Разбијте го кодот: Како да разговарате со програмерите за (ре)дизајнирање на веб-страницата на вашиот медиум

 минути читање

Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува да користите нови технологии за понатамошен развој на вашиот медиумски бизнис. Застрашувачки, бидејќи самиот процес е сложен, одзема време и вклучува мултидисциплинарни тимови, кои не секогаш пронаоѓањаат ист јазик.

Но, не грижете се!

Целта на овој текст е да ви помогне подобро да ги разберете вашите потреби и целиот процес на развој на вашата веб-страница. Тоа ќе ви овозможи јасно да ги пренесете вашите потреби и да знаете што да очекувате и што да побарате од вашиот развоен тим.

Сè што споделувам, доаѓа од искуството на некој што често мора да биде мост помеѓу клиентите и веб-програмерите. Да обезбеди, од една страна, дека потребите на клиентите правилно се слушаат и толкуваат, а од друга страна, дека очекувањата на клиентите за самиот процес се правилно поставени.

Всушност, во текот на последните 6 години, како дел од агенцијата Аликорн (Alicorn), бев вклучена во повеќе од 40 проекти за дизајн и развој на веб-страници, за публика низ целиот свет, од целни страници, преку сложени повеќејазични веб-страници, до алатки што се базираат на вештачка интелигенција. Што е најважно за вас, 8 од нив беа со медиумски организации ширум Европа, што ми овозможи подлабоко да разберам како работат медиумските редакции, кои се нивните клучни предизвици и како можеме да им помогнеме.

Клучни аспекти на модерен дизајн на една веб-страница

Постојат многу различни видови на веб-страници, кои се разликуваат во однос на дизајнот, големината и севкупната сложеност. Сепак, модерните веб-страници имаат неколку заеднички работи, што ги чини добро функционални. Ајде да видиме кои се тие работи.

1. Предимство на дизајнот за мобилен телефон

Во време кога големо мнозинство на интернет корисници ја посетуваат вашата страница користејќи мобилен телефон, веќе не е доволно да се има веб-страница која реагира и чија содржина се прилагодува на различни големини на екранот. Кога дизајнирате веб-страница, обидете се прво да одите со верзија за мобилен телефон.

Дизајнерите работат на компјутерски екрани, големата површина е полесна за дизајнирање и полесно е целото внимание да се посвети на тоа колку одлично изгледа и каков впечаток остава верзијата за десктоп, иако вашите читатели главно користат мобилни телефони. Ова е причината зошто повеќето од нив започнуваат со креирање на веб-страници за десктоп компјутери. Сепак, иако има проекти, со корисничка база која е претежно на компјутери, тие се малку.

Разликата помеѓу веб-страницата креирана за десктоп и онаа за мобилен телефон, најдобро се гледа од сликата подолу. Дизајнерскиот пристап за веб-страниците наменети првенствено за десктоп, започнува со дизајнирање на десктоп компјутерска верзија на веб-страницата. Дури тогаш кога ќе завршиме со десктоп верзијата, внимателно ја прилагодуваме содржината за екраните со помали димензии – за лаптоповите, таблетите, паметните телефони. Ова не е лесен процес и веројатно ќе треба, од вашите верзии наменети за помал екран, да отстраните дел од содржината, бидејќи таа едноставно нема да може да се вклопи.

Извор:  Стефани Валтер (Stéphanie Walter), Creative Common Licence Attribution-ShareAlike 4.0 International (CC BY-SA 4.0)

Од друга страна, кога вашата веб-страница ја дизајнирате прво за мобилен телефон, започнувате со екранот што ќе го видат повеќето посетители, при што се уверувате дека нивното искуство, во користењето на вашата информативна веб-страница, е што е можно поинтуитивно. Потоа, откако ќе бидете задоволни со тоа како сè изгледа на мобилен телефон, ќе почнете сето тоа да го прилагодувате за поголеми екрани, можеби дури попат да додавате и некои други функции. Со ова се осигурувате дека јадрото на вашата веб-страница секогаш ќе одговара за најмалите екрани и оти тоа ќе се подобрува како се оди кон верзиите за поголеми екрани.

