Финансиската нестабилност го одлага осамостојувањето на младите

 минути читање

Financial-Struggles-Delay-Youngsters-Independence-from-Parents.png

Економската перспектива за младите во Србија и Албанија и понатаму останува ограничена и честопати претставува главна причина поради која тие не може да се осамостојат во нивните рани дваесетти години. 

Иселувањето од домот на родителите подразбира тешки пресметки, планирање, а понекогаш и да се погодат среќни околности, како и повеќекратно одложување доколку сте млад човек што живее во Србија или Албанија. Младите коишто се стремат да се осамостојат, односно да живеат сами или со партнер, честопати имаат нестабилна или ниско платена работа и едвај врзуваат крај со крај. Некои од нив одлучуваат да чекаат да дојдат подобри времиња, додека, пак, други одлучуваат да се преоптоварат со работа.

За 26-годишната Марина осамостојувањето пред три години беше сериозен потфат. Додека се навраќа на нејзиното искуство и на искуството кое со неа го споделиле нејзините пријатели и соработници, таа ги истакнува финансиските потешкотии со кои се соочуваат младите во Србија.

„Младите се условуваат да работат како волонтери и да работат ниско платена работа. И потоа се прашувате зошто младите ја напуштаат државата. Едноставно е невозможно да изнајмите стан во Белград и да живеете самостојно со првата работа, ако се земе предвид дека просечната почетна плата е 40.000 динари (340 евра)“, вели Марина, уредничка на списание за млади и докторанд на Факултетот за драмски уметности.  

Благодарение на „среќната околност“ што нејзините родители ѝ обезбедиле стан, таа може истовремено да работи и студира и да живее во главниот град на Србија. Таа вели дека фазата во којашто се наоѓала нејзината врска „совршено се поклопила“ со времето и влијаела на одлуката да го направи чекорот да се исели од домот на нејзините родители.

„Тоа ми влијаеше и ме поттикна да се осамостојам, бидејќи тогаш не бев сама, а кога сте заедно со некого и не е толку тешко. Дефинитивно, да требаше да одлучам да живеам сама, ќе се одлучев многу подоцна и многу потешко, особено од финансиски причини“, ни објасни таа.

Борбата да се исели од домот на родителите, отежната поради финансиската состојба, му е добро позната и на 31-годишниот Ерси од албанскиот град Скадар. Тој и неговата сопруга, кои се венчаа пред шест месеци, сега треба да работат на три работни места за да ги покријат месечните трошоци за живот, а понекогаш, како што истакна, и тоа не е доволно.

„Како млада брачна двојка, имаме кирија за плаќање на крајот на месецот. Според мене, невозможно е со две плати да се покријат месечните трошоци“, рече Ерси и додаде дека со тоа што мора да работи толку многу, останува малку простор за квалитетно поминато време со неговата сопруга.

Желбите наспроти реалноста

По завршувањето на формалното образование, шансите да се најде добро платена работа и шансите за иселување од семејниот дом се навистина мали во овие две земји од Западен Балкан. Податоците на Евростат покажуваат дека во Србија, просечен млад човек има 31 година кога ќе одлучи да го напушти домот на родителите, што е значително над просекот, бидејќи во Европската Унија, млад човек на возраст од околу 26 години го напушта домот на родителите. Не постои достапно истражување за Албанија коешто ја содржи информацијата на која возраст просечен човек го напушта домот на родителите, но според некои студии тоа возраста помеѓу 26 и 29 години.

Научниот соработник на белградската Фондација за унапредување на економијата, Немања Вуксановиќ, ни појасни на кој начин несоодветните работни услови и компензациите ги прават младите финансиски немоќни.

„Дури и кога ќе се вработат, младите се соочуваат со разни негативни ставови во однос на висината на нивната плата и договорите за вработување, и она што го покажа истражувањето е дека младите во Србија, откако ќе се вработат, заработуваат многу помалку од просечната плата што ја добива работоспособното население, дури до 40 проценти помалку“, тврди тој и додава дека младите најчесто добиваат договори на определено време, работат прекувремено без надомест и многу често се неформално вработени, без државата да им овозможи социјална или здравствена заштита.

