Шест причини зошто не треба да го игнорирате мобилното новинарство

 минути читање

01 Six reasons why we should not ignore mobile journalism

Што поседува секој новинар/новинарка во регионот на Западен Балкан? Тешко прашање нели. Полесно е да се даде одговор на тоа што го немаат многумина од нашите колеги и колешки – достоинствена плата, слобода, добри услови за работа, можност за напредок и едукација, можност за експериментирање, разбирање од менаџерите и уредниците…

Но ако го прецизираме прашањето - што е она што е заедничкo за сите новинари и новинарки, а без кое не излегуваат од дома? Тогаш веројатно дел од вас ќе одговорат - пенкало, а дел пак ќе одговорат - мобилен телефон. Иако пенкалото е една од основните алатки за нашата работа, сепак, во времето во кое живееме, некои од нас не носат пенкало со себе, но секој од нас носи мобилен телефон, или пак два или повеќе телефони.

Мобилниот телефон е алатка без која не можат да ја замислат својата работа, не само оние најмлади наши колеги и колешки, туку и оние поискусните, стари новинарски „волци“ од над 60 години.

По ова не се разликуваме воопшто од новинарите од високоразвиените земји. Сепак, поразително е што најголем дел од нашите колеги и колешки во регионот на Западен Балкан го користат телефонот само како алатка за комуникација, за пишување пораки, за разговор со пријатели или соговорниците, за следење на социјални медиуми.

Е ова е нешто по кое се разликуваме од Западот.

Додека за нив „смартфонот“ е алатка за креирање содржина и за дигитално раскажување приказни, за најголем дел од новинарите и новинарките во регионот на Западен Балкан е само средство за комуникација. Фотографирањето или снимањето видео со мобилен телефон најчесто е инцидент, а не пракса, барем за голем дел од медиумите. 

Зошто е ова погрешна стратегија? Во прилог ви даваме шест причини (може далеку повеќе) зошто не треба да го игнорирате мобилниот телефон како алатка за креирање новинарска содржина - без разлика дали сте човек-медиум, онлајн редакција од пет вработени или пак сте национален радиодифузер или приватен медиум со над 100 вработени.

Повеќе мобилни телефони отколку жители

Повеќе мобилни телефони отколку жители

За да не преминеме директно на делот за важноста за креирање содржина со мобилен телефон, ќе се обидеме индиректно да ја прикажеме важноста на мобилниот телефон за следење/консумација на вестите во денешно време.

Знате ли дека регионот на Западен Балкан има повеќе мобилни телефони отколку што има жители? Не верувате?

Податоците покажуваат дека Албанија, Црна Гора, Косово, Северна Македонија, и Босна и Херцеговина или петте земји од Западен Балкан имаат повеќе мобилни конекции отколку што имаат жители. Србија има за нијанса помалку мобилни отколку што има жители. 

Во овие шест земји од Западен Балкан има вкупно 19,5 милиони жители, а има над 20 милиони мобилни апарати. Ова е разбирливо бидејќи иако дел од граѓаните немаат мобилни телефони, добар дел од нив пак имаат повеќе од еден уред (број/конекција).

Ако на ова се надоврзе податокот дека најголем дел од оние што имаат мобилни телефони користат мобилен интернет тогаш јасно е дека мобилниот телефон стана главна алатка преку која граѓаните на Балканот следат вести.

Ова го потврдува и Reuters Digital News Report 2021 кој вели дека во светски рамки, речиси три четвртини (73%) од граѓаните пристапуваат до вестите преку паметен телефон, што е зголемување од 69% во однос на 2020 година. Се смета дека и коронавирусот имал влијание на зголемувањето на процентот на следење вести преку мобилен телефон. 

Е сега, ако малиот екран на мобилниот телефон, а не телевизорот е прозорецот кон светот на вестите тогаш зошто да не се користи мобилниот телефон и за креирање новинарска содржина прилагодена за следење на мобилен телефон. Нешто во стилот, креирано со мобилен телефон, за следење на мобилен телефон. Дали ова ви звучи логично?

