Најдоброто време да се засади дрво, беше пред 20 години. По втор пат, најдоброто време е сега. Истото важи е за одењето во теретана, или пишувањето блог или поставувањето на поткаст.
Можеби ќе речете дека споредбата не е соодветна, но ве уверувам дека е. Во сите случаи, тешко е да се натерате да започнете, а уште потешко е да продолжите, но ако го направите тоа, со текот на времето станува подобро. Не дека станува полесно, туку вие станувате подобри и се чувствувате комфорно во новата улога.
А трикот е што не можете навистина да го прескокнете незгодниот период. Мускулите ќе ве болат неколку недели, исто како што болка ќe предизвика и пишувањето на добра објава или создавањето на добра епизода за поткаст. Но, штом ќе ја надминете болката, ќе почнете да ги чувствувате придобивките. И потребно е многу помалку време, отколку во случајот со садење на дрво.
Зошто да го направи тоа? Затоа што вреди да се направи. Тоа ќе ве поттикне да бидете подобри, ќе ви помогне да научите нови вештини и ќе ви помогне да станете повидливи на професионален план. А и забавно е, кога ќе станете добри во тоа!
Се борите со тоа - како? Без грижи, само прочитајте подолу во текстот.

Но, тоа е толку скап спорт, нели?
Па, може да биде, но навистина и не мора.
Потребен ви е добар квалитет на звукот, бидејќи, во спротивно, ќе биде тешко слушателот да се фокусира, но ако си набавите микрофон бубачка (а тоа ќе ве чини само 30-40 американски долари) и ако се погрижете добро да ја изолирате вашата соба, звукот ќе биде фантастичен.
Како може звучно да изолирате обична соба? Само погрижете се да ги покриете, колку што е можно повеќе, тврдите и рамни површини. Ставете ќебиња над вратите на плакарот, завеса на прозорците, ставете чаршав на масата, односно на работната маса, и користете ткаенина за ѕидовите. Дури и неколку маици на закачалки, би ја завршиле работата.
И не мора да ги правите сите овие работи, особено ако изберете просторија која нема стаклени ѕидови или слични карактеристики. Ако е пријатно, едноставно ќе звучи одлично.
Ако размислувате да имате гостин, тогаш набавете двоен микрофон бубачка. Цената е приближно иста.
Ова ќе ве внесе во првите 20% според квалитетот на звукот и е одлично за почеток. Ако се покаже дека навистина уживате во ова и ако сакате да бидете уште подобри и да имате навистина професионален квалитет, тоа ќе ве чини од 400 на 1.500 американски долари, но не инвестирајте толку многу пари, додека не бидете сигурни дека сакате да продолжите со ова.

Што е со видеото?
Ако сакате поширока публика, логично е да имате и видео. За специјализирани поткасти, аудиото е од клучно значење, бидејќи е поверојатно дека вашата публика повеќе ќе ве слуша.
Ако снимате за поширока публика и ви се допаѓа идејата поткастот да го дистрибуирате на Јутјуб, а сакате луѓето да го гледаат вашиот поткаст додека ги гледаат своите омилени јутјубери, тогаш видеото е задолжително.
Звукот е сè уште многу важен, а за квалитетот на видеото, имате две многу добри, a сепак многу евтини опции. Прво, можете да го користите вашиот телефон ако не е постар од година или две. Можете дури и да снимате видео во 4K, а потоа да го скратите во целосен ха-де-формат, со цел да додадете динамика во разговорот. Можете да користите и акциска камера - GoPro или некоја од поевтините алтернативи, и тоа ќе биде сосема во ред. Ставете го само на пристоен статив (чини околу 50-70 американски долари), и можете да почнете.
Дали квалитетот на сликата е доволно добар? Доколку она што се обидувате да го претставите е со многу висока естетска вредност или бара навистина високи стандарди на продукција, за да биде соодветно претставено, тогаш квалитетот на снимката ќе биде од суштинско значење. Но, тоа многу ретко ќе биде случај и затоа не треба да се грижите. Ова е работа што ја илустрира вашата приказна, а токму самата приказна е причината поради која луѓето слушаат. Едноставно, побарајте на Гугл какви филмови снимиле луѓето со нивниот Ајфон или Самсун во изминатите неколку години и ќе бидете воодушевени.
Ако сакате да го извлечете максимумот од која било камера, осветлете ги доволно соговорниците и ќе биде во ред. И тоа не мора да биде никакво посебно осветлување, ламба за на под или за на маса од Икеа би биле сосема доволни.

Мислите дека сега сте подготвени? Сè уште не.
Па, ја спомнав приказната. Тоа е единствениот незгоден дел што остана, но тоа е и нешто што можете да го научите. Во зависност од форматот што би сакале да снимите, како треба да му пристапите на ова, но обично, добра подготовка и запознавање со вашите гости (ако планирате да ги имате) и подготвувањето за она што ќе го прашате, е начинот на кој треба да се започне.
Прво, запишете сè однапред, можеби ќе биде малку круто, но ќе ја завршите работата. Како што поминува времето, сè помалку ќе запишувате, само клучните работи имајте ги на повидок, за да не заборавите да поставите прашање за нив или да не заборавите да ги спомнете.
Која е вашата посакувана публика? Што таа би сакала да знае за вас (и за вашите гости)? Тоа е почеток.
Ако не ви е удобно да им поставувате прашања на луѓето, не грижете се, со текот на времето ќе се навикнете. Исто е како и кога одите во теретана, на почетокот може да биде непријатно, но штом ќе ги видите и почувствувате резултатите, ќе се почувствувате многу подобро и ќе ја задржите мотивацијата.
Погрижете се да ја прашате публиката за повратни информации и фокусирајте се на позитивните. Следете ги и негативните и обидете се да се подобрите, но и разберете дека никој, првиот пат, не бил неверојатен. Ниту пак вториот пат. Едноставно, не знаеме за нивните неуспеси, ние ги следиме откако станале успешни.
„Секој уметник прво бил аматер“, рекол, Ралф Валдо Емерсон, пред речиси два века. Сега тргнете и направете го првиот чекор кон тоа да бидете уште поневеројатни!