На крајот на краиштата, многу е полесно да се вклопи нешто мало во поголем екран, отколку да се направи спротивното. Разликата помеѓу двата пристапа често се рефлектира во корисничкото искуство на вашите читатели.

2. Прилагодена за корисниците и интуитивна

За да бидете сигурни дека публиката на вашата веб-страница ќе го добие она што го бара во најкратко можно време, вашата веб-страница треба да биде добро структурирана, лесна за навигација и лесно достапна. Сето ова придонесува за целокупното корисничко искуство на вашата веб-страница.

Голема работа во обезбедувањето одлично корисничко искуство, е едноставноста. Ако имате информативна веб-страница, вашите посетители нема да ја посетуваат за да бидат импресионирани од вашата креативност или разновидноста на боите и имплементираните техничките решенија. Тие ќе ја посетуваат вашата веб-страница за да прочитаат информации, што значи дека секоја страница треба да има само онолку информации колку што ѝ се потребни, копчињата за навигација треба да бидат видливи и самото искуство на читање треба да биде смирно и со што е можно помали прекини (на вас мислам поп-ап реклами!)

Покрај тоа, дизајнот на вашата веб-страница треба да биде конзистентен - фонтот, боите, насловите, стиловите на копчињата, маргините, заднините - од првата до последната страница. Сакате посетителите на вашата веб-страница да се чувствуваат како да се наоѓаат во истиот простор, без разлика на која страница се наоѓаат. Ова ќе ви помогне да изградите чувство на доверба и безбедност кај нив, во и со вашиот бренд.

На крајот, грижата за пристапноста го подобрува искуството кај секого, не само кај оние кои не можат да ја користат вашата веб-страница без неа. На пример - фонтовите што се читливи за дислексичните луѓе, ја прават вашата содржина читлива за секого.

3. Брзо вчитување

Дали знаете дека просечното време поминато на некоја веб-страница, во сите индустрии, е 52 секунди? Важноста на брзото вчитување на веб-страницата е клучно за подобро корисничко искуство, оптимизација и стапка на конверзија.

Ако вашата веб-страница се вчитува бавно, сега е време да го решите проблемот, бидејќи тој нема да исчезне, туку, како расте бројот на корисници и достапни содржини, само ќе се влошува. Бавното вчитување на веб-страницата за крајните корисници, често ќе значи и слаби перформанси за уредниците и администраторите. Вие сакате тие да го поминуваат своето време работејќи на одлична содржина, а не да се борат со бавниот панел.

4. Имајте ја предвид оптимизацијата (ЅЕО)

SEO (или оптимизација на пребарувањето) се однесува на процесот на подобрување на видливоста на веб-страницата, на различни пребарувачи. Со други зборови, колку е подобра вашата оптимизација, толку на луѓето ќе им биде полесно да ја најдат вашата нова веб-страница и нејзините текстови на пребарувачите како што е Гугл, кога бараат информации што им се потребни. Треба да знаете дека постои оптимизација на страницата и надвор од страницата.

Оптимизацијата на страницата е под влијание на содржината на вашата веб-страница (страници, текстови...), но, исто така, и на техничките аспекти (техничка оптимизација), односно од тоа како е изградена вашата веб-страница, што е нешто што вашите програмери ќе мора да го имаат на ум. Кога работите на оптимизација на вашата страница, размислувате за начините како да им олесните на пребарувачите да ја индексираат вашата страница и да можат истовремено да ја понудат на вистинските луѓе. Има многу работи кои влијаат на оптимизацијата на вашата страницата, како што е правилната употреба на клучните зборови, правилната употреба на ознаките H1, мета описите, внатрешните врски и други технички аспекти. Да не ги спомнуваме и работите што ги кажавме погоре - веб-страница прво за мобилни телефони, брза за вчитување, интуитивна и лесна за навигација – кои, исто така, придонесуваат за ова.

Оптимизацијата надвор од страницата е малку помалку под ваша контрола, бидејќи се однесува на дејства надвор од вашата веб-страница, преземени главно од други луѓе, кои можат да влијаат на рангот на вашата оптимизација. Градењето на влезни врски, односно врски кои од некоја веб-страница или онлајн дестинација доаѓаат до вашата веб-страница, е суштината на оптимизацијата надвор од страницата. Пребарувачите како Гугл, ги гледаат влезните врски како сигнали дека другите корисници на интернет ја гледаат вашата веб-страница, како реномиран и релевантен извор на информации.

