Врање и Струмица: Професорите неми соучесници во насилството врз ЛГБТ+ учениците

 минути читање

01-ENG-Vranje-and-Strumica-Teachers-as-Silent-Accomplices-in-Violence-Against-LGBT-Students.png

Дарија и Никола, кои се млади ЛГБТ+ лица од Врање и Струмица, ги поврзуваат истите проблеми со коишто се соочувале за време на школувањето. Тие не се сеќаваат со задоволство на нивните основни и средни училишта, каде што речиси секој ден биле цел на вербални и физички напади. Професорите од кои се очекувало да ги заштитат најчесто го игнорирале насилството, што придонесувало насилството да се смета за легитимно и со тоа станале неми соучесници во насилството и дискриминацијата врз ЛГБТ+ учениците.

Според неодамнешното истражување насловено „Ставови на наставниците од Врање за ЛГБТ+, младите, коешто го спроведе Националниот младински совет на Србија, повеќето наставници ја сметаат хомосексуалноста за болест, а некои од нив сметаат дека е излечива и дека со одредени образовни програми може да се спречи. Заменик-градоначалничката и советничка за образование не ни одговори што планира Градот да преземе во поглед на резултатите од истражувањето, за да се овозможи училиштата да бидат безбедни за сите ученици.

„Можеби најмалку двајца до тројца ученици во секое одделение се ЛГБТ+ лица. Оттаму, многу е важно наставниците да бидат информирани за проблемите со кои се соочуваат ЛГБТ+ учениците“, тврди педагогот Гордана Трајковиќ, којашто е една од авторите на гореспоменатото истражување. Според неа, доколку наставниците искажуваат ставови кои се темелат на хомофобија или трансфобија, тоа ќе придонесе учениците да изградат исти такви ставови и кај нив ќе се создадат предрасуди.

„Наставничката професија бара постојано усовршување и надградување на знаењето и вештините. Одредени теми, вклучително сексуалната ориентација и родовиот идентитет, сè уште се табу теми во општеството и во образовниот систем. Предрасудите произлегуваат од незнаењето и тие може вродат со облици на дискриминација, па дури и со вербално, психичко и физичко насилство. Преку образованието, дополнителното учење и надградувањето може да се надминат предрасудите, како и да разберат и почитуваат меѓусебните разлики“, вели Трајковиќ.

„Последиците од дискриминацијата и насилството врз ЛГБТ+ учениците може да доведат до интернализирана хомофобија, бидејќи децата уште од мали нозе се учат дека само хетеросексуалноста е нормална“, објаснува Трајковиќ.

ЛГБТ+ лицата од Врање се плашат да пријават насилство

Во Основниот суд во Врање последниве пет години не е поведена кривична постапка за дела сторени поради сексуална ориентација или родов идентитет на жртвата. Според извештаите на Комесарот за родова рамноправност, не се поднесени пријави за дискриминација. Пријави не се поднесени ниту во организацијата „Да се ​​знае“ од Врање, којашто пет години бележи инциденти до кои дошло поради хомофобија и трансфобија, а која е регистрирана како давател на бесплатна правна помош, иако ЛГБТ+ лицата во Врање речиси секојдневно се соочуваат со дискриминација.

Трајковиќ објаснува дека ЛГБТ+ лицата не пријавуваат насилство поради тоа што немаат доверба во институциите, стравуваат дека ќе бидат исмејувани и дека насилството дополнително ќе се зголеми, како и поради страв од аутирање.

„Медиумите не известуваат доволно за вакви случаи, ниту, пак, се објавуваат вести за изречените казни“, вели Трајковиќ.

Исфрлена од училишната претстава којашто ја режирала, поради тоа што се бакнувала со девојка

Дарија е поранешна ученичка од средното медицинско училиште од Врање којашто имала слично искуство. Таа тврди дека ЛГБТ+ учениците воопшто не се чувствуваат безбедно во училиштата и дека честопати се жртви на насилство од нивните врсници.

„Тие немаат кому да му се обратат, а и кога имаат, од лично искуство, наставниците целосно ги игнорираат. Со тоа целосно се губи довербата, како и заштитата што ја имаат“, вели таа.

Во средно, на часот по психологија учеле дека хомосексуалноста е „девијација“.

„Колку што се сеќавам, бев втора или трета година средно, а книгата од којашто учевме мислам дека се користи и денес. Кога реков дека не сакам да го учам тоа, бидејќи не е точно, професорката ми рече дека „морам да го научам и дека сигурно не сум попаметна од уредникот на книгата“. Ѝ реков дека буквално нè учат да дискриминираме една цела заедница, на која ѝ припаѓаат и ученици од ова одделение“, вели Дарија.

Трајковиќ објаснува дека проблемот лежи и во тоа што во училиштата сè уште се учи по старата наставна програма, иако Светската здравствена организација уште пред 30 години ја отстрани хомосексуалноста од листата на Меѓународната класификација на болести.

