Какви промени донесе новата верзија на Гугл aналитика?

Феѓа Куленовиќ

Феѓа Куленовиќ

01 3 Medijske kampanje prikupljanja sredstava na Zapadnom Balkanu koje inspirišu i iz kojih se može naučiti

Пред нешто повеќе од една година, во октомври 2020 година, Гугл објави нова верзија на Гугл aналитика (Google Analytics), наречена Гугл aналитика 4 (ГА4). Ова е ново големо освежување на аналитиката, што донесе многу позитивни промени, но, исто така, предизвика и голема конфузија во различни кругови на нејзини корисници. Со оглед на тоа дека повеќето медиуми на Балканот ја користат оваа популарна алатка за веб-аналитика како извор на податоци кои влијаат на одлуките за нивните следни чекори, ќе претставиме некои од најзначајните промени што се случија. Ќе објасниме и како да се активира ГА4, а во исто време, да имате пристап и до историските податоци преку Универзалната аналитика (УА).

Што е Гугл aналитика 4?

Накратко, Гугл aналитика 4 е освежување или ново својство (property), на широко распространетиот софтвер за собирање и анализа на податоци на Гугл, кое има за цел да им овозможи на различните деловни субјекти коишто се присутни на интернет, да дознаат повеќе за своите клиенти. Гугл, со новата верзија, и во овој производ го препознава веќе добро познатиот факт за доминација на мобилните уреди во интернет сообраќајот, а сето тоа го отсликува и новиот код. Тоа им овозможува на медиумите да дознаат повеќе за својата публика и заедница, следејќи ги преку сите веб-канали за дистрибуција, во едно опкружување.

Разликата помеѓу Гугл аналитика 4 и Универзалната аналитика

Накратко речено – разликата е голема. Со новата верзија се воведени големи промени, па со самото тоа и разликата е голема.

ГА4 користи значително поразлични податочни структури и логика на собирање на податоци. Сега, сите извештаи се изградени околу корисникот и настаните, наместо традиционалните сесии на кои веќе сме навикнати.

На овој начин, секоја корисничка интеракција, со содржината на вашата веб-страница или мобилна апликација, се третира како посебен настан. Ова е значителен исчекор од сесиите кои ги групираа корисничките интеракции во рамките на одреден временски период (30 минути стандардно). Ова практично значи дека наместо прегледите на страниците (pageviews) да се прикажуваат како хитови, тие ќе бидат забележани како настани со параметри. Овој пристап му овозможува на ГА4 да биде пофлексибилен и подобро да го предвидува однесувањето на корисниците на сите платформи. Доколку имате мобилна апликација, ќе ви биде многу полесно, преку ГА4, да ги следите податоците од двата извора.

Ова не е првпат Гугл радикално да ја менува оваа платформа и при тоа да остави една дупка во знаењето, при што новите корисници не ги подготвува за префрлување на новата платформа доволно добро,. Овој пат, тие направија една добра работа и ГA4 го креираа како додаток и не ја исфрлија веднаш Универзалната аналитика од оптек, бидејќи дури тогаш бројни корисници би доживеале шок.

Меѓутоа, тоа не значи дека нема да дојде до такви промени, ниту дека новинарите/новинарките можат целосно да ја игнорираат оваа промена. Најмногу затоа што новата верзија сепак дава некои различни увиди во содржината што ѝ се нуди на публиката и го олеснува подоброто планирање и донесување на одлуки на ниво на редакција, но и поединечно за секој новинар/новинарка.

Како да се започне со Гугл аналитика 4

Иако е многу веројатно дека повеќето редакции во регионот веќе имаат поставено Универзална аналитика, постои можност некои медиуми да не го имаат направено тоа или допрва планираат подобро да ја следат својата публика, па затоа е важно од почеток да се објасни разликата помеѓу поставувањето на оваа верзија на аналитика или постепеното префрлање на неа, од сегашната Универзална аналитика. Без разлика дали веќе имате поставено Универзална аналитика или допрва почнувате со ГA4, важно е што е можно поскоро да ја поставите, за да можете што поскоро да започнете да собирате податоци што ќе можете да ги анализирате и кои ќе ви помогнат да ја одржувате својата стратегија на веб-аналитика.

Поставување на својствата на ГA4

Од почетокот на 2022 година, ГA4 е примарно својство на Гугл аналитика, што самиот процес на поставување го прави прилично едноставен. Ќе претпоставиме дека веќе имате сметка на Гугл, а со самото тоа и дека веќе сте креирале сметка на Гугл аналитика. Во секој случај, вашето патување можете да го започнете овде или да погледнете детален курс за е-учење, како да се започне со Гугл Аналитика. Исто така, ќе претпоставиме дека досега не сте го поставиле ова својство и оти не сте го поврзале со вашата веб-страница и/или мобилна апликација.