„Откако ќе заврши со процесот на школување, на еден млад човек во Србија му се потребни речиси две години за да ја добие првата стабилна работа. Во Европската Унија ситуацијата е таква што еден млад човек во просек по седум месеци ја наоѓа првата стабилна работа. Во однос на земјите од регионот, односно земјите од Западен Балкан, ситуацијата е слична како во Србија“, истакна Вуксановиќ.

Порталот „Нова економија“ („New economy“) од Србија организираше анкета на својата платформа, во која учествуваа повеќе од 350 млади читатели. Третина од испитаниците се на возраст од 18-22 години, 35 проценти се на возраст од 23-26 години, а 31,5 проценти се на возраст од 27-30 години.

Најголемиот број од нив се изјасниле дека моментално се невработени (32,4%), нешто помалку од нив се изјасниле дека се вработени со договор на неопределено време (30,1%), помалку од четвртина (23,1%) се изјасниле дека имаат нестабилна работа, а најмал број од младите (14,4%) се изјасниле дека работат хонорарна работа. Повеќе од половина од младите кои ја пополниле анкетата (60%) не живеат со нивните родители, а 40% сè уште живеат со родителите.

Најчест одговор од испитаниците е дека живеат со родителите, бидејќи немаат доволно пари за да живеат самостојно. Мислењата на младите испитаници се поделени во однос на тоа колку пари се доволни за да се живее самостојно.

Алтин Ника, економист и психолог во Тирана, појаснува дека е природно тоа што младите сакаат да се реализираат и да се осамостојат или да создадат свое семејство, но дека нивните желби не соодветствуваат со потребните предуслови.

„Секаде во светот е нормално на 18-годишна возраст да сакате да одделите од семејството и да создадете свој живот“, рече тој. „Младите од Албанија се разликуваат од младите во Европа само по тоа што немаат можност да се осамостојат. Тоа се должи на финансиската нестабилност, како и на низа социјални причини, но пред сè на финансиската нестабилност“.

Ника додаде дека согласно околностите, многу млади луѓе во Албанија, кои би биле независни кога тоа би го дозволувале економските услови, сè уште живеат на грбот на родителите кои им ги подмируваат трошоците за основните потреби, како на пример, телефонски сметки и џепарлак за друштвен живот.

„Кога размислуваат да се осамостојат, односно да живеат со неизвесност за секој следен ден, многу млади се плашат да го направат тој чекор и остануваат во семејното гнездо, каде што не плаќаат кирија и делат храна со семејството. Во случај да работат и да имаат ниска плата, тие ја спојуваат платата со платата или пензијата на родителите и на некој начин имаат помали трошоци и поголема слобода. Но, доколку ги прашате, имаат желба да се осамостојат“.

Можности за вработување и домување

„Висината на наемнината и ниските плати се најголемата пречка за осамостојување на младите“, изјави Јована Божичковиќ од Националниот младински совет на Србија. Таа истакна дека пречка се и недостигот од јавни државни средства и систематизирана државна политика во однос на ова прашање, како и несигурните услови за работа.

„Младите обично не добиваат договор за вработување, а кога ќе добијат, обично добиваат договор на определено време“, тврди таа и додава дека најчести се договорите за дело и стипендиите, како и нерегистрираните или готовинските плаќања кога станува збор за изворите на приходи за младите во Србија.

„Многу важно е да се напомене дека само 15 проценти од младите имаат приходи во висина поголема од просечната плата во Србија, а околу 20 проценти од младите имаат некакви приходи, што доведува до фактот дека речиси 60 проценти од младите немаат приход“, изјави Божичковиќ и ги посочи резултатите од „Алтернативниот извештај за положбата и потребите на младите во Република Србија за 2021 година“

Извештајот укажува на тоа дека само 10 проценти од младите живеат во сопствен стан, дека повеќето млади (65 проценти) живеат во семеен стан и дека повеќе од 20 проценти од нив живеат под кирија.

Според истражувањето „Младите во Србија“, објавено од Фондацијата „Фридрих Еберт“ во 2019 година, 76 проценти од младите на возраст од 18-29 години живеат со еден и двајца родители. Испитаниците изјавиле дека тоа се должи на ограничените финансиски средства со коишто располагаат. Податоците за Албанија укажуваат на тоа дека 82 проценти од младите живеат со нивните родители. 