Дарија се сеќава на дискриминацијата што ја доживеала во средно училиште кога нејзините врсници ја исклучиле од сопствената претстава, бидејќи ја сметале за „болна“.

„Пишував и режирав претстава за моето средно училиште, со која освоивме второ место на натпреварот, и кога отидов на пробата на учениците од трета и четврта година, ми кажаа дека сум избркана од претставата и дека како „болна личност“ не ми е местото таму. Се испостави дека ме виделе како се бакнувам со девојка и тоа им беше неприфатливо“, вели таа.

Дарија се обидела да го пријави насилството кај професорката, но таа не била заинтересирана да го реши проблемот и ја упатила кај директорот на училиштето.

„Таа ми рече да не се грижам, дека ќе средиме и дека сигурно се шегувале, на што јас ѝ одговорив дека дискриминацијата и навредите упатени кон некого не може да бидат на ’шега’, бидејќи секако паднаа и навреди. Таа тогаш ми рече само да заборавам дека се случило“, се сеќава Дарија.

Дарија одлучила да не „крева врева“, за да не создаде дополнителни проблеми и со тоа уште повеќе да се загрози.

„Во тоа време, моите родители не знаеја за мене. Ете, тоа е причината што не поднесов пријава во обвинителство, ниту пак изреагирав на некој друг начин“, вели Дарија.

Таа смета дека е потребно училиштето да почне да презема конкретни чекори во однос на пријавувањето насилство и дискриминација.

„Значи, за почеток треба да има луѓе кои си ја вршат својата работа кога ќе пријавите насилство и кои навистина ќе преземат нешто околу тоа. Залудно ќе пријавам нешто, кога пријавувањето нема да промени ништо. Со тоа им се испраќа порака на останатите жртви и потенцијални жртви дека е подобро да се молчи и да се трпи отколку да се пријави“, вели таа.

Во септември, во библиотеката „Бора Станковиќ“ во Врање се одржа работилница „Сензибилизација на наставници и стручни соработници за работа со ЛГБТ+ ученици“, во рамките на проектот „Да ги урнеме четирите ѕида“. Предавања одржаа педагогот Гордана Трајковиќ и психологот Александра Илиќ, додека дваесеттина наставници, училишни педагози и психолози имаа можност да се запознаат со терминологијата и со позитивни примери како да се спречи насилството и хомофобијата во училиштата и како да им се пружа поддршка на ЛГБТ+ учениците.

Во слична положба се наоѓаат и ЛГБТ+ младите во Северна Македонија

Со оглед на сличните економски и културни вредности, положбата на ЛГБТ+ лицата не е ништо подобра ни во помалите градови низ регионот. Во Северна Македонија, во градот Струмица, разговаравме со Никола којшто е член на ЛГБТ+ заедницата и сојузник во борбата за правата на трансродовите лица.

Уште во средно училиште, тој отворено ги поддржувал неговите трансродови пријатели, со тоа што бил покрај нив додека воделе правна битка за промена на полот.

„Му правев друштво на мојот пријател кога отиде во училиштето да ги смени информациите за полот во неговите документи, при што секретарката нè гледаше без да изусти збор“, вели Никола и додава дека таа не знаела како да го стори тоа, бидејќи дотогаш никој не поднел такво барање, па не била упатена каква е постапката.

На Никола му било забрането да влезе во кафуле со неговиот трансродов пријател.

„Овде секој се познава со секого, не можеш да си го скриеш идентитетот. Што и да правиш, во нивните очи си изрод“, вели Никола.

За време на неговата борба за правата на ЛГБТ+ младите во Струмица, тој бил сведок на насилство врз неговите трансродови пријатели. Меѓутоа, кога одлучил да оди со нив да го пријават насилството, во полициската станица биле незаинтересирани.

„Полицаецот само се преправаше дека нè слуша, а откако си заминавме, случајот остана заборавен во фиока“, вели Никола и додава дека, колку што се сеќава, во неговиот град не се пријавени случаи на дискриминација или злосторства од омраза.

Пред една година, во Северна Македонија се донесе нов Закон за спречување и заштита од дискриминација, со кој за првпат дискриминацијата врз основа на сексуална ориентација се препознава како посебен облик на дискриминација. Во рамките на овој закон предвидено е да се формира Комисија за заштита од дискриминација којашто ќе ги разгледува случаите.

„Се соочуваме со недостиг на човечки ресурси, техничка поддршка и финансии“, вели Игор Јадровски, член на Комисијата.

Комисијата реагирала при повеќе случаи на дискриминација во медиумите, институциите и компаниите, но како што тврдат од таму, не можат да постигнат многу поради ограничените капацитети со кои располагаат, како и поради неинформираноста на институциите.

