Национализмот зема сè поголем замав кај младите: Кој додава масло на огнот?

Натпревар за млади новинари на „Media for All“

Натпревар за млади новинари на „Media for All“

 минути читање

Младите од Западен Балкан се соочуваат со потешкотии да ја разберат нивната реалност и меѓусебно да се запознаат поради напорните тековни историски спорови, различните перцепции за неодамнешното минато и социјалните и политичките прашања кои се дел од нивниот живот. Експертите во Србија, Албанија и Црна Гора сметаат дека лошото образование, предрасудите и наративите што доаѓаат од политичките лидери се главните фактори кои придонесуваат за растот на национализмот меѓу младите.

Муралот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ ја подели Србија меѓу оние кои сакаат тој да биде отстранет од ѕидот на зградата во главниот град и оние кои го бранат неговото постоење на една од централните белградски улици. Судирот резултираше со протести и силни поделби меѓу оние кои го осудуваат и оние кои го слават воениот командант на армијата на Република Српска, сега еден од двата административни ентитети во Босна и Херцеговина.

Мурал. Фотографија: „Вистиномер“

Неодамнешните настани поврзани со муралот повторно го отворија прашањето за тоа каква историја се учи во земјите од регионот и како тоа влијае на перцепциите на младите за актуелните политички и општествени работи. Во нивната потрага по сопствени ставови и идентитети, национализмот се нуди како прирачник од страна на владејачките десничарски структури во земјите од Западен Балкан, кои што се сè уште чувствителни по конфликтите во 1990-тите. Овозможено од послушните медиуми и недостигот на критичка маса, она што може да се дефинира како етнички национализам е поттикнување поделби и разгорување тензии меѓу различните народи во регионот, кои моментално вовлекуваат и генерации родени по 1990-тите.

Програмскиот координатор на Младинската иницијатива за човекови права со седиште во Белград, организација во која членуваат млади луѓе во Србија кои се против кршењето на човековите права и промовирањето на деструктивни наративи во општеството, Марко Милосављевиќ, објаснува дека треба да постои јасна разлика помеѓу национализмот и патриотизмот и дека оваа дефинирачка линија лежи во оправдувањето, посветеноста и негирањето на насилството врз „другите“.

Две перспективи за муралот на Младиќ

Младинската иницијатива за човекови права цели кон отстранување на муралот преку кој се величи осудениот воен злосторник Ратко Младиќ на Меѓународниот ден против фашизмот и антисемитизмот. Овој собир беше забранет. Тој ден, активистките Аида Чоровиќ и Јелена Јаќимовиќ беа уапсени поради фрлање јајца на муралот. Тие денови можеше да се забележат млади луѓе на улиците кои протестираат против таа акција на полицијата, но од другата страна на полицискиот кордон се наоѓаа млади луѓе кои го штитеа муралот и го славеа Ратко Младиќ. Овој млад човек повеќе од две недели, со денови и ноќи на смени ја чуваше сликата на ѕидот и ја исчисти откако на неа беа фрлани јајца и беше пречкртана.

Национализмот е идеологија која ја вреднува припадноста на нацијата, со јасна дистинкција од другите.

Според Милосављевиќ, национализмот е најраспространетата идеологија меѓу младите поради несоодветните образовни системи; тие не дозволуваат простор за алтернативно сеќавање на војните од 1990-тите и политиките на сеќавање што ја задушија антифашистичката традиција на овие земји.

Ивана Војводиќ, од црногорската невладина организација „Јувентас“ се согласува со Милосављевиќ.

„Образовниот систем мора да ја препознае потребата од критичко размислување, граѓанско образование и медиумска писменост. Ние имаме програми кои треба да создадат слободоумна личност, а ако не се такви, тогаш воопшто не треба да ги промовираме. Тоа се програми од интерес за младите“, тврди таа.

