Другата страна на пандемијата: Младите од Србија и Северна Македонија херои на заедницата

 минути читање

01-The-Other-Side-of-the-Pandemic-Youth-from-Serbia-and-North-Macedonia.png

Сè започна со стравот на малата Анѓела, дека за време на полицискиот час ќе останат без храна со мајка ѝ, со којашто живеат на раб на егзистенција во планинско село во Јужна Србија. Матурантката Тамара Мисирлиќ од Врање за време на вонредната состојба предизвикана од пандемијата на Ковид-19 им купувала намирници од нејзината стипендија и поминувала по 50 километри за да им ги достави на Анѓела и мајка ѝ. После 18 месеци, бројот на семејства на коишто им помагала се искачил над 40. Некои од нив дури и добиле кров над главата.

Слична е приказната и на семејството на Марија Пејковиќ, самохрана мајка на три деца од Радоњица, близу Лесковац. И двете ќерки ѝ се болни, Миљана (18 г.) страда од синдромот Вилијамс, а Ангела (13 г.) има оштетен вид. Марија, како и ќерките и синот Миљан (16 г.), сопругот ја напуштил уште кога децата биле малечки. По неколку операции на 'рбетот, таа не е способна да работи. До неодамна ова семејство спиело, јадело и се капело во иста просторија, во старата трошна куќа. Тамара им помогнала да не ја дочекаат зимата на истото место.

Една од многуте причини поради кои им помага на „невидливите луѓе“ е тоа што стои цврсто на ставот дека „никој не заслужува да се чувствува отфрлено“, вели Тамара, која годинава се запиша на два факултети со максимален број бодови. Таа има вродена полидактилија и пред да се оперира пред неколку години имала по шест прсти на рацете и нозете. Поради суровата средина во којашто живее, ѝ останале и невидливи лузни.

Тамара и семејството Пејковиќ пред новиот дом на семејството Пејковиќ. Фотографија: Сања Петров

„Многу добро ми е познато како е да си отфрлен и какви погледи ти упатуваат кога си поинаков. Никој не го заслужува тоа“, вели Тамара.

Со истото се соочуваат и две девојки од Скопје, коишто пред 12 години се запознале во соба на одделот за онкологија на Клиниката за детски болести. Едната на крајот, а другата на почетокот на хемотерапијата. Тие денес знаат со што се соочуваат децата заболени од рак и колкава е нивната потреба да имаат некој крај себе што ќе им помогне и ќе ги води низ целиот процес, па токму затоа и волонтираат на клиниката.

Преку здружението „САНО“, на Теодора и Андријана им се придружи Илда. Ги обединува болеста, губењето на косата поради хемотерапијата, но и нешто многу поголемо – нивните карактери и желбата да помогнат. Минатата година, кога светот застана поради коронавирусот, тие не застанаа. За време на епидемијата, започнаа со акцијата за донирање коса и изработка на перики за децата кои се лекуваат на одделот за онкологија на Клиниката за детски болести.

Фотографија: Фотографијата е преземена од официјалната страница на „САНО“ на „Фејсбук“.

Кризата ги парализираше младите, но тие помагаат кога некој ќе ги повика

За време на епидемијата, во Србија на прсти се броеја младите како Тамара и девојките од Скопје. Според истражувањето на Националниот младински совет, едвај 22,6 проценти од населението ѝ помогнало на заедницата за време на кризата со Ковид-19, од кои повеќето тоа го сториле самоиницијативно.

Од друга страна, иако на прв поглед се пасивни и загрижени, младите во Северна Македонија сè повеќе се ангажираат кога станува збор за поддршка на менталното здравје и вршење притисок врз институциите за подобрување на нивната состојба, велат нашите соговорници од Младинскиот образовен форум (МОФ).

„Поради оваа ситуација, повеќето млади страдаат од анксиозност, депресија, нарушен сон и нарушена општа состојба“, истакнуваат од МОФ.  

Принудени да го променат начинот на живот, младите се соочуваат со губење на приходите. Од почетокот на вонредната состојба до октомври годинава, во Северна Македонија без работа останаа 4.518 лица помлади од 34 години, а стапката на невработеност се зголеми за 12,10 проценти. Државата се потруди да помогне, но поддршката за младите не беше доволна, велат од Младинскиот образовен форум.

Во иста „каша“ се наоѓаат и младите од Србија. Според истражувањето на Мисијата на ОБСЕ во Србија и Националниот младински совет, околу 56 проценти од вработените лица ги изгубиле редовните приходи за време на вонредната состојба. Поточно, 24,7 проценти од младите вработени продолжиле да работат од време на време, додека над 21,7 проценти од нив добиле отказ. Како што си доаѓаа и си одеа брановите, околу 9,1 проценти од отпуштените лица беа вратени на работа, но 12,6 проценти од нив останаа без никакви приходи поради коронавирусот. Во поголемите средини како Скопје, каде што има здруженија на граѓани кои имаат волонтери, справувањето со кризата се чини полесно, и покрај невработеноста.