Повеќе од една петтина од невработените во Република Србија се млади луѓе на возраст од 15 до 30 години. Според официјалните податоци на Националната агенција за вработување во Србија, во април 2021 година невработени биле 115.533 млади луѓе, што претставува околу 21 проценти од вкупниот број невработени во земјата. Во однос на минатата година, невработеноста кај младите е зголемена за 10 проценти. Во Албанија, 19,9 проценти од младите (на возраст од 15-29 години) се невработени, а вкупната невработеност во земјата е 11,6 проценти.

Животни трошоци

Просечната плата за август 2021 година во Србија била 64.639 динари (550 евра). Средната нето плата за истиот период изнесува 49.933 динари (425 евра), што значи дека 50 проценти од вработените добиле примања до тој износ. Според европските стандарди, младите претставуваат многу мал процент од работната сила во Република Србија. Според Стратегијата за вработување на Република Србија за периодот 2021-2026 година, којашто е објавена од Националната агенција за вработување, 18,9 проценти од младите не биле вработени, не се школувале или не посетувале обука во 2019 година, што е за 5,6 процентни поени помалку во однос на 2015 година.

По завршувањето на школувањето, младите во Србија чекаат многу долго додека најдат стабилна работа, речиси две години. Тоа е многу подолго од шест и пол месеци, што е временскиот период за кој нивните врсници од ЕУ ја наоѓаат нивната прва работа по завршувањето на образованието. Тоа влијае младите на подоцнежна возраст да го напуштат домот на своите родители и да започнат да живеат сами или со партнерот. Во моментот кога почнуваат да живеат самостојно младите во Србија, тие се шест години постари од нивните врсници во ЕУ.

Според истражувањето на порталот „Нова економија“ („New economy“) од Србија, повеќето млади (34%) сметаат дека 50-70.000 динари (425-595 евра) би биле доволни за да се осамостојат и да не живеат повеќе заедно со нивните родители, додека нешто помал број од нив (33%) сметаат дека 70-90.000 динари (595-765 евра) би им биле доволни за да се отселат. Нешто повеќе од четвртина од испитаниците (27%) сметаат дека им е потребна месечна плата поголема од 90.000 динари (765 евра) за да започнат да живеат самостојно.

Младите кои не живеат со родителите обично живеат сами со дечкото или девојката или со цимер. Повеќе од 60 проценти од младите живеат под кирија, а 15 проценти од нив живеат во станови кои ги имаат наследено.

Меѓутоа, иако живеат самостојно, младите сепак зависат од нивните родители. Само половина од испитаниците кои не живеат со родителите сметаат дека се финансиски независни.

Во вториот квартал од 2021 година, стапката на вработеност за населението на возраст од 15 до 64 години изнесуваше 61 проценти во Албанија. Во овој квартал, вкупниот број на вработени се зголеми за еден процент во споредба со вториот квартал од 2020 година, односно за 2,9 проценти во споредба со првиот квартал од 2021 година. Стапката на невработеност се намали за 2,5%, во споредба со истиот квартал од 2020 година и за два проценти во споредба со претходниот квартал.

Самостојното живеење чини премногу

И покрај тоа што би сакал да го стори тоа, 26-годишниот Брајан сè уште не се има одлучено да направи голем чекор и да започне да живее сам, одвоен од родителите. Иако работи на две работни места, тој сепак нема доволно приходи за да живее самостојно и сам да си ја креира иднината.

„Што се однесува до мене, јас би живеел сам, но овде во Скадар е навистина тешко да се изведе тоа. Имам добра работа, но сепак платата не ми е доволна, бидејќи платите во Албанија се толку ниски што не се живее само со една плата“, изјави тој и додаде дека за да живее некој сам, како што би сакал, треба да може да ги подмири сметките за кирија, струја, вода и другите сметки, како и сметките за храна и други производи.

„Зборувам за живеење сам, бидејќи доколку сте двојка имате и други трошоци и потребни се поголеми приходи. Во Албанија, ова е тешко изводливо“.

За да се изнајми стан во Скадар потребни се од 12.000 до 18.000 албански леки (100 до 150 евра), додека во главниот град Тирана цената е 200-250 евра. Просечната бруто плата во Албанија во јавниот сектор изнесува околу 550 евра, додека во приватниот сектор 410 евра. Минималната плата во Албанија изнесува 245 евра.

