7 прашања на коишто треба да дадете одговор пред да започнете поткаст

 минути читање

7-pitanja-na-koja-treba-da-date-odgovor.

Поткастот како формат, во последниве години, доживеа раст како на глобално, така и на локално и регионално ниво. Има многу причини за тоа, но главната е дека авторите го препознаа овој формат како интересен, така што сѐ повеќе има добра содржина, а го препознаа и слушателите, бидејќи динамиката на животот е таква, што просто имаме сѐ повеќе простор само во ситуации кога не можеме да работиме (кога возиме, или кога сме во теретана или трчаме), но можеме пасивно да консумираме интересна и корисна содржина. Доколку наративните способности на авторот на поткастот што го слушаме, се во согласност со нашите преференци, лесно ќе ни се случи, доколку работиме нешто здодевно, а слушаме нешто интересно, времето да ни помине, без тоа да го почувствуваме.

Еден од важните фактори е и тоа што влезната бариера за авторите (т.е. условите за продукција) е многу скромна. За добра видеосодржина едноставно е потребно многу повеќе напор и работа, додека поткастот можеме да го снимиме и со телефон, со или без помош на микрофон-бубачка, кои чинат само неколку десетици евра. Се разбира, најдобрите и најпопуларните автори не го прават тоа со методата „стап и коноп“, туку имаат соодветна опрема, но дури ни таа не е премногу скапа, и обично е време да инвестираме во неа, дури тогаш кога сме сигурни дека она што го правиме има смисла и публика - откако ќе ја тестираме и ќе ја потврдиме идејата што ја имаме.

Да се продуцира и да се води поткаст е полесно од некои други формати, но тоа не значи дека е лесно и дека е вистински избор за секого. Во продолжение на текстот, ќе ви поставам 7 прашања, на кои е потребно да дадете (првенствено себеси) одговор, пред да решите да тргнете во реализација на поткастот.

За што ќе биде вашиот поткаст и кој ви е „конкуренција“?

Светот на бизнисот нѐ учи на две работи, што се важни за ова прашање:

Првата – доколку некоја големина им одговара на сите, најверојатно е дека, всушност, никому не одговара. Односно, со исклучок на мал број производи, публиката за вашиот производ не ја чинат сите. Публиката ја чинат профилирани луѓе со одредени желби и интересирања. Можеби има повеќе од една целна група, но дефинитивно, тоа не се сите луѓе, и затоа треба многу јасно да си ги дефинирате - темата и публиката на која целите.

Втората - ако имате одлична идеја што звучи многу добро, а на прв поглед изгледа очигледна и не ви е јасно зошто некој истата веќе не ја реализирал - веројатно има причина. Или таа идеја не е толку добра, или е неодржлива, поради некоја друга причина. Значи – доколку во работата што планирате да ја работите нема конкуренција, можеби сте нашле богатство, но поголеми се шансите дека постои некоја рационална причина, што не ја знаете. Обидете се да ја откриете, пред да инвестирате премногу време и енергија во проектот. Исто така, доколку постои конкуренција - не очајувајте. Освен ако публиката на која ѝ се обраќате, е исклучително тесна и мала, што не мора да претставува проблем, особено ако се занимавате со иста или слична тема, но на различни начини. Всушност, синергетскиот ефект на повеќе различни луѓе, кои работат на иста работа од различни агли, со текот на времето резултира со значително зголемување на целокупниот пазар, во овој случај - сите ​​ заедно работите на зголемување на вкупната публика и буџет, а потоа се борите за нивното внимание. Имајте на ум дека конкуренцијата може да биде од други формати - блогови, списанија, јутјубери и слично. Таа не е директна, бидејќи платформата е различна, но публиката е иста. Сепак, според зборовите на Светислав Пешиќ, еден од најголемите кошаркарски тренери на сите времиња - подобро е помал дел од голема баклава, отколку цела мала баклава.

Колку долго сте подготвени да работите пред да дојдат резултатите?

Колку долго сте подготвени да работите пред да дојдат резултатите?

Глобалната статистика (а ниту регионалната не варира многу во однос на ова), вели дека авторите обично се откажуваат после 6 или 7 снимени епизоди. Тоа, едноставно, не е доволно за да видите дали таа приказна има смисла. Исклучок се авторите кои веќе имаат значајна заедница на луѓе, заинтересирани за темите што планираат да ги обработат (да речеме, тие имаат големи профили на Инстаграм, Линкедин или големи групи на Фејсбук, во тие области). Во нивниот случај, лансирањето на самата идеја е различно, бидејќи постои многу сериозна отскочна штица.