Пред сè, насочете го вашиот веб-прелистувач на адресата analytics.google.com и одете на администрација. Ќе изберете постоечка или ќе креирате нова сметка. Потоа ќе изберете да креирате ново својство, со кликнување на копчето ГА4 Помошник за поставување (GA4 Setup Assistant). Самиот асистент ќе ве води низ низа чекори, кои ќе се разликуваат во зависност од тоа како е поставена вашата моментална ознака на Универзалната аналитика и кои текови на податоци ви се достапни. Под претпоставка дека веќе ја имате поставено Универзалната аналитика, доколку наидете на какви било проблеми, можете да ги решите следејќи ги овие упатства.

Како да го користите ГA4, а да не ги изгубите старите податоци

Како да го користите ГA4, а да не ги изгубите старите податоци

Како што веќе споменавме, повеќето медиуми веќе имаат поставено собирање на податоци од нивните веб-страници, а некои и од мобилните апликации, како посебно својство. Во овој случај, поставувањето на својството ГA4, се случува преку истиот процес опишан погоре, со таа разлика што не мора повторно да го инсталирате јаваскрипт (javascript) кодот на вашата страница, туку можете податоците од кодот за Универзалната аналитика, да ги поврзете со ова ново својство. Кога ќе кликнете на ГА4 Помошникот за поставување, наоѓајќи се во вашето постоечко својство на Универзалната аналитика, ќе ви биде понудена опција да поврзете или да креирате ново ГA4 својство и до него да ги насочите податоците од кодот за Универзалната аналитика. Откако ќе се тестира врската, која ќе ви потврди дали вашето ново својство прима податоци, по неколку часа ќе можете да започнете со анализа на вашите податоци во новото својство. Меѓутоа, имајте на ум дека на почетокот може да се појават проблеми со собирањето и прикажувањето на сите податоци на кои веќе сте навикнале, особено во доменот на демографските податоци. Затоа, многу е важно што поскоро да започнете со префрлање на ГA4 својството, за да можете да ги согледате недостатоците во податоците и поставките на новото својство, и истите да ги исправите навреме.

За најдобро да го искористите и успешно да се префрлите на ГA4, многу е важно да сфатите како сега ќе ја користите Универзалната аналитика. Елементите што треба да ги земете во вид се следните:

Прилагодено означување (custom tagging) ќе мора повторно да го прилагодите во ГА4 за секој ГТМ (GTM) што моментално го имате во Универзалната аналитика. Миграцијата е напорна работа, но е неизбежна доколку сакате да ги следите вашите прилагодени настани.

Извештаите што сте ги креирале во Универзалната аналитика, ќе треба повторно да се постават за ГA4 аналитиката. Ова особено се однесува на случаите кога користите Гугл дата студио (Google Data Studio) за вашите извештаи, при што најверојатно ќе треба рачно да исправите некои работи, бидејќи некои метрики не се исти. Дополнително ќе забележите дека некои извештаи, кои можеа автоматски да се постават како шаблони со повлекување на податоци од Универзалната аналитика, сега ќе треба рачно да се постават, за да можат да функционираат за ГA4.

Повеќекратните прикажувања (вiews) не се овозможени во ГA4 и не може да се пренесат од Универзалната аналитика, што е разбирливо со оглед на целта на ГA4. Меѓутоа, со користење на горенаведеното Дата студио, ќе можете да направите прилагодувања за овој дел, доколку тој сè уште ви е важен.

Досегашното искуство покажува дека медиумите на подрачјето на Балканот, ја користеле Универзалната аналитика без поголеми прилагодувања, така што и самата транзиција ќе биде многу полесна, отколку во некои ситуации кога податоците од аналитиката се прилагодени преку различни извештаи, кои сега ќе биде потребно повторно да се креираат.

Кои се најголемите промени кои ги носи новата верзија на Гугл аналитика

Покрај горенаведените генерални промени, во пристапот за мерење на веб-сообраќајот, постојат неколку значајни разлики, кои во голема мера ќе влијаат на тоа како медиумите во иднина ќе ги читаат податоците од оваа платформа.

Разлика 1 – Промена во извештајниот интерфејс

Како што ќе забележите на сликата погоре, постојат некои очигледни промени во тоа како изгледа извештајот во новата аналитика, што може да го забележите веднаш штом ќе влезете на првата страница. Главните разлики вклучуваат:

Универзална аналитика (ГA3)

Гугл аналитика 4 (ГA4)

Почетниот екран во Универзалната аналитика, како клучни податоци ги прикажува корисниците, сесиите, стапката на напуштање, времетраењето на сесијата.