Во извесна смисла, количината на влезни врски што ги добива вашата информативна веб-страница, е добар сигнал и за вас, бидејќи се однесува на тоа, колку луѓе ги покриле вашите стории на нивните сајтови, колку се повикале на нив во своите написи, итн.

Пред вашиот прв состанок со тимот за развој на веб-страницата

Во следните неколку месеци, ќе работите со нов тим на професионалци, посветени на тоа да ви помогнат во дигиталната трансформација на вашиот бизнис. Сакате да бидете сигурни дека ќе го искористите најдоброто од таа соработка. Кој е најдобар начин да го направите тоа? Треба да знаете каде сакате да ве однесе оваа соработка.

Апсолутно треба да се потпрете на вашиот тим за развој и да дозволите тој да ве води во вашето размислување. Да ве советува кои идеи за вашата веб-страница би функционирале добро, а кои не. Да ве извести кога излегувате надвор од назначениот буџет и да препорача алтернативи. Да ве предупреди доколку системот за кој размислувате, може вам и на вашио тим отпосле да ви создаде само повеќе работа. Но, тимот ќе може да ве води многу поефективно, доколку однапред ги знае вашите размислувања, ставови и очекувања.

Пред да го имате првиот состанок со вашиот тим на веб-дизајнери и програмери, одвојте малку време за да ги разгледате прашањата што ги набројувам подолу. Одговорите што ќе ги подготвите, ќе бидат одличен придонес и теми за разговор со тимот за развој, и ќе ви помогнат да го поставите вистинскиот курс, но и да ги усогласите вашите очекувања.

Како би го опишале брендот на вашиот медиум?

За да ја поставите ‘сцената’, споделете ја приказната за вашиот медиум - како и кога започнал, која е вашата мисија, која е вредноста што се обидувате да ѝ ја дадете на вашата публика, по што сте познати?

Целта на ова е развојниот тим да добие увид за тоа како сакате да биде прикажана вашата редакција - од клучните делови на веб-страницата, преку боите што ќе се користат, до целокупниот впечаток што веб-страницата го остава. На пример, погледнете ги веб-страниците на Радио Титоград и на Бока њуз. И кај двете постои посебно чувство на бренд - сликите и целокупниот впечаток што ви го оставаат, а сепак меѓусебно се многу различни.

Ако неодамна сте направиле промени на брендот или планирате да извршите ребрендирање, сега е добро време да ги споделите тие информации. Исто така, ќе биде корисно, доколку го имате, да го споделите и вашиот водич за бренд стилот (или познат како книга за брендот), или барем да го споделите вашето лого и неговите колор варијации во векторски формат. Ова подоцна, при работата на графичкиот дизајн, ќе понуди информации.

Што сакате да постигнете со веб-страницата на вашиот медиум?

Добриот тим за веб-дизајн и развој, сфаќа дека создава повеќе од веб-страница - тие ви помагаат да го изградите (или да го обновите) вашиот онлајн дом. И, како што доликува на вашиот онлајн дом, вашата веб-страница треба да овозможи приспособување на сите различни формати на содржина (текст, фотографија, видео, аудио), што сакате да ја прикажете на  вашата веб-страница, на различните текови на приходи (реклами што ќе се прикажуваат, услуги за претплата, финансирање од граѓаните) и да овозможи раст на  вашиот медиумски бизнис. Затоа, од клучно значење е со вашиот тим за развој да ги споделите главните предизвици што сакате да ги решите со вашата веб-страница, но и како таа се вклопува во вашата севкупна медиумска стратегија.

На пример, доколку за цел имате да воведете услуга за платена претплата, дури и неколку месеци подоцна, би било добро овој ваш план веднаш да го споделите со тимот за веб-развој. На тој начин, тие можат да изградат функциите што поддржуваат затворена содржина и систем за претплата, уште од самиот почеток. Исто така, доколку планирате да воведете два нови медиумски формати и очекувате зголемување на посетителите, вашиот тим за веб-развој може да ве советува во врска со најдобрите опции за хостирање, што ќе ви овозможат да ја надградите вашата претплата, паралелно со зголемување на бројот на посети на вашата веб-страница.

