Зошто дигиталната хигиена денеска е важна, исто како и личната?

Што е првото нешто што го правите, кога ќе се разбудите – се миете, четкате заби, читате пораки на телефон и на социјалните мрежи? Ако можете да ставите знак на еднаквост помеѓу овие постапки, штотуку ја изедначивте дигиталната хигиена со личната, што по автоматизам ја извршувате секое утро. А дали го правите тоа кога станува збор за вашата безбедност на интернет? Закани со напад, со силување, со убиство. Мизогини и родово базирани коментари. Погрдно коментирање на нејзиниот физички изглед или семеен статус. Пласирање на лажни информации, со цел репутацијата да ѝ биде уништена. Ова се пораките кои секојдневно ги добиваат новинарките во Србија. Вакво искуство имала секоја трета новинарка, која учествувала во истражувањето на Независното здружение на новинари на Србија, во 2020 година. Дали таа бројка може да биде помала, ако ја зголемиме дигиталната хигиена? Постои ли начин да се заштитиме?
Бојана Костиќ и Андреј Петровски од Фондацијата SHARE, се специјализирани за прашањата за дигитална безбедност, особено безбедноста на новинарите и новинарките во онлајн сферата. За Journalift објаснуваат какви сѐ форми на вознемирување на интернет постојат, како правилно да сe реагира на нив и да се намали штетата, како истите да се документираат и како да се заштитиме себеси. Journalift: На какви видови на дигитално насилство, односно онлајн вознемирување, најчесто се изложени новинарите и новинарките? SHARE: Онлајн вознемирувањето и дигиталното насилство, како и сите нивни форми, тешко можат да се објаснат на едноставен начин. Тоа е збир на различни тактики, кои имаат за цел да ги заплашат, да ги дискредитираат новинарките, како и да ја манипулираат јавноста во врска со нивната работа, нивниот приватен живот или изглед. Многу почесто отколку што е познато, онлајн насилниците успеваат да замолчат одредени новинарки, да влијаат на начинот на кој се пишува и да ги натераат да се чувствуваат и да се однесуваат поинаку, како во јавноста, така и во приватниот живот.  Многу честа форма на насилство, која ретко се препознава како форма на вознемирување, па затоа понекогаш се смета и како составен дел од новинарската професија, се навредите и омаловажувањето, кои се однесуваат на различни погрдни зборови и однесување на интернет, кои имаат за цел да го деградираат достоинството, репутацијата и општествената положба на новинарките и на новинарството. Кога станува збор за групен напад на една или повеќе платформи во исто време, тогаш навредата преминува во тролање или флејмување, што има за цел да измами одговор од новинарката, односно да ја вовлече во дискусија во која ќе продолжат да ја омаловажуваат и да ја деградираат. Постојат и помалку експлицитни форми на онлајн вознемирување, кои не можат да бидат подведени под едно заедничко име, а станува збор за различни форми на онлајн притисоци врз слободата на изразување или лажно обвинување, кои можат да дојдат од политичкиот врв или од други центри на моќ, и да се прелеваат во онлајн  просторот, но и обратно.  Посериозни форми на напади се говорот на омраза и онлајн мизогинијата. Целта на ваквите пораки и коментари е деградација и заплашување, преку таргетирање на физичкиот изглед, начинот на живот и користење на позициите на моќ во општеството, за да се понизи новинарката, а неретко се случува говорот на омраза да премине во закани за силување или убиство. Одредени обрасци на онлајн однесување, може да се трансформираат во онлајн демнење, при што на интернет внимателно и систематски се следат нејзиното однесување и движење. Како и во случајот со демнењето, манипулацијата со личните податоци (доксинг) е форма на вознемирување која е овозможена со карактеристична интернет структура, каде што податоците во овој случај намерно се ставаат на платформите, на пример, во делот за коментари, за да се испрати јасна порака до новинарката дека е набљудувана и за да се влијае на другите корисници на мрежата, да се вклучат во овој или во друг вид на напад. Дополнително, одмаздничката порнографија е, исто така, форма на вознемирување и дискредитирање, што е донекаде несмасно именувана, бидејќи всушност се работи за создавање или споделување на материјал со сексуално експлицитна содржина, што се дистрибуира или креира без согласност на новинарката.  Онлајн вознемирувањето ретко се задржува во една форма на напад и често преминува од една во друга форма. Овој полиморфизам го отежнува препознавањето на овој проблем, како напад на личната безбедност. Прочитајте повеќе за формите на напад: Погледнете уште еден онлајн курс на оваа тема:
Journalift: Накратко опишете ги карактеристиките на секој од овие видови дигитално насилство – како да се препознае? SHARE: Онлајн вознемирувањето е скриено од јавноста и се случува зад екранот, но поради неговите различни форми на појавување, на постојаната иновативност на напаѓачите, како и на можноста за истовремено вознемирување на повеќе платформи, сè потешко е да се утврдат општите карактеристики на нападот. Кога зборуваме за навредата и омаловажувањето – во контекст на новинарките – најчесто се работи за вербални напади, со зборови, фотографии, мимики и слично – на профилите на социјалните мрежи или во делот за коментари. Целта е да се деградира достоинството на новинарката и да се дискредитира нејзината новинарска работа. Слично е и со тролањето и флејмувањето, со притисоците врз слободата на изразување, лажните обвинувања, кои, покрај на општо познатите онлајн места (деловите за коментари) се појавуваат и на анонимни онлајн портали, креирани главно заради дискредитирање, како и, на пример, на Јутјуб видео содржините на одредени јавни личности, кои ги користат овие платформи и имаат голем број на следбеници, со цел справување со новинарките, но и со проверувачите на факти. На овој начин, навредите, тролањето и другите распространети облици на дискредитирање, им испраќаат сигнали на дигиталните насилници, да продолжат со заплашувањето и јавниот линч (таканаречена асасинација на карактерот) преку говорот на омраза, онлајн мизогинијата и заканите. Во таква атмосфера, може да се очекува вознемирувањето да се прелее надвор од онлајн просторот или да прерасне во потешки форми на онлајн вознемирување, кои експлицитно влијаат на безбедноста на новинарката, како физичка, така и ментална. Имено, онлајн демнењето е сериозен вид на надгледување, кој е крајно опасен во интернет просторот, бидејќи е речиси невозможно новинарката да знае дека некој ја набљудува, а набљудувачот, преку анонимни профили, или, на пример, преку пораки на Вибер и Вотсап, ѝ дава до знаење дека е присутен. Од друга страна, оставајќи ги личните податоци на новинарката (матичен број, адреса, телефонски број и слично – т.н. доксување) на повеќе посетуваните содржини, како што се коментарите на каналите на Јутјуб, затворените групи или групи за разговор, не само што нејзината безбедност директно се загрозува, туку проблем е и тоа што можноста за отстранување на овие податоци е многу ограничена, како во случајот со одмаздничката порнографија, која е уште поопасна, бидејќи приватноста и интимата на новинарката, преку овој вид на напади, станува дел од јавниот простор. Сите овие форми на вознемирување треба да се сметаат за подеднакво опасни. Прочитајте повеќе за формите на напад: 
Journalift: Кои платформи најчесто ги користат напаѓачите? SHARE: Поради исклучителната популарност на Фејсбук на просторот на Западен Балкан, се претпоставува дека поголемиот дел од нападите се случуваат или барем делумно се прелеваат и минуваат низ оваа платформа. Но, бидејќи се работи за напад, подобро кажано напади, кои имаат различни компоненти, потребно е да се разбере на какви сѐ начини, социјалните мрежи и дигиталните технологии, се користат за вознемирување. Прво, нападот може да дојде од читател, познаник, трол, анонимни медиуми, ботови, па дури и од пријатели и (поранешни) колеги и партнери, но речиси по правило е идеолошки обоен со различни вредносни ставови, како и беспризорност. Второ, нападот може да има различни форми и да биде канализиран низ различни медиуми (блог, коментар, е-пошта, директна порака, слика, меме, објава на социјалните мрежи, текстуална порака или видео). Трето, нападот може да се случи во поединечен онлајн простор, а може истовремено да се случи и на повеќе, како што се социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Инстаграм, ТикТок) или на каналите за комуникација како Редит. Форчен, Дискорд, итн. Напаѓачите можат да се појават спорадично, како тролови или незадоволни читатели, кои ги оставаат своите пораки на случајно избрани места (на пример во делот за коментари) – ова инаку се нарекува прва генерација на вознемирување. Кога поголем број на анонимни корисници, како и индивидуи под своите лични имиња, ќе се вклучат во нападот врз една  новинарка, станува збор за групен напад. На крајот, кога здружени групи напаѓачи, поврзани со интерес, целат одредена новинарка или дури и  новинарки, кои ги поврзува само фактот дека се новинарки и жени, тогаш вознемирувањето прераснува во идеолошка пресметка, каде родовата припадност примарно се користи за да се постигне целта – заплашување и деградација. На крајот, заедничките напади кои доаѓаат од различни центри, најчесто оркестрирани, па дури и планирани, насочени кон групи новинари и новинарки, кои, на пример, покриваат слични теми или работат во иста редакција, се повеќе познати како манипулација од големи размери, односно четврта генерација на вознемирување. Прочитајте повеќе за оваа тема:
Journalift: Дали и како е можно да се блокираат или избришат несаканите профили, коментари или вознемирувачка содржина? SHARE: На новинарките често им се советува привремено да се држат настрана од социјалните мрежи или проверувањето на е-поштата и пораките, да им го остават на свои блиски пријатели. Иако овие техники можат да ги ублажат моменталните последици и стресот, предизвикани од вознемирувањето, многу е неблагодарно да се даваат вакви совети. Новинарките можеби многу повеќе отколку другите корисници на социјалните мрежи и дигиталните технологии, се зависни од интернетот, бидејќи тие не само што дистрибуираат „информации од јавно значење“, туку и комуницираат со нивните извори, собираат информации, водат интервјуа и одржуваат контакти со својата публика. Поради сето ова, новинарките постепено станаа и јавни личности, чиј професионален и личен живот е под лупата на јавноста, исто како што е тоа случај со другите јавни личности од светот на политиката и уметноста. Ова секако е една од причините зошто овие напади зачестија, но, воедно, тоа и ја отежна можноста, потпирајќи се на механизмите на социјалните мрежи и воопшто на дигиталните технологии, да се превенира и спречи нападот. Ова не значи дека постоечките механизми, како што се означувањето на вознемирувачка содржина, блокирањето, бришењето и криењето на коментарите и другите видови на пријавување за ваква содржина, се неефикасни. Има индиции дека на Фејсбук и на Инстаграм, директните форми на закани, говор на омраза и вознемирување, до одреден степен се отстрануваат по пријавувањето, што генерално не е случај со пријавувањето  на цели профили или сметки. Затоа, понекогаш има повеќе смисла да се  пријават повеќе пораки од ист корисник, отколку целиот профил, а и помошта од пријателите и колегите кои, исто така, ќе испратат пријава за блокирање на истата сметка, може да помогне. Сепак, посериозните форми на напади, како што се онлајн демнењето, манипулацијата со личните податоци и создавањето и споделувањето на сексуално експлицитна содржина, без согласност на новинарката (т.н. одмаздничка порнографија), тешко можат да се контролираат преку постоечките механизми за заштита на социјалните мрежи, поради што новинарките (како и лицата што пружаат поддршка) треба насилството да го пријават во полиција, континуирано да ги користат достапните опции на социјалните мрежи, но и да го документираат нападот, со чување и бележење на врските, објавите, веб-страниците и слично, на кои се наоѓа оваа вознемирувачка содржина. Овие докази треба да се достават во полиција, но и да се приложат кон пријавата до социјалните мрежи. Прочитајте повеќе за механизмите на платформите:
Journalift: Како да се отстрани спорната содржина од социјалните мрежи? Дали и во кои ситуации администраторите се должни да го сторат тоа, доколку таргетираното лице ова го побара? SHARE: Во зависност од онлајн просторот, каде се наоѓа вознемирувачката содржина или од кој доаѓа вознемирувањето, постојат различни, но ограничени можности и во однос на самата ефикасност, и во однос на опциите за реагирање. Ако навредите и говорот на омраза, се наоѓаат во делот за коментари на медиумските организации, во тој случај, главно, ќе има или копче за пријавување или форма што може да се пополни и со неа да се побара отстранување. По приемот на оваа пријава, медиумот е должен да реагира и да донесе одлука за отстранување. Доколку тоа не се случи, секогаш постои можност за јавно „прозивање“ на нивните сметки на социјалните мрежи или користење на хаштагови. Потребно е да се разбере дека медиумите имаат можност да ја отстранат вознемирувачката содржина и од деловите за коментари, и од социјалните мрежи. Едното не го исклучува другото, но затоа е потребно точно да се наведат одредените сметки, содржини и материјали, чие отстранување се бара. Секако, има ситуации кога не е секогаш јасно дали се работи за вознемирување или слобода на изразување, иако овие случаи се исклучително ретки, кога станува збор за дигиталното насилство. Меѓутоа, доколку модераторот одлучи да ја задржи содржината, бидејќи таа спаѓа во спектарот на слободата на изразување, потребно е да се укаже на сопствените причини и да се инсистира на отстранување, за што постои поголема можност кога станува збор за содржина на медиумските профили, отколку на социјалните мрежи. Социјалните мрежи претежно спроведуваат автоматско детектирање на содржината, па во овој процес ретко се појавува човечко суштество. Ситуацијата е значително посложена, кога цела редакција или група новинарки се под истовремен напад или кога станува збор за комплексни видови на напади, како што се доксингот или одмаздничката порнографија. Во такви случаи, модераторите на содржината се обврзани да ја отстранат содржината, под закана од кривична одговорност. Покрај барањето за отстранување, и директното контактирање со медиумот или организацијата, односно фирмата итн., на чија страница се наоѓа ваквата содржина, е задолжителна мерка за заштита. Социјалните мрежи засега се сè уште бавни и многу ретко ефикасни, па затоа е неопходна соработка со полицијата, со цел да се направи обид таквата содржина да се отстрани, преку нивните канали на соработка со социјалните мрежи. Прочитајте повеќе за отстранувањето на вознемирувачката содржина:

Journalift: Како да се заштитиме, односно постои ли начин да се спречи вознемирувањето на интернет?

SHARE: Новинарството во земјите од Западен Балкан, е ризична работа за личниот интегритет и безбедноста на новинарите, па прашањето е, кога нападот ќе се случи, а не дали ќе се случи! Сè додека ситуацијата е ваква, потребно е да се одржува култура на безбедност, како на личен план, така и во редакциите, но и во асоцијациите и здруженијата, а таа подразбира серија различни аспекти.

Прво, физичката безбедност и целосното чувство на сигурност, се предуслов за другите видови на безбедност.

Со тоа е поврзана и менталната безбедност и емоционалната стабилност, кои имаат многу различни нијанси и елементи за новинарките. Затоа е важно да се избере само видот на „ментална обука“, што ќе ѝ овозможи на новинарката, кога ќе се соочи со напад, истиот да го надмине и да се соочи со него, доколку донесе таква одлука. Некогаш тоа ќе значи подготовка на план за ризици, што значи однапред да се има подготвени низа можни сценарија, по објавување на некој текст или јавен настап. Овој план ги зема предвид потенцијалните напаѓачи, формите на нападите, како и реакциите од новинарката, редакцијата и кругот на поддршката, но и од полицијата, доколку е потребна асистенција.

За време на самиот напад, некои новинарки се чувствуваат подобро и позаштитено, доколку им се спротивстават на своите напаѓачи, но нивното игнорирање е, исто така, добра опција. По нападот, заштитата значи следење на сопствената состојба и работа на оние активности и работи, кои се во согласност со ситуацијата и можностите. Без разлика на видот на заштита што ќе го избере новинарката, високото ниво на дигитална хигиена и дигитална безбедност, во секој случај, е исклучително важен вид на заштита и е дел од културата на безбедност, кон која треба да се тежнее.

Не постои начин еден напад да се спречи, но има начини новинарките да се заштитат од нив, пред, за време и по нападот.

Прочитајте повеќе за формите на заштита:

Дополнителни ресурси:

Како си?

https://journalift.org/mk/како-си/