Подкаст – можност за медиумите и авторите или само краткорочен тренд?

Иван Миниќ

Иван Миниќ

 минути читање

Пред само две години се чинеше како далечна иднина за повеќето корисници на Интернет, но денес многумина од нас слушаат барем еден, а некои дури и повеќе домашни подкасти на неделно ниво.

Популарноста на овој формат се должи на неколку причини. Прво, продукцијата на ваква содржина е поевтина и полесна од другите популарни формати. Второ, ги намалува ограничувањата и им дава повеќе простор на авторите да се изразат. Трето, но не и помалку важно, луѓето се угледуваат на најпопуларните автори и кога неколкумина од нив започнуваат некаква активност, се креира тренд.

Ајде да видиме зошто е тоа така.

Што можеме да научиме од минатото?

За да зборуваме за иднината треба прво да ги согледаме трендовите од минатото.

Иако во светски рамки подкастот како формат е присутен веќе две децении, во нашиот регион стана популарен пред само неколку години и почна да се емитува низ различните медиуми.

Подкастот започна да се шири од страна на блогерите кои одлучија да преминат од пишаниот во аудио формат, како и на радио водителите кои почнаа да ја споделуваат својата содржина на овој начин.

Тоа е всушност и “главната продажна вредност” која ја има подкастот - аудио содржина со слободна форма и времетраење, достапна преку интернет по барање на корисниците (on demаnd) што значи дека можеме да го преслушаме каде сакаме, кога сакаме и како сакаме.

Услов за преземање на оваа содржина е постоење на Интернет конекција, но многу често корисниците на ваква содржина преземаат неколку епизоди на нивниот компјутер или телефон што ќе ги слушаат и кога Интернетот не им е достапен - за време на летовите, патувањата или кога ќе одлучат сами да направат пауза од постојаните нотификации.

Во Србија и во регионот, пионирските обиди да се дистрибуира аудио содржина на ваков начин потекнуваат од 2005 година, кога Б92 реши да ги постави содржините од своите емисии Kažiprst и Utisak nedelje во ваков формат.

Во тој момент YouTube не постоеше, а најголемиот број корисници на Интернет немаа услови, ниту пак инфраструктура да гледаат видео содржина. Содржината на овие емисии и нивната популарност имаа можност да бидат идеален двигател за ваквата содржина, но сепак не го постигнаа тоа.

Зошто е тоа така? Затоа што немаше доволно луѓе кои беа подготвени да слушаат. Немаше доволно интересна авторска соджина, радиото се претвори во комбинација на вести и музика со по некој “talk show” вклучен, аудио книгите сè уште не беа присутни на пазарот, а за да почне да се користи овој нов формат од страна на афирмираните автори, потребно беше да се создаде критична маса. Така, проблемот со кокошката и јацето се најде повторно пред нас.

Блог - подкаст пред подкастот

Сличен феномен се случи пред неколку години со блоговите и блогерите кои беа навистина тренд на краток рок, но за жал многу од нив не опстанаа. Како некој што беше многу активен токму во тој период, можам да кажам дека тоа најмногу се должеше на фактот што очекувањата на повеќето автори беа многу поголеми од пазарната реалност. Во пракса, ова значеше дека многумина не го привлекоа вниманието на публиката што ја посакуваа, немаа можност да заработат од својот блог и не беа подготвени да продолжат со водење на блогот без да го добијат очекуваното.

Секако, имаше и такви кои опстанаа и кои ја развија својата кариера во блогирање во многу насоки, така што некои од нив сè уште се актуелни автори. Платформите можеби се менуваат, но авторите кои сè уште се активни наоѓаат начин да се прилагодат на овие промени.

Најлесен начин да се визуелизира поимот тренд е да замислите што прави еден бран. Некому ќе му го преврти бродот, некој ќе го врати неколку чекори назад, некому ќе му помогне да стигне таму каде што треба побрзо и полесно, а оние што пораснале доволно додека стигне бранот до нив, веројатно нема ни да го почувствуваат.

Кој најчесто преживува во ваква ситуација?

Еден од зборовите што го воведовме во речникот во текот на изминатата година, идеален за илустрација на оваа тема, е прилагодливост, односно чудна комбинација на отпорност, еластичност, флексибилност, што во суштина ги опишува карактеристиките на оние што преживеале револуција.

