Во современите медиумски редакции, често се нагласува дека нивната стратегија е „digital first“ – што значи „на прво место дигиталното“.
„Digital first“ е термин кој се однесува на стратегијата, мисијата и визијата на медиумската куќа, да го насочи својот бизнис и производство на содржини кон дигиталното опкружување, кое го промени начинот на кој публиката ги консумира медиумските содржини. Оваа стратегија не ги исклучува традиционалните канали за дистрибуција на содржини. Ова не значи дека производството на медиумска содржина се пренесува исклучиво на онлајн платформите, со што би се згаснале другите медиуми - телевизијата, радиото и/или весниците.
На пример, начелото ‘digital first’ во медиумска куќа која примарно произведува телевизиска програма, значи дека уредништвото уште во процесот на планирање, ќе осмисли начини и форми за презентирање на вестите прво на дигиталните платформи, а потоа и за надградбата и обликувањето на содржините за телевизиска емисија. Ова, исто така, претпоставува дека начинот на известување, формите на известување и алатките што се користат, се приспособуваат на спецификите на медиумите и на платформите преку кои се дистрибуираат.
Во медиумските организации кои можат да послужат како примери за добра практика, голема енергија се вложува во производството на оригинална содржина, што претпоставува и оригинални стории, но и на употребата на дигиталните алатки, за да се произведе што поинтересна и поатрактивна содржина, прилагодена и за големите, и за малите екрани. При креирањето на содржината посебно внимание треба да се посвети на обликувањето на содржината и на нејзината прегледност на мобилните телефони, преку кои денес, особено кај помладата популација, содржината најмногу се конзумира.
И новинарските редакции кои исклучиво произведуваат содржина за својата веб-страница, односно за своето дигиталното издание, мора да имаат стратешка цел, која се стреми кон произведство на оригинални содржини, а не ‘копи-пејст’ практики.
Повеќе за ова во следното видео, кое го подготви др. Иванка Пјешивац, вонреден професор на колеџот за новинарство и масовна комуникација Грејди при Универзитетот во Џорџија.
Курсот - Редакциски менаџмент и организација во дигитална средина - е наменет за медиумските работници, со цел тие да се запознаат со процесите и начините на структурирање и водење на редакциите - без разлика дали се работи за мали или за големи редакции. Низ овој интерактивен курс, ве водат медиумски експерти, кои ќе ви помогнат самите да го изберете моделот на организација, што можете да го примените во локалната средина.