Рушење на границите кој може да раскаже приказна

Рушење на границите кој може да раскаже приказна

Без разлика дали работите во печатен медиум, телевизија, радио или онлајн медиум во денешно време сите медиуми можат да креираат видео содржини. И треба да креираат видео содржини. Ако не сте го правеле тоа досега, почнете од утре бидејќи тоа ќе ви овозможи зајакнување на вашиот бренд, нова публика и нов начин/формат за раскажување приказни.

Неразбирливо е на пример, да бидете печатен медиум со своја интернет страница и профили на социјалните медиуми, а да продуцирате само долги текстови и анализи, да тврдите дека тоа е доволно и да очекувате дека ќе преживеете во наредните години.

Никој не ве присилува да престанете со квалитетното новинарство. Продолжете, но прифатете и други форми на изразување, почнете со видео, промовирајте ги анализите преку Фејсбук и Инстаграм, но не само како линкови туку адаптирајте/прилагодете дел од содржината во форма на видео за да им дадете нов, продолжен живот на вашите приказни.

Неразбирливо е како онлајн портали кои имаат двајца или петмина и повеќе вработени трошат време и енергија за масовно да продуцираат вести кои ги има на речиси сите други медиуми, а не го користат времето да креираат две-три приказни со мобилниот телефон неделно. Токму овие приказни ќе ве разликуваат од сите останати медиуми и ќе ви донесат нова публика.

Ова истовремено се однесува и на големите медиуми, како телевизиите кои имаат пет или десет сниматели и двојно повеќе репортери и репортерки. Зошто да се потпирате само на овие луѓе за креирање видео содржина и зошто да не ги користите мобилните телефони за раскажување приказни кои би оделе на социјалните медиуми?

Ако во редакцијата заедно со снимателите имате дополнително уште 20 новинари и новинарки, тоа се луѓе кои потенцијално може да снимаат и да монтираат видео со својот мобилен телефон.

Но приказни може да направат и останатите вработени. Третирајте ги сите вработени како човек-редакција, оспособете ги да раскажуваат приказни. Со тоа ќе ги зајакнете нивните, но и своите потенцијали.  

Еве еден практичен пример од регионот. Бесник Ахмети, кој е дел од Радио Телевизија Косово (РТК), но не е класичен репортер, односно не пишува приказни, неодамна како дел од тренинг на Thomson Media, сам со својот мобилен телефон ја сними и измонтира приказната „Малиот Меси од Приштина“

Одеднаш и тој го покажа својот потенцијал за раскажување приказни. А дека не беше за џабе покажува фактот дека неговиот прилог беше еден од најгледаните на социјалните мрежи на РТК со над 140.000 прегледи и 2.300 лајкови, само на Фејсбук. Не е лошо нели.

Друг пример имаме од БиХ, поточно од Федералната новинска агенција (ФЕНА). Харун Муминовиќ работи пред се како снимател и фотограф, а и како монтажер. Она што не бил претходно е репортер. Како некој кој има истренирано око и знае да улови добар кадар, сепак немал можност да работи на комплетна приказна. Тоа му го овозможи мобилното новинарство па во рамки на двата курса организирани од Thomson Media сам креираше четири приказни. Последната приказна е  „Формула 1 од Босна и Херцеговина“ која е доказ дека не можат само репортерите да бидат добри раскажувачи во некој медиум. 

Овие примери се доказ дека треба да инвестирате во обука за своите вработени. Дајте им шанса на сите. Никој нема да биде загрозен, ниту снимателите ќе останат без работа, ниту монтажерите, а ниту пак репортерите ќе бидат луѓе за сè. Ниту најдобриот мобилен новинар и новинарка не можат истовремено да бидат и најдобри новинари и најдобар сниматели и најдобар монтажери и монтажерки, но може да бидат добри визуелни раскажувачи.