Ивона Војводиќ. Фотографија: Јелена Контиќ

Ивона Војводиќ. Фотографија: Јелена Контиќ

Милјана Пејиќ, генерален секретар на Националниот младински совет на Србија, вели дека национализмот е последица на стратешките политички наративи за поделба, несоодветното медиумско известување и предоминантните култури во овие општества.

„Тоа е последица на наративот што постои во медиумите, кој е сè уште сензационалистички, еднодимензионален и повикува на војна. Ваквиот начин на известување за регионалните настани придонесува за чувството на несигурност кај сите граѓани“, рече таа и додаде дека политичарите често користат ваква реторика. Во такви услови, полесно е да се мразат „другите“, особено кога не постои можност за нивно запознавање.

Според Акри Чипа, истражувач и експерт за надворешна политика во Тирана, во Албанија нема подем на национализмот, но има недостиг на разбирање и познавање на реалноста во соседните земји.

„За жал, ова е проблематична појава на целиот балкански регион. Потребни се повеќе младински размени за младите целосно да можат да ги согледаат условите во кои нивните врсници пораснале и сега живеат“, рече тој.

Незапознаеност со соседите

Националниот младински совет на Србија објавува годишен Алтернативен извештај за положбата и потребите на младите во оваа земја. Пејиќ рече дека во 2021 година, за првпат во четири години е забележан пад на важноста на нацијата и националноста помеѓу младите луѓе 

„Секој втор млад човек е заинтересиран за теми поврзани со националноста, како што е решавањето на прашањето за Косово, ситуацијата во регионот или надворешната политичка ориентација на Србија. Секој петти млад човек (или 22,7%) е заинтересиран за справување со минатото и помирување, а со ова се бележи пад од речиси 10% во однос на 2020 година“, објасни таа.

Табела: Интерес за политички теми, Национален младински совет на Србија

Во однос на Црна Гора, таа рече дека религијата е еден од најважните фактори кои придонесуваат за нацијата/националноста, а во овој случај национализмот доаѓа во својата најочигледна форма. Што се однесува на Албанија, Пејиќ истакна дека поради самиот факт на речиси 50 години изолација и поради јазичната бариера, повеќето млади луѓе во Србија ги сметаат своите врсници од Албанија за туѓинци бидејќи немале шанса да ги запознаат.

Во Црна Гора, прашањето со православната црква создаде тензична ситуација во општеството, а со тоа ги влоши односите меѓу земјите во регионот. Минатогодишната промена на власта создаде дополнителни тензии.

„Ова не е Србија!“ – „E viva Montenegro!“

Цетиње минатата година беше центар на таканаречените „патриотски собири“. Се случија протести против актуелната Влада, а летово имаше и протести против одлуката за устоличување на митрополитот Јоаникије во Цетинскиот манастир. Ситуацијата кулминираше на денот на устоличувањето, кога демонстранти/патриоти го блокираа патот кон Цетиње. Протестот се одржа со поддршка и присуство на лидерот и претседател на Демократската партија на социјалистите и на сите граѓани на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. Се скандираше „E viva Montenegro!“, „Ова не е Србија!“ и „Белведере!“, а патриотите ноќеваа во градот. Mлади луѓе од цела Црна Гора присуствуваа на протестот.

Цетиње е главен град на Црна Гора, симбол на суверенитет, но и седиште на митрополијата на СПЦ во Црна Гора. Устоличувањето на Јонаикије во Цетинскиот манастир беше опишано како окупација на Црна Гора, обид за укинување на Подгоричкото собрание од 1918 година и воведување на Црна Гора во таканаречениот српски свет.

„Можеме да кажеме дека во Црна Гора, за жал, национализмот го достигна својот врв претходната година и, според мене, за првпат се создаде „црногорски национализам“. Нам колку-толку ни се познати српскиот, дури и хрватскиот и албанскиот национализам, но досега не сме имале можност да кажеме дека постои црногорски национализам“, рече Андријана Радовиќ, членка на Младинската мрежа на Црна Гора, која брои 35 организации.