Меѓутоа, кога станува збор за место како Врање, постојат малку можности за напредување на младите, вели нашата соговорничка, социологот Милица Анѓелковиќ Јовановиќ. Според неа, невладиниот сектор речиси и не постои. Неформалните групи тешко опстануваат, бидејќи главно се на волонтерска основа, а партиските активисти се вклучени во ад хок активности поради лични интереси, без личен и „човечки мотив вистински да се ангажираат“, вели Анѓелковиќ.

„Младите кои од срце би сакале да ги променат нештата, тешко успеваат да најдат начин и поддршка да го сторат тоа. „Бомбардирани со евтина забава од сите страни, тие мечтаат за удобен живот и да го напуштат родниот град. Избираат енергијата да ја насочат на заминување, без да се обидат да променат нешто во својата земја“, истакнува таа.

За разлика од нивните родители, кои ги преживеаја деведесеттите, војните и инфлацијата, оваа генерација за првпат се соочува со голема криза, на глобално ниво. Истовремено, државата ги смета младите за дежурни виновници за ширењето на вирусот. Затоа и не е чудно што се парализирани и не преземаат ништо среде кризата којашто ги загрози најдобрите здравствени системи во Европа. Но затоа, наместо од нив, во Врање имаше реакција од постарите генерации.

Болницата во овој град, во којашто во еден момент 200 хоспитализирани пациенти беа во неизвесност дали ќе има кислород за нив, епидемијата ја пречека без доволно сталаци за инфузија, лекови, маски за кислород, постелнина, манометри, основни медицински материјали... Неформална група граѓани, со логистичка поддршка од Центарот за транспарентност и општествена одговорност на медиумите, организираше и успеа значително да ги подобри условите во ковид-центрите за само три недели.

Една година подоцна, во заедницата се појави потреба да им се помогне на децата од Врање кои поради коронавирусот останаа без едниот или двајцата родители, за што нашата соговорничка Милица Анѓелковиќ Јовановиќ упати апел преку објава на „Фејсбук“. За кратко време, на апелот одговорија стотици жени. Се основаше и организацијата „Женски фронт на солидарност“, којашто овој август на добротворниот бал собра над 5.000 евра и 26 директни донации.

Децата чии родители починаа од корона нема да смрзнуваат од студ зимава. Фотографија: „Женски фронт на солидарност“. 

Наташа Стојиљковиќ, докторка од Здравствениот дом во Врање, ѝ се придружи на групата која им го олеснува животот на децата од 20 семејства коишто изгубија член на семејството поради коронавирусот. Таа вели дека младите можеби се чувствуваат летаргично и апатично, но без нивната помош немаше да успеат на терен.

Се чини дека не ѝ се гледа крајот на пандемијата. Но, маските што ги носиме повеќе од година и половина не го пригушуваат гласот на младите. Овие девојки служат за пример дека младите од овие простори дефинитивно се глас, а не ехо.

Авторки: Теодора Цветковска (Северна Македонија), Теодора Новеска (Северна Македонија) и Сања Петров (Србија)

Дванаесет тимови, составени од по тројца млади новинари, од најмалку две различни земји од Западен Балкан, со поддршка на искусни ментори, осум седмици работеа на создавање на регионални приказни, фокусирани на младите. Приказните беа развиени низ програмата, „Media for All“, која е финансирана од Владата на Обединетото Кралство. Одговорноста за содржината и ставовите изразени во овие приказни, ја имаат самите автори.

Поврзани статии:

Претприемништвото отсекогаш била најбурната и најдинамичната гранка на бизнисот. Многумина се обиделе и не успеале. Повеќето претприемачи кои се
5-stvari-koje-mediji-mogu-nauciti-od-preduzetnika
Мнозинството вработени во непрофитниот сектор, често се соочуваат со слична фрустрација – зошто темите со кои се занимаваат и

Врвни стории од Journalift:

Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата, па дури и интернетот во 20 век. Тоа е технологија која трајно ќе го преобликува општеството. За многумина од нас, вештачката интелигенција значи она што сме го научиле од повеќето дистописки филмови (Одисеја 2001, Терминатор, Матрикс, Блејд Ранер, …).
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува

Теми:

Најнови статии:

Навигација на ветувањата и опасностите на вештачката интелигенција: Што секој медиумски професионалец треба да знае за ЧетГПТ
Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата,
Разбијте го кодот: Како да разговарате со програмерите за (ре)дизајнирање на веб-страницата на вашиот медиум
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува да
Како ЧетГПТ (ChatGPT) ќе ги промени новинарството и медиумите?
Го замолив ЧетГПТ да го напише овој текст за мене. Секако дека го направив тоа. Поставував и преформулирав прашања, за