На овој начин, со воведување на мобилното новинарство, снимателите/снимателките и монтажерите/монтажерките ќе можете да ги „олабавите“ или да ги користите за „посериозни“ теми, потешки снимања или монтирања како на пример документарни филмови и слично.

Мобилното новинарство и како бекап варијанта

Мобилното новинарство и како бекап варијанта

Мобилното новинарство (MoJo) во некои редакции е примарен начин на креирање новинарски содржини, а некаде е прифатен како дополнителен начин на создавање приказни. Таков е примерот со BBC во Велика Британија, медиум кој одамна го прифати мобилното новинарство и редовно го практикува за своите изданија на социјалните медиуми. Интересно е што поискусните репортери и репортерки со долгогодишен стаж, а не само младите го прифатија мобилното новинарство и почнаа самите да создаваат приказни. 

Приказните на дел од репортерите и репортерките на RTÉ, националниот радиодифузер на Ирска, кои се снимени и монтирани со мобилен телефон ги преминаа границите на државата и се далеку погледана содржина отколку традиционалните вести кои се прикажуваат на телевизијата.

Вакви примери има и на Балканот. Црногорскиот национален сервис РТЦГ, некако срамежливо почна со мобилно новинарство, но успехот на дел од приказните кои ги направи колегата Дарко Булатовиќ, ги охрабрија да одат чекор понатаму.

Приказните снимени со мобилен телефон се појавуваат на социјалните мрежи, но и во вестите на телевизијата.

Има интересен пример, како мобилното новинарство го спаси РТЦГ во една неодамнешна ситуација. Во почетокот на септември годинава, редакцијата на РТЦГ планираше во живо да се вклучи од манастирот Цетиње за време на устоличувањето на митриполитот Јоаникиј, кое беше проследено со блокади и безредија по што интервенираше и полицијата.

Репортерското возило и целата екипа потребна за вклучување во живо не можеше да стигне до местото поради блокадите на патот. Потребна беше алтернатива. Добра одлука во тој момент е што раководството на телевизијата го препозна мобилното новинарство како единствена логичната солуција.

Колегата Дарко Булатовиќ во следните два дена околу 15 пати се јави во живо користејќи го само мобилниот телефон како алатка. Со тоа еден човек и неговиот мобилен телефон заменија тим од десет па и повеќе луѓе. Главната цел е постигната, а тоа е граѓаните да добијат навремена информација и слика од местото. Дали можеби ова ве предомисли?

Ниски трошоци за продукција

Ниски трошоци за продукција

Еден од аргументите зошто да започнете со мобилно новинарство е и цената на опремата. Иако подобрите/поквалитетни телефони се со цена од 800 до 1.200 евра, сепак работата може да се заврши и со телефон од 200 евра кој има сосема солидна камера односно снима видеа со висока резолуција.

Од неопходната опрема тука е и микрофонот (50-100 евра) и трипод или гимбал за стабилизација (50-150 евра). Овој минимум е доволен за почеток, но и за посериозна работа.

Ако на ова се додадат и одредени апликации за поквалитетно снимање и монтажа кои чинат околу 15 евра се добива сума од околу 500 до 1.000 евра за комплетно опремување на еден мобилен новинар/новинарка.

Тоа е далеку помалку од цената на која било друга опрема за снимање, без разлика дали е телевизиска камера или пак ДСЛР камера.

Лесна, дискретна и непосредна опрема

Лесна, дискретна и непосредна опрема

Опремата за снимање што се користи во мобилното новинарство е лесна, може да ја носи секој, на било каков терен. Ја собира во еден мал ранец. Далеку побрзо ќе се подготвите за снимање со мобилен телефон отколку со било која друга опрема и поретко ќе пропуштате важни настани кои се случуваат пред вас.

Друга предност е што опремата е дискретна.