Трендовите доаѓаат и си одат, како и брановите, оставајќи ги зад себе оние кои растат доволно, оние кои размислуваат долгорочно и не очекуваат брзо задоволување на нивните потреби и очекувања, како и оние кои се профилираат кон одредена целна публика.

Идеално е, се разбира, доколку постои разумна комбинација од овие фактори, а она што со сигурност ќе помогне на патот кон успехот е добар тајминг. Тоа не значи да бидеш прв и пред сите, затоа што тој пат е често тежок. Тоа значи да препознаеш кога пазарот е подготвен за тоа - кога тој бран штотуку започнува и се движи во вистинската насока, доволно мал за да не пречи, но доволно значаен за моментумот што го носи со себе да помогне, а не да го попречува патот кон целта.

Тогаш, кога да се започне?

Кога ја претворате вашата деловна идеја во нов бизнис, обидете се да направите анализа на пазарот за да утврдите дали постои конкуренција и какви се можностите и расположението на целната публика.

Обично, оние што прават нешто исклучително иновативно и револуционерно не поминуваат најдобро - тие прават нешто одлично од што ќе се збогати следната генерација на бизниси, бидејќи пазарот сè уште не го разбира и не е подготвен за производот.

Од друга страна, најголеми резултати честопати постигнуваат оние кои земаат нешто што е општо прифатено (иако сè уште не е популарно), а потоа прават производ кој има одредени специфичности.

Сепак, многу е тешко да се погоди идеалниот тајминг - затоа, подобро е да бидете пред време отколку да доцните, бидејќи иако првото е тешко, второто е честопати безнадежно.

Во оваа прилика ќе издвојам два локални примери:

  1. Daško i Mlađa од класичните медиуми се префрлија на подкаст во сопствена продукција „пред да биде кул“, но тие имаа публика што посветено ја собираа со текот на годините, па нивниот успех можеби не беше загарантиран, но во секој случај беше извесен.
  1. Неколку години подоцна, Галеб Никашевиќ, кој со години ја градеше својата авторска кариера во големите медиуми, реши да започне свој проект Agelast, со цел да има целосна авторска слобода. Иако таквиот потег несомнено бараше многу храброст, беше извесно дека резултатите нема да изостанат. Така и беше - имаше позитивен одзив и од страна на публиката, и од страна на поддршката од спонзори.

Ваквите пионерски обиди на луѓе кои имаат значителен социјален капитал значат привлекување на вниманието на јавноста кон целата заедница на автори и им отвораат можности и на другите автори да се истакнат.

Кои се техничките предуслови за подкаст и зошто медиумите треба да го развиваат овој формат?

За онлајн медиумите кои првенствено се занимаваат со пишана содржина, подкастот нуди можност да се искористат предностите на мултимедијална содржина со најмал почетен влог во ресурси, опрема и сл. Сè што е потребно за почеток е добар звук, а тоа првично може да се постигне со обичен микрофон/бубица кој се поврзува на мобилен телефон, а чини околу 20 евра.

Ваквото техничко решение не е идеално, но е доволно добро за почеток.

Ако сакате нешто посериозно, тогаш два микрофона со држачи, аудио рекордер и слушалки чинат околу 600 евра, а ако сакате да снимате со повеќе од двајца учесници, основниот сет на опрема за аудио подкаст ќе ве чини околу 1.100 евра. Покрај тоа, за звукот да биде навистина чист, пожелно е да се биде во просторија каде што нема бучава и каде што нема многу тврди и цврсти површини (големи маси, прозорци, врати на плакарот), а доколку ги има, пожелно е да се покријат со подебела ткаенина (чаршави, завеси, ќебиња) или материјал за звучна изолација. Всушност, вие треба да создадете импровизирано радио студио во свој простор.

Кога го правевме сетапот за Pojačalo, сакавме да биде што е можно поедноставен, подвижен, за да можеме да го носиме со нас ако патуваме, како и да нема непотребно одвлекување на внимание на гледачите и слушателите - фокусот да биде на разговорот и соговорникот.

Во секој случај - инвестирањето во опрема за подкасти е евтин начин да се произведе голема количина на различна содржина и да им се даде простор на авторите да се изразат на свој начин. Имате можност да ангажирате некој надворешен соработник за опрема кој за само еден час ангажман неделно ќе донесе дополнителна вредност за вас како медиум и за вашата кариера и публика.

