Денешните медиуми, покрај нивната примарна работа – објективно и навремено информирање на јавноста – мораат активно да размислуваат и за нивниот бизнис модел и начинот на кој заработуваат пари. Медиумите се соочуваат со големи предизвици на глобално ниво, а овој проблем не е решен дури и во најразвиените земји во светот, а особено го чувствуваат малите локални медиуми кои не ни помислиле дека ќе мораат да размислуваат како претприемачи и да градат некаков дополнителен бизнис околу нивната примарна медиумска активност.
Целта на овој курс е да ви даде основни насоки за развивање на деловна идеја и разбирање на начинот на кој различните елементи на медиумскиот бизнис влијаат едни на други. Курсот изобилува со конкретни примери и упатства за креирање бизнис план за развој на медиуми.
Темите што ќе ги покриеме за време на овој курс се:
- Бизнис модел – Во ова поглавје, ќе анализираме различни аспекти на бизнис модели и ќе ги илустрираме преку примери. Ќе разберете како компаниите создаваат вредност за своите клиенти и како тие ја претвораат таа вредност во профит.
- Медиумски бизнис модели – Ќе се запознаеме со специфични бизнис модели кои се применуваат во медиумите како специфична индустрија. Целта на ова поглавје е да се стекне разбирање за тоа како медиумите можат да остварат приходи.
- SWOT – Со помош на оваа алатка ќе ги разгледаме Предностите (Strengths), Слабостите (Weaknesses), Можностите (Opportunities) и Заканите (Threats) на бизнис идеи.
- Бизнис модел Платно (Канвас) – Или скратено БМП – клучна алатка што ќе ја совладате за време на овој курс. Тоа ќе ви овозможи брзо мапирање и прегледување на вашиот бизнис. Очекувајте многу примери.
- Пазар и конкуренција – Анализата на пазарот и конкуренцијата се документи кои мора да ги имате спремни за вашиот Бизнис план. Ќе научите на што да обврнувате внимание и како да согледувате на директна и индиректна конкуренција
- Тестирање на идеја – Во ова поглавје, ќе се запознаете со методологијата што ја користат стартапите за да ја тестираат својата идеја, преку значајни разговори со потенцијални корисници.
За да го завршите овој курс со сите практични вежби ви требаат максимум 24 часа.
Овој онлајн курс е изработен во рамки на проектот „Медиуми за сите“, финансиран од страна на Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и Развој (FCDO) и изготвен од конзорциум на организации предводени од Британскиот совет, во партнерство со Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН), INTRAC и Фондацијата Томсон (ТФ).
Целта на проектот е да се развие и зајакне уредничката независност и деловното работење на медиумите низ шест земји од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) преку обезбедување грантови и техничка помош на низа медиуми.