Низа социјални експерименти потврдуваат дека луѓето не се чувствуваат загрозени кога ќе го видат мобилниот телефон пред нивните очи и поверојатно ќе ви дадат изјава доколку снимате со мобилен телефон отколку со класична камера, веројатно бидејќи и самите го користат за снимање.

Мобилниот телефон за многумина не изгледа застрашувачки за разлика од телевизиската камера на пример. Со мобилниот телефон полесно може да се движите во толпа и да снимате.

Друга предност е што со мобилен телефон може да се снимаат кадри кои е незамисливо да се снимат со класична камера или ДСЛР. Можете да го ставите во фиока, фрижидер, во некаков уред, да го закачите на ретровизор од автомобил, итн.

На пример, Филип Бромвел од  RTÉ во приказната „Кралот на кафето“  го смести телефонот во машината за мелење кафе и „улови“ кадар како се истура кафето внатре во самата мелница. Ваков кадар од милион долари е невозможно да снимите со класична камера. 

И Дарко Булатовиќ од РТЦГ има фатено неколку „невозможни“ кадри во приказната „Горко-слатка магија“ што ја изработи како дел од курсот за „Мобилно новинарство“ на Thomson Media. Во еден момент чоколадата се истура над мобилниот телефон и тоа е кадар што е далеку потешко да се сними со друга камера. Само колку за илустрација, видеото има над 300.000 прегледи и е најгледаното видео на сите платформи на РТЦГ. 

Комплетен уред за продукција и споделување приказни

Комплетен уред за продукција и споделување приказни

Мобилниот телефон е алатка со која може да се фотографира и обработува слика, да се снима и монтира видео и звук, да се пишуваат текстови, но и да се споделуваат овие готови содржини на сите социјални мрежи каде е присутен вашиот медиум.

Тоа значи дека без разлика дали работите на подкасти, на видеа за социјални медиуми, на инстраграм приказни или слично, сетоа тоа можете да го завршите со еден уред. Доволен ви е мобилниот телефон и интернет, ништо друго.

Она што може да се заклучи е дека мобилниот телефон го демократизираше креирањето на видео содржини. Секој го има во својот џеб, но не секој од нас го користи целокупниот негов потенцијал. Телефоните се наша реалност, тие се тука и ќе останат и понатаму.

„Смартфоните“ стануваат подобри, побрзи, помоќни и попаметни. Ние како медиумски работници и работнички треба да донесеме паметна одлука и да да ги прифатиме како сериозна алатка во нашата секојдневна работа.

Александар Манасиев (новинар) е наградуван новинар од Северна Македонија со повеќе од 17 години искуство во печатени медиуми, ТВ и дигитални медиуми. Тој има искуство како истражувачки новинар, дописник и главен уредник во повеќе медиуми во регионот и пошироко. Тој исто така работи како регионален обучувач за мобилно новинарство, дигитални медиуми и истражувачко новинарство.

Поврзани статии:

Јутјуб е моќна платформа за медиумските бизниси, особено во издавачката индустрија. Со преку 2 милијарди најавени корисници, кои го

Врвни стории од Journalift:

Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата, па дури и интернетот во 20 век. Тоа е технологија која трајно ќе го преобликува општеството. За многумина од нас, вештачката интелигенција значи она што сме го научиле од повеќето дистописки филмови (Одисеја 2001, Терминатор, Матрикс, Блејд Ранер, …).
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува

Теми:

Најнови статии:

Навигација на ветувањата и опасностите на вештачката интелигенција: Што секој медиумски професионалец треба да знае за ЧетГПТ
Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата,
Разбијте го кодот: Како да разговарате со програмерите за (ре)дизајнирање на веб-страницата на вашиот медиум
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува да
Како ЧетГПТ (ChatGPT) ќе ги промени новинарството и медиумите?
Го замолив ЧетГПТ да го напише овој текст за мене. Секако дека го направив тоа. Поставував и преформулирав прашања, за