„Сите сме се нашле во ситуација да си помислиме Србите се вакви, Хрватите се онакви и така натаму, сѐ додека не дојдете во ситуација да ги запознаете тие луѓе и да откриете дека размислуваат исто како вас и се борат со истите проблеми“, рече таа.

Експертот за комуникации од Тирана, Едљира Ѓони, објасни дека многу млади луѓе од Западен Балкан не се познаваат добро меѓусебно, бидејќи немале можности за културна размена.

„Без разлика дали тоа е фактот што младите не ги познаваат нашите соседи, би рекла дека тоа е суштината зошто можеби постојат знаци на национализам во однесувањето на нашата младина“, рече Ѓони, додавајќи дека младите од Западен Балкан имаат заеднички проблеми, вклучително невработеноста и желбата да ја напуштат нивната татковина.

Размислувајќи за сопственото искуство пред да стане младинска активистка, и Радовиќ го потврди ова.

„Јас сум личност што можеби претходно била црногорски националист. Додека не почнав да одам на регионални семинари, мислев дека луѓето од Србија се силеџии, дека сите Хрвати се усташи и јас длабоко се поврзував со сето тоа. Не ги ставам сите Срби во ист кош, имав неколку непријатни ситуации во Белград каде ми рекоа дека ние не постоиме како народ, а тоа го слушаме и секој ден на некои канали. Затоа разбирам што предизвикува гнев во одреден дел од Црна Гора. Но веќе не се чувствувам така. Отидов на тој семинар и запознав многу луѓе од тие земји. Се зближив со нив и сфатив дека делиме исти принципи и проблеми“, призна оваа младинска активистка.

Националистичко скандирање на кошаркарски натпревар

Националистичкото скандирање не го заобиколува спортот. Пример за тоа е серијата финални натпревари од регионалната кошаркарска АБА лига во 2019 година кога за пласман во Евролигата се пласираа „Црвена звезда“ од Белград и „Будуќност“ од Подгорица.

Таа кошаркарска сезона на Балканот ја одбележаа нереди на трибините и на кошаркарскиот терен. За време на едно од гостувањата во Белград, летаа столчиња и разни други предмети, хулиганите скандираа „Убиј ги Шиптарите!“, а играчите беа принудени да се повлечат од теренот. Претходниот натпревар во Подгорица го одбележа немил настан, кога синот на тогашниот црногорски министер за внатрешни работи, Мевлудин Нухоџиќ, Амар Нухоџиќ, влезе на теренот во Спортскиот центар „Морача“ и ги плукна играчите на „Црвена звезда“.

Еден од заклучоците на истражувањето „Заеднички иднини: Младинските перцепции за мирот на Балканот“, објавено од УНДП и Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), беше дека низ целиот регион, етничко-националистичките дискурси имаат потенцијал да влијаат негативно на односите со соседите, каде пак се забележува недостаток на конструктивен дијалог и натпреварувачки наративи за минатото, сегашноста и иднината.

Српски и црногорски знамиња. Фотографија: Јелена Контиќ 

„Кога национализмот во одредена група е поинтензивен, тогаш ги имате реакциите на другите групи, во кои можеби до некоја мера се разбудил национализам, но зајакнувањето на еден национализам, особено во Црна Гора, неминовно значи зајакнување на сите други. Сметам дека тоа е многу опасно и за младите и за сите нас“, рече Војводиќ.

Ригељс Џемолари, извршен директор на локалната организација „Ќендреса Ќутетаре“, која ја фокусира својата работа на младите и образованието, рече дека најважниот фактор што ги обликува односите и перцепциите на младите за соседните земји е недостатокот на образование.

„Всушност, албанската младина, поради лошите учебници по историја во училиштата и недоволното спомнување на соседните земји и историските, дипломатските и политичките односи, знае многу малку за тие земји“, објасни тој.