Новиот екран во ГA4 како клучни податоци ги прикажува корисниците, новите корисници, просечното време на ангажирање, вкупниот приход.

Збирните податоци за вашата публика можете да ги најдете во делот Публика. (Audience).Мора да одите во делот за демографија (Demographics) за да ги пронајдете податоците за корисниците и во делот за ангажирање (Engagement) за да ги пронајдете податоците за сесиите.
Приказот на податоци е визуелно поделен на повеќе бои.Новата верзија има помалку бои, а изгледот е поедноставен.
Прикажувањето на конверзиите (Conversions) e распоредено на податоци за целите наспроти Ecommerce наспроти Повеќеканалната инка.Новата аналитика ги покажува само конверзиите наспроти настанити (Conversions vs. Events).

Општо земено, извештаите во ГA4 се повеќе фокусирани на конверзиите и настојуваат да ги прикажат увидите во податоците за кои тие веруваат дека се важни, како што се конверзијата, монетизацијата итн.

Разлика 2 – Промени во начинот на кој Гугл мери

Ако веќе сте го погледнале новиот изглед на извештајот во Гугл аналитика, веројатно се прашувате зошто дошло до толку голема промена. Овие разлики се очитуваат во фактот дека Универзалната аналитика користеше модел за мерење на податоците, базиран на сесии, со фокус на сесиите и прегледот на страниците. Гугл аналитика 4, од друга страна, е фокусирана на настаните (events) за мерење, што значи дека сега се става фокус на настаните и на нивните параметри. Параметрите на настаните се дополнителни податоци како што е јазикот (language), локација на страницата (page_location), наслов на страницата (page_title). Дополнителни настани се, на пример, кликнување на копче, преземање датотека итн. Разликата најдобро можете да ја видите во табелата подолу.

Вид на погодок (hit) во својството Универзална аналитика

Мерења во својството Гугл аналитика 4

Page ViewНастан (event)
EventНастан
SocialНастан
Transaction/e-commerceНастан
User timingНастан
ExceptionНастан
App/screen viewНастан

Разлика 3 – Промени во ознаките (ID), што се користат за следење

Во Универзалната аналитика, откако ќе сте креирале сметка, сте оделе во делот Својство (property), па сте кликнувале на „Информации за следење“ („Tracking Info“) и потоа на „Код за следење“ („Tracking Code“). Тука сте ја наоѓале ознаката за следење, прикажана на врвот на страницата, со остатокот од кодот (global site tag), кој се појавуваше подолу на страницата во делот „Следење на веб-страница“ („Website Tracking“).

Гугл аналитика 4 го прикажува сето ова на поинаков начин. Иако и овој пат ќе мора да отидете во делот Својство, ќе треба да кликнете на делот „Текови на податоците“ („Data Streams“). Потоа ќе кликнете на протокот (stream) на вашата веб-страница, каде што ќе го видите ИД-то за мерење (Measurment ID) во горниот десен агол, заедно со Глобалната ознака на страницата (Global Site Tag), доколку кликнете на паѓачкото мени под „Инструкции за означување“ („Tagging Instruction“). Освен овие промени во визуелната навигација, разликите се забележуваат и по тоа што Универзалната аналитика користи т.н. ИД за следење (tracking ID), додека ГA4 користи ИД за мерење (Measurment ID). Првиот ИД започнува со буквите УА (UA), додека вториот започнува со буквата Г (G). Оваа промена најмногу ќе влијае на администраторите и агенциите, што помагаат да се постави кодот за следење на мрежното место.

GA4 и медиумите

Иако е повеќе од очигледно дека Гугл аналитика продолжува да биде општа алатка за веб-аналитика, која секој може да ја користи, иако најмногу им помага на претпријатијата што се занимаваат со продажба, потребно е повторно да се изврши прилагодување на извештајот, за да можат медиумите успешно да ги искористат бројните податоци што Гугл аналитика им ги дава.

Од друга страна, оваа нова верзија на аналитика, со својот поедноставен интерфејс и прикажување на податоците, во голема мера ќе олесни некои увиди, а медиумите, за да ги отстранат вишокот податоци што не им се корисни, ќе можат да направат уште поголеми прилагодувања.

Тоа особено се отсликува во фактот што со новата верзија ќе биде полесно да се постави следењето на настаните (events) и истите да се прилагодат на потребите на медиумите.