Дваесет и седумгодишниот дипломиран гастроном Милош од Белград се соочува со истата борба. Не му е тешко да најде работа како угостител, но неговата плата не би била доволна, па за да заработи доволно би требало да издвои многу од слободното време, поради што не би имал доволно време за себе, пријателите и семејството.

„Општо земено, младите во Белград не може да се осамостојат со плата пониска од 80-90 илјади динари (680 до 765 евра). Доколку заработуваат помалку од ова, немаат доволно приходи за да се осамостојат. Кога младите сфаќаат колку чинат само сметките во Белград и дека остатокот од платата оди само за намирници, тоа ги демотивира да се иселат од домот на родителите и да почнат да живеат самостојно“, тврди тој.

Оливера, којашто има 24 години и е запишана на магистерски студии по хемија, смета дека за да се живее самостојно треба да се потпира единствено на себе си за финансии и домување. Таа сè уште живее со родителите и е зафатена со обврските поврзани со факултетот, па затоа во моментов не бара работа.

„По природен пат на нештата, откако ќе наполниш 25 години, ќе завршиш факултет и ќе одлучиш што сакаш да правиш во животот, треба да најдеш работа, да живееш одвоено од родителите и да не зависиш финансиски од никого“, изјави Оливера, но напомена дека додека студираат никој не ги советува младите во Србија веднаш по студиите да почнат да бараат работа.

„Професорите и менторите би можеле да нè подучат како полесно да се снајдеме по дипломирањето и кому да се обратиме“, рече таа и додаде дека според неа финансиите се главната пречка да се осамостојат младите.

„Разбрав дека државата ја спроведува програмата „Мојата прва плата“, којашто е програма наменета за дипломираните студенти кои немаат работно искуство или имаат до шест месеци работен стаж, но според мене тоа не е доволно. Програмата може да ни ја обезбеди првата работа и првата плата, но доколку се работи за минималната плата, во тој случај не може да се осамостоиш, да плаќаш кирија и сметки и да ги подмириш трошоците за живеење во Белград или некој поголем град“, изјави Оливера. 

Таа истакна дека многу нејзини колеги, чии семејства не живеат во Белград, но ги финансираат нивните студии, понекогаш продолжуваат со магистерски студии само за да продолжат да живеат во студентски дом. За неа, да се исели од домот на нејзините родители и да изнајми место во родниот град е за нијанса подобро, отколку како нејзините врсници да живее во различни градови со родителите.

„Донекаде се чувствувам сигурно, бидејќи доколку ја изгубам работата имам каде да се вратам“, рече Оливера.

Катарина Балетиќ и Невена Петаковиќ од Белград и Теодор Ѓерга од Скадар

Дванаесет тимови, составени од по тројца млади новинари, од најмалку две различни земји од Западен Балкан, со поддршка на искусни ментори, осум седмици работеа на создавање на регионални приказни, фокусирани на младите. Приказните беа развиени низ програмата, „Media for All“, која е финансирана од Владата на Обединетото Кралство. Одговорноста за содржината и ставовите изразени во овие приказни, ја имаат самите автори.

Поврзани статии:

На заситениот медиумски пазар, медиумите треба да се натпреваруваат за дезорганизираното внимание на публиката. Во нивното секојдневно работење, уредниците
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува

Врвни стории од Journalift:

Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата, па дури и интернетот во 20 век. Тоа е технологија која трајно ќе го преобликува општеството. За многумина од нас, вештачката интелигенција значи она што сме го научиле од повеќето дистописки филмови (Одисеја 2001, Терминатор, Матрикс, Блејд Ранер, …).
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува

Теми:

Најнови статии:

Навигација на ветувањата и опасностите на вештачката интелигенција: Што секој медиумски професионалец треба да знае за ЧетГПТ
Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата,
Разбијте го кодот: Како да разговарате со програмерите за (ре)дизајнирање на веб-страницата на вашиот медиум
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува да
Како ЧетГПТ (ChatGPT) ќе ги промени новинарството и медиумите?
Го замолив ЧетГПТ да го напише овој текст за мене. Секако дека го направив тоа. Поставував и преформулирав прашања, за