„Се работи за системски проблем. Сè уште имаме учебници во кои може да се најдат елементи на дискриминација и говор на омраза кон маргинализираните групи“, објаснува Јадровски.

Никола моментално е на чело на ЛГБТ+ јадрото од Струмица. Во регион со помалку од 100.000 луѓе, тој е горд што неговата организација брои 90 членови.

„Спремен сум да останам и да се борам за овие права“, гордо вели Никола. Иако повеќето негови пријатели, кои исто така се запоставени од главниот град, се обидуваат да се иселат од државата, тој сака да продолжи да се бори за подобро утре во неговиот град.

Никола е задоволен од законите во Северна Македонија, но вели дека тие мора да се спроведуваат, што апсолутно важи и за законите што постојат во Србија и ширум регионот.

Антрфиле: Мини прајд парада во Врање, 2019 г.: Важно е младите ЛГБТ+ лица коишто живеат надвор од Белград да знаат дека имаат поддршка и дека не се сами

Со слоганот „Не се одрекувам од Врање“ и со транспаренти на коишто беше испишано „Не се одрекувам“, „Пријатели“, „Себе“, „Љубов“, петнаесетина луѓе прошетаа низ Врање веејќи ги знамето со боите на виножитото и транс знамињата.

Фиона Јелиќ, којашто е една од организаторите, изјави дека немало инциденти, но дека граѓаните на Врање не им се придружиле на прошетката.

„Накратко прошетавме низ главната улица во Врање, немаше инциденти, но не ни се придружи никој од граѓаните. Оваа и уште девет мини прајд паради кои се одржаа во други градови беа најава за белградскиот прајд. Се сеќавам дека полицијата не беше многу воодушевена што се одржува прајд во Врање и малку се чувствуваше негативна атмосфера, но не се случи ништо лошо“, вели Фиона.

Таа напоменува дека најголемиот дел од работилниците и едукацијата се одвиваат во Белград, како и дека е важно да се адресираат проблемите со коишто се соочуваат ЛГБТ+ лицата во помалите средини.

„Беше неопходно да се направи децентрализација на нашите активности и да се овозможи поддршка и надвор од Белград. Важно е младите и припадниците во помалите средини во Србија да знаат дека имаат поддршка и дека не се сами“, вели Фиона.

Забелешка: Името на поранешната ученичка од средното медицинско училиште е сменето за да се заштити нејзиниот идентитет.

Доколку се соочите со насилство или дискриминација поради вашата сексуална ориентација/родов идентитет, тоа може да го пријавите во Основното јавно обвинителство во Врање, анонимно да стапите во контакт со организацијата „Да се знае“, којашто е давател на бесплатна правна и психолошка помош, или да стапите во контакт со Комесарот за родова рамноправност.

Доколку се соочите со насилство или дискриминација поради вашата сексуална ориентација/родов идентитет, тоа може да го пријавите во Основното јавно обвинителство во Струмица, анонимно да стапите во контакт со ЛГБТ+ јадрото од Струмица или да стапите во контакт со Комесарот за родова рамноправност.

Тим: Дејана Цветковиќ (Србија), Дарко Милошевски (Северна Македонија) и Вукашин Живковиќ (Србија)

Дванаесет тимови, составени од по тројца млади новинари, од најмалку две различни земји од Западен Балкан, со поддршка на искусни ментори, осум седмици работеа на создавање на регионални приказни, фокусирани на младите. Приказните беа развиени низ програмата, „Media for All“, која е финансирана од Владата на Обединетото Кралство. Одговорноста за содржината и ставовите изразени во овие приказни, ја имаат самите автори.

Поврзани статии:

Лошата практика на современото новинарство, според која, во борбата против конкуренцијата прво се објавуваат одредени информации а потоа се
Onlajn-novinarstvu-najvise-nedostaje-strpljenja
Линеарната телевизиска програма, барем во поразвиените земји, наскоро најверојатно ќе се најде на смртна постела. Сè помалку гледачи седат
01-Razmišljajte-izvan-TV-kutije.png

Врвни стории од Journalift:

Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата, па дури и интернетот во 20 век. Тоа е технологија која трајно ќе го преобликува општеството. За многумина од нас, вештачката интелигенција значи она што сме го научиле од повеќето дистописки филмови (Одисеја 2001, Терминатор, Матрикс, Блејд Ранер, …).
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува

Теми:

Најнови статии:

Навигација на ветувањата и опасностите на вештачката интелигенција: Што секој медиумски професионалец треба да знае за ЧетГПТ
Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата,
Разбијте го кодот: Како да разговарате со програмерите за (ре)дизајнирање на веб-страницата на вашиот медиум
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува да
Како ЧетГПТ (ChatGPT) ќе ги промени новинарството и медиумите?
Го замолив ЧетГПТ да го напише овој текст за мене. Секако дека го направив тоа. Поставував и преформулирав прашања, за