Каква улога има видеото во приказната за подкаст?

Иако подкастот првенствено е во аудио формат, тој сè повеќе е придружуван од видео компонента. Звукот мора да биде чист и јасен, а видеото може да доаѓа и од еден телефон, лаптоп, GoPro или некоја друга камера или фотоапарат, и тоа ќе биде сосема доволно. Ако се решите за нешто повеќе - неколку камери и слично, тоа значително ја зголемува цената и ја комплицира продукцијата, а на самиот почетокот всушнот не ви е ниту потребно.

Зошто е важно видеото кога станува збор за аудио формат? Важно е затоа што ви овозможува, покрај платформата за подкасти, да ја пласирате вашата содржина преку YouTube и тоа ви го отвора патот до многу поголем број потенцијални слушатели или гледачи. Аудио публиката доаѓа конкретно вас да ве слушне, а публиката на YouTube честопати ве открива додека бара нешто сосема друго, веројатно со слична содржина.

Запомнете - Google е најголемиот пребарувач во светот, но YouTube е втор по големина веќе долго време.

Видеото исто така е важно и за монетизација, но повеќе за тоа во следниот сегмент.

Дали е можно да заработите од подкаст?

Просторот за реклами и спонзори не треба да ја менува природата и содржината на подкастите, како што е случајот и со другите формати на медиуми, иако тоа не оди така лесно кога се во прашање спонзорите.

Монетизацијата честопати не е можна на самиот почеток, освен ако веќе немате изградена позиција на пазарот и стекната доверба од страна на огласувачите. Ако тоа не е случај, сепак е можно да се заработи од подкаст по некое време - доколку привлечете внимание на значителен број на луѓе од вашата целна публика. Доколку можностите за тоа не дојдат сами по себе (бидејќи пазарот на огласувачи по природа е прилично инертен), преземете иницијатива и сами понудете им простор за реклама.

Исто така, обидете се да ја активирате заедницата што сте ја собрале и мотивирајте ги да го поддржат она што го правите преку донации или преку Patreon. На почетокот, добиениот износ можеби не е голем, но како и многу други работи, така и ова се акумулира и со текот на времето може да стане значаен извор на приход.

Некои од најдобрите креатори на содржини од овие простори веќе остваруваат приход од своите подкасти, и честопати публиката што ги поддржува се нашите луѓе од дијаспората, за кои таквата поддршка не претставува значителен финансиски товар и кои се навикнати да плаќаат за квалитетна содржина.

Се разбира, секогаш имате опција содржината што ја произведувате да биде бесплатна, но да ви служи за промовирање на вашите комерцијални услуги на потенцијалните клиенти - и често професионалните блогови, Интернет магазините, каналите на YouTube и подкастите работат според овој модел.

Практиката ни покажува дека ќе ви биде полесно да ги комерцијализирате подкастите доколку покрај аудио, имате и видео компонента, бидејќи таму може да се види брендот, дури и да е дискретно претставен, а кај нас, за жал, клиентите сепак сакаат да го гледаат своето лого во кадарот.

Пример за ова е SportKlub, кој неколку години се обидуваше со аудио подкасти а сепак имаше многу скромна, иако посветена публика, но со вклучување и на видео формат тие добија многу повеќе слушатели/гледачи и голем интерес од страна на спонзорите.

Како да се започне со подкаст?

Изберете тема и посакувана публика, подгответе ја опремата и тестирајте ја. Потоа направете план за првите најмалку 25 епизоди и доколку имате гости, испланирајте имиња за најмалку 50 епизоди. Кога започнав со Pojačalo, напишав 80 имиња на еден список и редовно ги ажурирав. Сега тој список има над 200 имиња, а досега се објавени 104 епизоди на Pojačalo.

Кога правите вакви списоци, треба да имате предвид дека не секогаш секој ќе може да ви стои на располагање само кога вам ви одговара, и би било одлично да имате план кој е доволно флексибилен.

Овој список редовно ќе го ажурирате со идеи во наредниот период.

Пред да преземете понатамошни чекори, направете договор со себе и со вклучените колеги да ѝ дадете шанса на оваа идеја верувајќи во неа барем додека не ги снимите првите 25 или 50 епизоди.