Која е вашата публика? Која е клучната вредност што ѝ ја нудите?

Сега кога знаете што сакате да постигнете, треба да бидете многу јасни за тоа која е вашата публика и какво искуство сакате да создадете за неа. Како прв чекор, треба да ги разберете демографијата, интересот и онлајн навиките на вашата публика. Ако веќе имате веб-страница што сакате да ја редизајнирате, може да се потпрете на податоците од Гугл аналитика (Google Analytics), бидејќи таа може да ви ја покаже моменталната демографија за вашата веб-страница, уредите што се користат за да се дојде до неа, да ви покаже кои се најпосетуваните делови и страници... Ако вашето медиумско присуство било фокусирано само на печатените медиуми, на радиото или на социјалните медиуми, во интеракцијата со вашата публика, можете да се потпрете на вашето претходно искуство.

Почесто ќе имате, отколку што ќе немате повеќе од една публика и тие ќе бараат различни работи. На пример, вашата публика може да се состои од ваши редовни посетители, од нова публика што сакате да ја привлечете во однос на читатели/гледачи или можеби потенцијални деловни партнери и донатори. Секој од нив ќе дојде на вашата веб-страница, во очекување да види содржина што е во негов интерес. Ваша задача е, се разбира, да се погрижите тие брзо и ефикасно да ги најдат потребните информации.

Кога ќе почнете да работите на дизајнот на вашата информативна веб-страница, ќе забележите дека просторот на почетната страница е прилично ограничен и затоа ќе мора на одредени информации да им дадете приоритет. При тоа, многу е важно да ја имате на ум вашата публика и нејзините цели и потреби, па врз основа на тоа и соодветно да им дадете приоритет на вашите содржини.

Кои се моменталните болни точки (доколку ги имате) на постоечка веб-страница на вашиот медиум?

Не само што вашата информативна веб-страница треба да ѝ помогне на вашата публика брзо и лесно да ги најде информациите што ги бара, туку таа, исто така, треба да ја поддржи вашата редакција во креирањето и објавувањето на содржини. Системот за управување со содржина (CMS), на кој е изградена вашата веб-страница, треба да биде интуитивен и да му дозволи на вашиот тим, да објавува приказни со леснотија и со потребната фреквенција. Последното нешто што ви треба е вашиот тим да се изгуби меѓу огромниот број на опции и поставки, кога ќе има само неколку минути да ја објави својата приказна.

Значи, ако има некакви пропусти со тековната веб-страница, во смисла на стилот или функционалноста, важно е да ги споделите.

Што е она (доколку постои такво нешто) што го сакате кај веќе постоечка веб-страница на вашиот медиум?

Сигурно има многу работи, што ги сакате кај вашата моментална веб-страница!

Освен што е важно да ги споделите карактеристиките на вашата медиумска веб-страница, кои ве доведуваат до фрустрација, важно е и да ги споделите сите оние карактеристики и решенија, што ја олеснуваат вашата работа или што вашата публика ги цени.

Со споделувањето на сите работи што ги сакате, без разлика дали станува збор за дизајнот или функционалноста, ќе се погрижите тие да не се изгубат или занемарат за време на процесот на редизајнирање. Се надеваме дека вашиот тим за веб-развој ќе ви помогне овие моменти на радост, во уште поголем обем, да бидат дел од вашата нова веб-страница.

Кои се некои од добрите примери за медиумски веб-страници, што вам ви се допаѓаат? Што ви се допаѓа кај нив?

Ма ајде, знам дека ги имате. Само помислете на моментите кога, кога сте посетиле веб-страница на некој медиум или друг вид на веб-страница и сте си помислиле: „Ех, каква одлична идеја, би било одлично да имаме нешто вакво на нашата веб-страница!“. Е па  сега е вашата шанса!

Со вашиот тим за веб-развој споделете примери на информативни веб-страници што ви се допаѓаат. Погрижете се да запишете што е тоа што ви се допаѓа и како тоа, доколку е применливо, би се вклопило во вашите постоечки процеси. Можеби е тоа распоредот на почетната страница, или паметниот начин да се повикаат читателите да се пријават за добивање на билтен или примамливата шема на бои. Обидете се да не барате работи од типот „сакам да го имам ова“, туку „ми се допаѓа како го решиле проблемот што моите корисници и јас го имаме“. Сакате да креирате решенија, а не да ги мешате и усогласувате карактеристиките што ви се допаѓаат.

