по завршувањето на факултетот.

„Откако дипломирав, не добив понуда за работа во Албанија. Овој период ми беше навистина тежок, бидејќи доколку не најдев работа, повторно ќе зависев од семејството, немаше да можам да се интегрирам и ќе останев дома на возраст која е идеална за да се постигне нешто во животот. Залудно си го трошев времето, чекајќи пет години да се вработам, и го изложував семејството на трошоци. Ова се само дел од главните причини што ме натераа да ја напуштам Албанија и да тргнам по овој пат“, вели оваа млада жена. 

Според податоците на ИНСТАТ, 3.429 студенти се запишани на Медицинскиот факултет. Откако ќе дипломираат, само 15% од нив ќе добијат можност да се вработат.

Германија нуди „достоинствени“ услови за медицинскиот персонал, додека Албанија и Косово се со најголем број на медицински сестри кои ја напуштиле државата

Покрај докторите и медицинските сестри кои во моментов работат во Германија, и нивните колеги кои работат во Косово и Албанија ги имаат земјите од ЕУ како алтернативна опција за вработување.

Според податоците на германското Сојузно министерство за здравство, во Германија постои мрежа од 1.900 болници, 150.000 доктори и 28.000 психотерапевти, кои обезбедуваат услуги за амбулантска нега, како и речиси 19.500 аптеки, кои обезбедуваат здравствени услуги на околу 83 милиони луѓе во Германија.

Исто така, според овие податоци, 30% од жителите на Германија одат на доктор три до пет пати годишно.

04-01-The-fight-for-a-job-sends-nurses-to-GermanyThe-right-way-to-report-on-solutions.png

Аљбуљена Љужа е млада медицинска сестра којашто и покрај тоа што може да си обезбеди работа во Регионалната болница во Феризај (Урошевац) во Косово, сè уште не може да се одлучи и се двоуми дали да остане и да придонесе за иднината на Косово или да замине за Германија.

Искуството на нејзините колеги, кои во моментов работат во странство, ја тера да размислува за можноста да напредува со кариерата во странство.

„Една од главните причини поради која размислувам да продолжам да работам надвор од Косово, поточно во Германија, е поголемиот број можности за напредување во работата и подобрите услови за работа. Според тоа што го разбрав од искуството на моите колеги, работните места се стабилни во Германија и тоа ме мотивира да се насочам кон Германија“, вели Аљбуљена. 

Медицинската сестра Амра Хика, којашто во моментов работи како медицинска сестра на одделот за општа хирургија во Универзитетскиот болнички центар „Мајка Тереза“ во Тирана, наведе три фактори поради коишто смета дека младите ја напуштаат Албанија и избираат да работат како медицински лица во Германија. „Да бидеме реални, во нашата земја има многу фактори кои служат како индикатори и ги поттикнуваат младите да ја напуштат земјата, но ќе наведам само некои од нив: повисоки плати, подобри услови за работа, почит и благодарност кон медицинските лица“, рече Хика.

На катедрата за општа медицина на Медицинскиот факултет на универзитетот „Хасан Приштина“ во Приштина дипломирале 520 доктори само во 2019 и 2020 година, а во истиот период дипломирале уште 131 студенти како медицински сестри.

Медицинскиот факултет соопшти дека студентите имаат пракса само за одредени предмети.

„Во однос на практичната настава, студентите за време на студиите имаат вежби само за предметите кои ги слушаат и кои се задолжителни во текот на академската година. Доколку се интересирате за платена пракса, факултетот не нуди можност за таков ангажман“, наведено е во одговорот.

Поради условите и состојбата со здравството во Албанија и Косово, докторите и медицинските сестри избираат опции за вработување во земји со поразвиено здравство.

Министерството за здравство и социјална заштита во Тирана не сакаше да даде дополнително објаснување зошто медицинските сестри и доктори си заминуваат во Германија. Оттаму го изјавија следново:

„Во однос на структурите кои спаѓаат под Министерството за здравство и социјална заштита, констатиравме дека не се соочуваме со недостиг од медицински сестри во нашиот здравствен систем. Сметаме дека секој има право на слободно движење и на избор во која земја ќе работи.“ 

Во меѓувреме, Министерството за здравство на Косово нема доставено одговор до објавувањето на овој напис.

Албанските и косовските медицински сестри водат сè потешка „борба“ да се вработат по струка. Тие избираат да се откажат од оваа „борба“ и да заминат да работат во земјите од Европската Унија, каде што им се нудат многу подобри услови отколку во родната земја.

Гентиана Ахмети (Косово), Јона Косо (Албанија), Џоана Чалаку (Албанија)

За авторот:

Натпревар за млади новинари на „Media for All“

Дванаесет тимови, составени од по тројца млади новинари, од најмалку две различни земји од Западен Балкан, со поддршка на искусни ментори, осум седмици работеа на создавање на регионални приказни, фокусирани на младите. Приказните беа развиени низ програмата, „Media for All“, која е финансирана од Владата на Обединетото Кралство. Одговорноста за содржината и ставовите изразени во овие приказни, ја имаат самите автори.

Author

  • Натпревар за млади новинари на „Media for All“

    Дванаесет тимови, составени од по тројца млади новинари, од најмалку две различни земји од Западен Балкан, со поддршка на искусни ментори, осум седмици работеа на создавање на регионални приказни, фокусирани на младите. Приказните беа развиени низ програмата, „Media for All“, која е финансирана од Владата на Обединетото Кралство. Одговорноста за содржината и ставовите изразени во овие приказни, ја имаат самите автори.

Поврзани статии:

Врвни стории од Journalift:

Capacity-building-as-a-necessary-investment-for-media-outlets
Post Author
Градењето капацитети (ГК), дефинирано како процес на развивање и зајакнување на вештини, инстинкти, способности, процеси и ресурси, што им се потребни на организациите и заедниците за да преживеат, да се прилагодат и да напредуваат во светот кој брзо се менува, е една од клучните алатки кои Фондацијата Томсон (ФТ) ги користи, заедно со менторството и грантовите, за поддршка на
Post Author
Медиумската и информациската писменост (MИП) има суштинско значење кога станува збор за овозможувањето на способноста на граѓаните да размислуваат
Blerjana-Bino-The-role-of-media-organisations-in-promoting-media-literacy

Теми:

Најнови статии:

Градењето капацитети како неопходна инвестиција за медиумите
Градењето капацитети (ГК), дефинирано како процес на развивање и зајакнување на вештини, инстинкти, способности, процеси и ресурси, што им се
Улогата на медиумските организации во поддршката на медиумската писменост
Медиумската и информациската писменост (MИП) има суштинско значење кога станува збор за овозможувањето на способноста на граѓаните да размислуваат критички
Избегнувањето на вести во пораст, довербата во вестите oпаѓа – клучни сознанија од Извештајот за дигитални вести за 2022 година
Медиумите одиграа одлучувачка улога во покривањето на пандемијата на КОВИД-19 и војната што ја води Русија во Украина. Меѓутоа, луѓето
Ослободување од казнување
Неказнивост: изземање или ослободување од казна, штета или загуба. Пример: законите беа прекршени неказнето. Извор: речник Мериам Вебстер. Меѓународниот ден