Во случај да немате ваков ресурс на располагање, треба да донесете одлука, колку долго сте подготвени да работите, без јасни повратни информации, за тоа за вас да има смисла. Доколку тој период е пократок од 6 или 12 месеци на континуирана работа и исфрлање на епизоди со динамика од еднаш неделно - тогаш можеби е подобро воопшто да не започнувате.

Едноставно, тоа е минимумот за да започнете да формирате посветена публика, која ќе ве следи сериски. Кога се формира критична маса, вашата публика ќе расте од месец во месец, како резултат на акумулацијата на вниманието на целната јавност.

Колку временски планирате да трае вашиот поткаст?

Колку временски планирате да трае вашиот поткаст?

Статистиката вели дека идеалното времетраење е помеѓу 35 и 60 минути, но тоа доста варира во зависност од темата, динамиката и од авторите. Има многу одлични поткасти кои се многу кратки, но се, да речеме, секојдневни. Постојат многу фантастични поткасти со долга форма, кои траат 180 минути или повеќе, и сепак - луѓето наоѓаат време да ги слушаат, затоа што се бескрајно интересни. Знам дека со ова не ви помогнав премногу, но целта и не беше да ве наведам на одлука, туку да ви кажам дека не постојат ограничувања. Форматот е крајно демократски и вие ги диктирате условите. Она што е важно, е да имате постојана динамика и, доколку кажете дека епизодата излегува во среда наутро, секогаш да биде така, во исто време. Тоа не значи дека луѓето ќе ја слушаат тогаш, но тој вид на предвидливост е многу, многу важен. Со текот на времето, доколку имате и дистрибуција на Јутјуб, преку аналитиката на вашиот канал, ќе можете да видите во кој период од денот и неделата, поголемиот дел од вашата публика активно го поминува времето таму, па ако излезе дека многу „промашувате“ со терминот, можете, по некое време, да донесете одлука да го преместите објавувањето, но кога ќе го направите тоа, продолжете по тој нов распоред и бидете редовни.

Што се однесува до самата динамика, мерката е обично еднаш неделно и тоа е можеби и најдобрата опција. Пред сѐ, бидејќи нашите животи функционираат во циклуси од по 7 дена. Можеби звучи како добра идеја да објавувате епизода на секои 10 дена. И тоа е во ред, но сите наши животни обврски се поделени во циклуси од 7 или 14 дена, и едноставно, ако една недела поткастот излезе во вторник, а потоа излезе во петок, па во понеделник, не постои таков вид на навика, а и тешко е да се изгради таква. Што се однесува до деновите во една седмица – не постојат добри и лоши денови. Честопати луѓето ги слушаат поткастите што излегле во текот на една седмица, за време на викендите. Мојата препорака е да се избегне понеделник, но и тоа не мора да биде лош избор, доколку, да речеме, вашата содржина ги мотивира и советува луѓето, како полесно да ги надминат предизвиците на работната седмица.

На кој вид на поткаст ќе припаѓа?

На кој вид на поткаст ќе припаѓа?

Иако форматот е доста флексибилен, постојат неколку видови, кои се издвоиле во практиката. Тешко е да се направи поделба, затоа што голем дел спаѓаат во повеќе категории или се наоѓаат помеѓу нив, но накратко, еве неколку - интервју поткаст (каде што фокусот е на гостинот, а водителот е тука само како средство за да може приказната подобро да се раскаже и да се насочи), конверзациски поткаст (слично со интервјуто, но е помалку поларизиран на страната на гостинот - целта овде е дијалогот на учесниците, и можете на него да гледате, колку за илустрација, како разговор помеѓу пријатели), монолог (каде авторот самостојно анализира одредена тема, како аудиоколумна), театарски или наративен поткаст (нешто што е најблиско до радиодрамата во модерно време). Се разбира, има уште многу  формати, овие се само оние најзастапените.

Важно е да се определите за вашиот вид, да се држите до изборот и активно да ја едуцирате вашата публика. Честопати ќе слушнете дека луѓето, навикнати на телевизиски интервјуа, каде новинарот, во суштина, само го насочува разговорот со прашања, ги критикуваат авторите на поткастите, кои имаат активна дискусија со своите гости, во која ги изразуваат своите ставови. Тоа е во ред, затоа и се решиле за авторски израз, но публиката сѐ уште ова не го разбира во доволна мера. Потребно е сите ние заедно да ја  едуцираме публиката и со текот на времето, преку илјадници мали чекори, ќе направиме голема разлика.