Во исто време, ве молам да бидете отворени за компромиси. И покрај тоа што бев вклучена во толку многу проекти, а имајќи предвид дека не сум веб-дизајнер ниту programer, понекогаш ми е тешко да разберам како одредени функции можат да се имплементираат за само неколку дена, додека други бараат дополнително развивање кое трае со недели или повторливи трошоци поради кои нема да вредат.

Можеби ќе се заљубите во одредени елементи на веб-страницата на друг медиум, не знаејќи колку е голем буџетот или колку време е потрошено во нивниот развој. Но, дури и доколку тие ресурси не се достапни за вашиот проект, тоа не значи дека не можете да дојдете до прилично добро решение, кое ќе служи за иста или слична цел, во комуникацијата со вашиот тим за развој.

Од каде моментално се води вашата информативна веб-страница? Дали имате пристап до доменот на вашата веб-страница и до хостинг-сметката?

Доколку веќе имате веб-страница, а има одредена содржина што ќе треба да се префрли на новата, ќе биде многу корисно вашиот тим за развој да добие пристап до вашата веб-хостинг услуга и серверот што таа го користи. На тој начин, тие ќе можат да ја проценат состојбата и капацитетите на вашиот тековен хостинг пакет и да ве советуваат дали мислат дека вашата нова веб-страница ќе бара нешто поинакво.

Исто така, проверете дали имате пристап до името на доменот на вашиот медиумски бизнис. Премногу често, наидував на ситуации кога сопственикот на бизнисот немал пристап до името на доменот на својата веб-страница. Имајќи предвид дека името на доменот е онлајн адресата на вашиот бизнис (во случајот со Journalift тоа е Journalift.org), пристапот до него е од клучно значење. Ваквата ситуација се јавува поради многу причини, но најчестата е таа дека сопственикот на бизнисот во минатото работел со програмер кој го регистрирал нивниот домен, но никогаш не го префрлил на сметката на сопственикот. Доколку, во вакви случаи, поминале доста години, може да биде прилично тешко да се дојде до тие луѓе сега.

Значи, ако ви е прв пат да работите на веб-страница за вашиот медиумски бизнис, проверете дали вашите имиња на домени се или поврзани со вашата сметка кај регистрарот [компаниите за регистрирање, како што е Гоу деди (GoDaddy), се местото каде што одите за да регистрирате имиња на домени], или дека имате направен договор за услуги со тимот за развој, кој ги штити вашите интереси.

Овој чекор е болен, бидејќи значи контактирање со луѓе за високо технички работи, што може да влијае на прекинот на функционирањето на веб-страницата. Обидете се да не брзате. Размислете за одржувањето. Дали вашиот тим за развој ќе продолжи со одржувањето, со создавањето на резервни копии и со грижата за безбедноста на вашата веб-страница? Ако одговорот е не, разговарајте со нив за можноста да најдете хостинг кој, за мала сума, ќе направи резервни копии и ќе овозможи основно рутинско одржување на веб-страницата, со цел таа да биде безбедна и да функционира.

Што можете да очекувате од процесот на развој на вашата медиумска веб-страница?

Како што можете да очекувате, секој проект е приказна за себе. Сепак, постојат некои фази во веб-развојот, кои се исти за сите. Еве што бара секој од нив и какво ниво на ангажман тоа бара од вас.

1. Утврдување на потребите

Ова го означува самиот почеток на вашиот проект, кога се запознавате со тимот што ќе работи на вашата веб-страница и што е најважно, кога тимот се обидува да ги открие вашите потреби. Веројатно ќе организирате серија состаноци или дури и работилници, сѐ со цел да добиете јасна слика за тоа што ќе значи оваа соработка и за вас, и за вашиот тим за развој.

А добрата вест? Веќе знаете дел од прашањата, низ кои ќе поминете заедно со нив!