Заедничка историја, заеднички проблеми, заеднички национализам

Акри Чипа смета дека историскиот контекст игра голема улога во Западен Балкан.

„Постојат историски контексти и чувства кои придонеле за тоа, а тоа е типично за сите балкански земји во денешно време“, истакна тој.

Историските елементи придонесоа луѓето да ја гледаат секоја земја со поинакви очи. Со мнозинско албанско население, Косово, кое порано беше српска покраина и прогласи независност во 2008 година, по војната во 1998-1999 година, отсекогаш било прашање на кое различно гледаат двете земји: Албанците тврдат дека тоа е „албанска територија“, а Србите тврдат дека е „српска територија“. И двете земји потхрануваа ист идеал – едната за „Голема Албанија“, што значи „спојување на сите албански земји во една држава“, а другата за „Голема Србија“, што исто значи спојување територии за Србите. Овие две идеи создадоа тензии и погрешни перцепции кај обичните луѓе, што доведе до тоа да се гледаат едни со други како закана и опасност. Тоа е начин да се зголеми етничкото растојание меѓу луѓето и народите, што може да доведе до етнички конфликти.

Знаме на „Голема Албанија“ на фудбалски натпревар

Во октомври 2014 година, на стадионот на „Партизан“ во Белград, фудбалската репрезентација на Србија играше против репрезентацијата на Албанија за квалификациите за УЕФА Евро 2016. Натпреварот беше прекинат по неколку инциденти. Играта беше прекината кон крајот на првото полувреме кога над теренот се појави беспилотно летало на кое беше закачен транспарент со албанско знаме и карта на „Голема Албанија“ на која се прикажани националистичките претензии кон соседните држави, вклучително Србија.

Српски фудбалер го собори знамето, кое потоа, неколку албански играчи се обидоа да го земат. Следеше хаотична тепачка во која учествуваа многу играчи.

Ивана Војводиќ рече дека луѓето во Црна Гора „дефинитивно доживуваат будење на национализмот кај младите“, што се отсликува во интересите на младите.

„Ова може да се види по начинот на кој се однесуваат младите луѓе, музиката што ја слушаат, она што се форсира на нивните собири, прослави, па дури и училишни настани, сè повеќе во жаргонот и сленгот што ги користат, начинот на кој ги искажуваат своите пораки преку графити или нивно учество на одредени собири кои имаат национална или верска конотација“, предупреди оваа активистка.

Радовиќ потсети на некои дискутабилни ситуации во Црна Гора:

„Имавме ситуација кога песните на Томпсон се пееја во Цетиње, имавме и прослава во Тузи кога се бодреше Ослободителната војска на Косово. Во Улцињ, повеќето жители нема да сакаат да ви се обратат на црногорски, туку на албански... Поставувањето поинакви знамиња поради истакнување на својот поинаков идентитет е проблем, а ќе биде уште поголем проблем ако дозволите албански знамиња, но не и српски... Имаме и млади луѓе кои гордо ги посочуваат и величаат воените злосторници. Од друга страна, имавме и луѓе кои на собирот во Цетиње го извикуваа името на Крсто Зрнов Поповиќ, којшто го сметаат за херој“, вели Радовиќ.

Кога станува збор за музиката, еден инцидент од август 2021 година е интересен приказ на различни гледишта и прашање на националистички наративи. Српскиот музичар Горан Бреговиќ беше поканет да пее на локалниот фестивал во Корча, Албанија. Јавноста преку социјалните мрежи бараше забрана за неговиот настап, тврдејќи дека тој поттикнувал масакри за време на војната во Косово. Сите уметници од Косово кои беа поканети се повлекоа од учество на фестивалот. Популарната фудбалска навивачка група „Тифозат Куќ е Зи“ („Црвено-црни навивачи“) неколкупати повикуваше властите да го тргнат Бреговиќ од листата на учесници и порачаа дека ќе направат сѐ за „самите да го тргнат“.