Потоа, ако темата која ја обработувате не треба да биде актуелна баш во моментот на објавување на епизодата, снимете неколку епизоди во серија. Тогаш сте подготвени да ја објавите првата епизода, без да се грижите дали следната недела навремено ќе ја подготвите новата епизода.

Секоја недела снимајте уште една или две епизоди и обидете се да имате секогаш една резерва, бидејќи подкастот е формат каде контнуитетот и хронологијата се важни, а околностите за снимање не секогаш се предвидливи.

И да, ако не сте сигурни дали ќе можете - запомнете дека првиот пат е тежок, вториот малку полесен, а по петтата епизода сè оди неспоредливо полесно и да, дури и ако не научите ништо друго во овој процес, доволно е. Пред да го снимам првиот подкаст, направив повеќе од 300 интервјуа и имав стотици јавни настапи, па сепак беше непријатно искуство за мене. Но, единствениот начин да напредуваме е да се предизвикаме самите себе и да реагираме на тој предизвик!

Среќно и не се откажувајте!

За авторот:

Иван Миниќ

Иван Миниќ е стручно лице со меѓународно искуство за маркетинг и ИТ . Тој е основач на една од најголемите онлајн заедници во балканскиот регион со повеќе од 2 милиони корисници (форум „Burek“) и самостоен претприемач со започнати неколку бизниси („Moja Pijaca“, „Burgos“ – бургер бар). Иван е домаќин и уредник на Појачало – подкаст за претприемништво што достигнува до 5.000 претплатници. Иван соработувал со медиуми од Србија и Босна и Херцеговина, помагајќи им да го развијат своето присуство на Интернет и да ја зголемат својата публика. Тој предаваше управување со проекти за студенти на Дигитален маркетинг на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград.

Author

  • Иван Миниќ е стручно лице со меѓународно искуство за маркетинг и ИТ . Тој е основач на една од најголемите онлајн заедници во балканскиот регион со повеќе од 2 милиони корисници (форум „Burek“) и самостоен претприемач со започнати неколку бизниси („Moja Pijaca“, „Burgos“ – бургер бар). Иван е домаќин и уредник на Појачало – подкаст за претприемништво што достигнува до 5.000 претплатници. Иван соработувал со медиуми од Србија и Босна и Херцеговина, помагајќи им да го развијат своето присуство на Интернет и да ја зголемат својата публика. Тој предаваше управување со проекти за студенти на Дигитален маркетинг на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград.

Поврзани статии:

Промените условени од технолошките иновации секогаш доаѓаат од најразвиените земји каде се наоѓа седиштето на најголемите технолошки компании, но
Korak-po-korak-od-faze-bez-prihoda-do-monetizacije
Ако погледнеме неколку децении, па дури и векови наназад, ќе видиме дека медиумите и рекламирањето се неразделни. За тоа
До пред неколку децении, медиумите немаа многу начини да откријат што навистина размислуваше нивната публика за содржината што ја
Engagement-editor-novo-zanimanje-medijske-industrije

Врвни стории од Journalift:

00-Employment-of-persons-with-disabilities-achieves-their-inclusion
Лицата со попреченост се една од маргинализираните групи во Босна и Херцеговина и Србија, којашто секојдневно се соочува со дискриминација и стигматизација. Сè уште официјално не е усвоена дефиниција за лице со попреченост во БиХ, иако БиХ ја усвои Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Во Србија, пак, според законот, поимот „лица со попреченост“ значи „лица
„Хиперлокално“ веќе подолго време е многу употребуван збор во медиумите. Бидејќи концентрацијата на сопственоста на традиционалните медиуми и пенетрацијата

Теми:

Најнови статии:

Јун 27
Лицата со попреченост се една од маргинализираните групи во Босна и Херцеговина и Србија, којашто секојдневно се соочува со дискриминација
Јун 20
Во моментов, Рамизе Салихај е на одмор со семејството дома во Косово, за првпат откако започна да работи како медицинска
Јун 17
„Хиперлокално“ веќе подолго време е многу употребуван збор во медиумите. Бидејќи концентрацијата на сопственоста на традиционалните медиуми и пенетрацијата на
Јун 13
Ниска е свеста дека голем број деца и адолесценти страдаат од разни видови ментални здравствени проблеми, како и дека здравствените