2. Првичен изглед на страницата (Wireframes)

Луѓето се исклучително визуелни суштества. Еднаш кога ќе почнете да зборувате за бои, фонтови, слики, форми и анимации - нема враќање назад за да се зборува за важноста на секоја информација, за нивната врска и дистрибуција. Сè уште не зборувајте за убавите и ‘фенси’ работи!

Првичниот изглед може најдобро да се опише како ахроматски (во сиви тонови) нацрти на вашата веб-страница, за да се осигурате дека ќе ги земете предвид сите клучни делови и функционалности на веб-страницата, како и распоредот на неа, без да размислувате за дизајнот. Како следна фаза во овој процес, вашиот тим за развој, предводен од дизајнер со корисничко искуство, кој ќе работи на проектот, ќе ви испрати првичен предлог за изгледот на клучните страници на вашата веб-страница, почнувајќи од насловната.

Зошто е ова важно?

Ако на клиентите веднаш им го покажеме предлогот за дизајнот на веб-страницата, целиот разговор ќе се фокусира на боите, фонтовите, иконите и другите елементи на дизајнот. Тоа е во ред, но во оваа фаза, прво треба да зборуваме за патиштата што ќе ги користи вашата публика, за да дојде до информациите што ѝ се потребни, односно за клучните делови на веб-страницата, за прикажување на различните типови на содржина и сите други начини на кои информациите ќе бидат структурирани и организирани.

Очекувајте со тимот да имате неколку чекори напред-назад, сѐ додека не добиете јасна слика за сите клучни точки. Многу веб-развојни агенции, поминуваат 2 рунди на разгледување на поднесените рамковни предлози.

Сепак, се случува дури и откако ќе им го објасниме целиот овој процес на клиентите, тие сепак да запнат. Значи, мојата порака овде за вас е - верувајте во процесот! Не реагирајте на првичниот предлог со зборовите „не сакам мојата веб-страница да изгледа вака“. Полесно е да се направат поголеми промени во концептот и структурата на вашата медиумска веб-страница во фазата на првичните нацрти, отколку подоцна, кога ќе биде готов статичкиот модел. А да не зборуваме откако веб-страницата ќе биде изградена.

3. Статички модел (mockups)

Откако одлучивме за клучните функционалности и технички аспекти на веб-страницата, доаѓаме до „забавниот“ дел! Време е за разговор - графички дизајн.

Овде зборуваме за шемата на бои и за дефинирањето на визуелните елементи, фонтови, транзиции и анимации. Како дел од овој процес, дизајнерот ќе го креира статичкиот модел на клучните страници на веб-страницата, повторно почнувајќи од почетната страница. Овие модели претставуваат статична слика за тоа како ќе изгледа вашата медиумска веб-страница откако ќе заврши процесот. Всушност, штом ќе го одобрите статичкиот модел на вашата почетна страница и на другите клучни страници на веб-страницата, тој ќе бидат испратени до програмерите, кои ќе ги претворат во ваша медиумска веб-страница.

Исто како и со првичниот изглед на страницата, очекувајте неколку круга на ревизии со тимот, додека не се договорите за конечниот дизајн. Вашата реакција овде е од клучно значење, бидејќи тоа во голема мера ќе одреди колку долго ќе трае оваа развојна фаза.

4. Создавање (производство)

Откако ќе го одобрите моделот, програмерите ќе почнат да работат на развојот на веб-страницата. Ова е фазата што трае најдолго и, иако најмалку бара ваш придонес, таа бара трпение.

Многу е веројатно дека вашиот тим ќе работи на веб-страницата неколку недели, пред да се комплетира бета верзијата, што ќе можете да ја погледнете.

5. (Ако веќе сте имале веб-страница, следниот чекор е) Префрлување (миграција) на содржината

Ако ја редизајнирате веб-страницата, а сакате да се осигурате дека вашата медиумска архива ќе биде достапна на новата веб-страница, вашиот развоен тим, паралелно со процесот на производство, ќе мора да преземе и процес на миграција. Кога префрлувате големи количини на содржина од еден на друг сервер, или дури и еден CMS на друг, многу е тешко да се процени колку долго ќе трае овој процес, па затоа од клучно значење е повторно да се биде трпелив.