Со оглед дека ангажираноста на публиката е многу важна метрика за медиумите, оваа нова имплементација многу ќе им го олесни животот. За непрофитните медиуми, кои за развој на својот бизнис се потпираат на грантовите, но и оние кои се потпираат на маркетингот, промените во еден дел на терминологијата и во начинот на следење на корисниците/корисничките, првично ќе предизвикаат потреба од дополнителни прилагодувања и промени во терминологијата при известување, што на почетокот на примената на оваа нова верзија, потенцијално би можело да биде отежнувачка околност.

Дали мораме да се префрлиме на ГA4

Додека Гугл сè уште не започнал да присилува на употреба на новата верзија на аналитиката, она што, исто така, беше најавено овој месец, е дека целосното префрлање на оваа верзија, се планира во средината на следната 2023 година. Ова ни дава одговор дека на крајот сите ќе мора да се префрлат на новата аналитика и да се навикнат на новиот начин на прикажување на податоците, што во голема мера ќе влијае на известувањето, како во деловна смисла, така и во смисла на претставувањето на резултатите од грантовите, што ги доделуваат меѓународните организации, со цел развој на медиумите на подрачјето на Западен Балкан.

За авторот:

Феѓа Куленовиќ

Феѓа Куленовиќ е информатички и комуникациски експерт, кој се занимава со истражување и практика во областa на науката за податоците, информациската наука, управувањето со знаењето и комуникациите, со посебен фокус на онлајн комуникациитe и јавното презентирање. Соработува, како консултант, со многу владини тела, со невладини организации и со деловиот сектор во Босна и Херцеговина, но и во регионот. Во неговата работа, посебен фокус е ставен на користењето на веб-аналитиката и податоците во медиумите. Тој е виш асистент на Катедрата за информациски науки на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Сараево, за предметите од областа на информациските науки.

Author

  • Феѓа Куленовиќ

    Феѓа Куленовиќ е информатички и комуникациски експерт, кој се занимава со истражување и практика во областa на науката за податоците, информациската наука, управувањето со знаењето и комуникациите, со посебен фокус на онлајн комуникациитe и јавното презентирање. Соработува, како консултант, со многу владини тела, со невладини организации и со деловиот сектор во Босна и Херцеговина, но и во регионот. Во неговата работа, посебен фокус е ставен на користењето на веб-аналитиката и податоците во медиумите. Тој е виш асистент на Катедрата за информациски науки на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Сараево, за предметите од областа на информациските науки.

Поврзани статии:

Без оглед колку е добра вашата содржина, во глобалното медиумско село, вашата конкуренција се најдобри новинари од целиот свет.
Kako-izgraditi-onlajn-zajednicu-1.-dio
Во современите медиумски редакции, често се нагласува дека нивната стратегија е „digital first“ – што значи „на прво место
Redakcijski menadžment i organizacija u digitalnom okruženju

Врвни стории од Journalift:

Blerjana-Bino-The-role-of-media-organisations-in-promoting-media-literacy
Post Author
Медиумската и информациската писменост (MИП) има суштинско значење кога станува збор за овозможувањето на способноста на граѓаните да размислуваат критички и да кликнуваат мудро. Како што вели УНЕСКО: „Медиумската и информациската писменост се меѓусебно поврзан збир на компетенции, кои им помагаат на луѓето да ги максимизираат предностите и да ја минимизираат штетата во новите информациски, дигитални и комуникациски пејсажи“
Пандемијата na КОВИД-19 го сврте светот наопаку, вклучително и медиумската индустрија. Многу медиуми засекогаш се затворија, додека во исто
E-COMMERCE AND E-PAYMENTS: UNUSED POTENTIAL FOR MEDIA OUTLETS

Теми:

Најнови статии:

Улогата на медиумските организации во поддршката на медиумската писменост
Медиумската и информациската писменост (MИП) има суштинско значење кога станува збор за овозможувањето на способноста на граѓаните да размислуваат критички
Избегнувањето на вести во пораст, довербата во вестите oпаѓа – клучни сознанија од Извештајот за дигитални вести за 2022 година
Медиумите одиграа одлучувачка улога во покривањето на пандемијата на КОВИД-19 и војната што ја води Русија во Украина. Меѓутоа, луѓето
Ослободување од казнување
Неказнивост: изземање или ослободување од казна, штета или загуба. Пример: законите беа прекршени неказнето. Извор: речник Мериам Вебстер. Меѓународниот ден
Е-трговија и e-плаќања: Неискористен потенцијал за медиумите
Пандемијата na КОВИД-19 го сврте светот наопаку, вклучително и медиумската индустрија. Многу медиуми засекогаш се затворија, додека во исто време,