Сепак, концертот се одржа, но беше приведено едно лице кое фрли солзавец за време на настанот.

Марко Милосављевиќ укажа на реторика со којшто се преиспитуваат вредностите на младите.

„Така Драгољуб Михајловиќ и неговиот наследник Ратко Младиќ се денешните национални херои. Ова се должи на тоа што властите испраќаат двосмислени пораки кои се декларативни и кои имаат за цел да промовираат мир и членство во ЕУ, а очигледно се постигнува спротивното – величање на соработниците и воените злосторници“.

Врз основа на истражувањата и интервјуата со експерти и млади луѓе, национализмот и меѓусебното непознавање на народите се сè уште присутни во земјите од Западен Балкан.

Политичкиот наратив што го туркаат политичките лидери, кој вклучува елементи на национализам, им штети на односите меѓу земјите и луѓето. Недостигот од соодветно образование, патување и невработеноста придонесуваат да се зајакнат постоечките перцепции.

Автори: Јелена Контиќ, Фјораљба Синорука и Николија Чодановиќ

За авторот:

Натпревар за млади новинари на „Media for All“

Дванаесет тимови, составени од по тројца млади новинари, од најмалку две различни земји од Западен Балкан, со поддршка на искусни ментори, осум седмици работеа на создавање на регионални приказни, фокусирани на младите. Приказните беа развиени низ програмата, „Media for All“, која е финансирана од Владата на Обединетото Кралство. Одговорноста за содржината и ставовите изразени во овие приказни, ја имаат самите автори.

Author

  • Дванаесет тимови, составени од по тројца млади новинари, од најмалку две различни земји од Западен Балкан, со поддршка на искусни ментори, осум седмици работеа на создавање на регионални приказни, фокусирани на младите. Приказните беа развиени низ програмата, „Media for All“, која е финансирана од Владата на Обединетото Кралство. Одговорноста за содржината и ставовите изразени во овие приказни, ја имаат самите автори.

Поврзани статии:

Со појавувањето на дигиталните алатки, визуелизирањето на податоците и создавањето на извонредни искуства за вашите приказни, никогаш не било
Digital-Journalists-toolkit.png
Поткастот како формат, во последниве години, доживеа раст како на глобално, така и на локално и регионално ниво. Има
7-pitanja-na-koja-treba-da-date-odgovor.

Врвни стории од Journalift:

01-ENG-Vranje-and-Strumica-Teachers-as-Silent-Accomplices-in-Violence-Against-LGBT-Students.png
Дарија и Никола, кои се млади ЛГБТ+ лица од Врање и Струмица, ги поврзуваат истите проблеми со коишто се соочувале за време на школувањето. Тие не се сеќаваат со задоволство на нивните основни и средни училишта, каде што речиси секој ден биле цел на вербални и физички напади. Професорите од кои се очекувало да ги заштитат најчесто го игнорирале

Теми:

Најнови статии:

Врање и Струмица: Професорите неми соучесници во насилството врз ЛГБТ+ учениците
Дарија и Никола, кои се млади ЛГБТ+ лица од Врање и Струмица, ги поврзуваат истите проблеми со коишто се соочувале
Другата страна на пандемијата: Младите од Србија и Северна Македонија херои на заедницата
Сè започна со стравот на малата Анѓела, дека за време на полицискиот час ќе останат без храна со мајка ѝ,
Пандемија на пропусти во образованието на Балканот
Сабота е. Г., студентка по математика на Универзитетот во Приштина, седи пред лаптопот и се обидува да се фокусира додека
Национализмот зема сè поголем замав кај младите: Кој додава масло на огнот?
Младите од Западен Балкан се соочуваат со потешкотии да ја разберат нивната реалност и меѓусебно да се запознаат поради напорните