Во некои случаи, тимот ќе мора да се обиде да ја префрли содржината неколку пати, пред да успее да ги добие правилно сите параметри, што ќе обезбеди целата содржина да биде пренесена, но и дека нејзиниот интегритет ќе биде задржан во процесот. Ова е многу сложен процес и најдобро е да не се брза.

6. Тестирање (и конечни поправки)

По повеќе неделн, па дури и месеци работа на вашата веб-страница, може да биде многу примамливо да сакате да ја отворите вашата нова веб-страница, веднаш штом таа ќе стане подготвена за прегледување. Знам дека е тешко, но задржете ги уздите!

Пред да ја споделите вашата веб-страница со светот, таа треба да помине низ сериозен процес на тестирање, и од програмерскиот, но и од вашиот тим. Ова е време кога ги тестирате сите врски, за да се осигурате дека водат таму каде што треба да водат, за да се осигурате дека сите клучни страници го покажуваат она што го сакате и дека самата веб-страница правилно се отвора на различни големини на екран и различни оперативни системи.

7. Крајни подготовки (вклучување)

Повеќето редакции имаат прилично интензивен и строг распоред за објавување. Ова значи дека, штом вашата веб-страница ќе биде пуштена, треба да бидете во можност да трчате на теренот. Затоа е многу важно да ги спроведете крајните подготовки (потребното вклучување) и да научите како да ја користите вашата нова веб-страница пред нејзиното пуштање во употреба.

8. Пуштање во употреба

Конечно, моментот што сите го чекавме – пуштање во употреба на веб-страницата!

Доколку вршите замена на вашата постоечка веб-страница, со вашиот развоен тим договорете се кога е најдобро време за пуштање на страницата во употреба. Тоа најверојатно ќе биде доцна навечер или рано наутро, кога има најмалку сообраќај на вашата веб-страница.

Во секој случај, како безбеднoсна мерка, се препорачува да се закаже стартување на веб-страницата во понеделник, вторник или среда. Во тој случај, доколку видите некои промени, што треба во последен момент да се направат, или доколку нешто тргне наопаку (а честопати тргнува), има доволно време да го решите тоа пред викенд, за да можете да уживате во вашиот заслужен одмор!

Ако сте запамтиле само една работа…

Ова беше долго, знам. Но, ако сте запамтиле само на една работа од погоре наведеното, нека биде следново: олеснете си го вашиот живот и животот на вашиот тим за развој, со тоа што ќе бидете што е можно поконкретни и подетални во врска со она што ви треба. Оставете што помалку место за толкување, побарајте појаснувања врзано за процесот на развој на веб-страницата и работете со вашиот тим за да го пронајдете најдоброто решение за вашиот медиумски бизнис.

Сања Гардашевиќ е извршна директорка на агенцијата за дигитален маркетинг Аликорн (Alicorn), која на клиентите им пружа широк спектар на услуги, врзано за стратешкиот развој на брендот на компаниите и управувањето со нивното присуство во онлајн просторот. Сања има големо искуство во креирањето и спроведувањето на работилници и обуки за  дигиталниот маркетинг, како и во обезбедувањето на менторска поддршка на медиумите, во развојот на нивниот онлајн бизнис.

Поврзани статии:

„Хиперлокално“ веќе подолго време е многу употребуван збор во медиумите. Бидејќи концентрацијата на сопственоста на традиционалните медиуми и пенетрацијата

Врвни стории од Journalift:

Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата, па дури и интернетот во 20 век. Тоа е технологија која трајно ќе го преобликува општеството. За многумина од нас, вештачката интелигенција значи она што сме го научиле од повеќето дистописки филмови (Одисеја 2001, Терминатор, Матрикс, Блејд Ранер, …).
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува

Теми:

Најнови статии:

Навигација на ветувањата и опасностите на вештачката интелигенција: Што секој медиумски професионалец треба да знае за ЧетГПТ
Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата,
Разбијте го кодот: Како да разговарате со програмерите за (ре)дизајнирање на веб-страницата на вашиот медиум
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува да
Како ЧетГПТ (ChatGPT) ќе ги промени новинарството и медиумите?
Го замолив ЧетГПТ да го напише овој текст за мене. Секако дека го направив тоа. Поставував и преформулирав прашања, за