Која е вистинската мера, од гледна точка на продукцијата?

Која е вистинската мера, од гледна точка на продукцијата?

Поткастот е аудиосодржина, но ... поради навиките што ги имаат корисниците, а тие многу повеќе се врзуваат за конзумирање на видеосодржини на интернет, не е лош избор, вашиот поткаст да има и видеокомпонента.

Тоа може да биде снимен дел со една камера, со GoPro или со мобилен телефон, а може да биде и само слика како насловна фотографија за таа епизода, преку која ќе оди аудиоразговорот (како на Јутјуб, кога некоја песна нема спот, но има корица на албум и оди музика).

Значи, видеото е тука заради зголемување на потенцијалната публика, бидејќи значителен процент од луѓето сѐ уште ги гледаат содржините што можат да ги слушаат. Можеби ги „гледаат“ во заднина, додека прават нешто друго, но навиката е навика. Ако ги научите корисниците на предностите на слушањето, тие, можеби, со текот на времето, од гледачи ќе станат слушатели, но ако сакате да бидете што поблиску и што подостапни за публиката - не ја терајте да научи да користи нешто ново, туку бидете таму каде што е таа.

Видеото е, исто така, важно, поради потенцијалните спонзори, бидејќи е многу полесно на луѓето да им се продаде идејата дека нивниот бренд или производ ќе бидат видливи за време на епизодата, отколку да им се објаснува како функционираат аудиорекламите во поткастите.

Како планирате да го направите вашиот поткаст одржлив?

Како планирате да го направите вашиот поткаст одржлив?

Дали ви е тоа воопшто важно? Ако го правите тоа за своја душа, тоа е прекрасно, но проектите од овој вид, со текот на времето, се истиснуваат од некои други обврски и се гаснат. Ако проектот е одржлив или профитабилен, мотивацијата тој да опстане, е секако на многу повисоко ниво. Затоа ова прашање е многу важно, и има неколку опции, кои можат да бидат ексклузивни или можете да ги комбинирате.

Вашиот поткаст може да има комерцијални спонзори, кои имаат интерес да се рекламираат пред вашата публика. Многу е едноставно - ако сте поткаст за угостители, и некој има софтвер дизајниран за нив или продава уреди и нуди сервис на истите за таа публика, ете идеална можност да го споите убавото и корисното.

Друга опција е системот за донации и претплата. Донациите се еднократни, претплатите се најчесто месечни, а корисниците коишто одлучиле да дадат  поддршка на овој начин, реализацијата обично ја поддржуваат со симболична сума на месечно ниво. Зошто го прават ова? Тие го сакаат она што го правите, тоа им значи, па затоа сакаат да дадат поддршка. Локално, овој модалитет не е претерано застапен, затоа што ако вашата публика е мала, нема да ви донесе значителна сума на пари. Од друга страна, ако публиката е побројна, а особено ако содржи луѓе од дијаспората, постои многу реална шанса, на овој начин, да живеете убаво од вашиот поткаст.

Третата опција е да продавате брендирани производи низ поткастите - маици, книги, шолји, курсеви и слични работи. Се разбира, поткастот, исто така, може да биде алатка за да го привлечете вниманието на потенцијалните клиенти, коишто ќе ги купуваат вашите услуги. Ова особено има смисла, доколку вашиот бизнис има сегмент, во рамките на кој обезбедувате консултантски услуги или продавате деловни решенија.

Дали постои слаба точка или тесно грло?

Дали постои слаба точка или тесно грло?

Последното прашање е класично инженерско - дали има нешто што може да го загрози проектот? Дали зависите од некои надворешни луѓе (снимател, монтажер) за кои не сте сигурни дека се подготвени да му се посветат на проектот? Дали зависите од гостите, за кои не сте сигурни дека можете да ги доведете? Секој случај е специфичен, па оттука и овие прашања ќе знаете самите себеси најдобро да си ги поставите. Откако ќе утврдите дали постои некаков ризик, обидете се да обезбедите (разговарајте со луѓето навреме, планирајте доволно однапред и сл.) или да направите резервна опција (друга личност или вие самите, доколку можете да ја совладате потребната вештина).

Ако сте задоволни со одговорите што ги дадовте на овие 7 прашања, подготвени сте да влезете во проектот за поткаст. Моја препорака е, ако вашиот формат ви го дозволува тоа, секогаш да имате 2-3 епизоди во резерва, бидејќи едноставно никогаш не знаеме што нѐ чека во следниот период и дали ќе бидеме принудени да одмориме.

На тој начин, нема да чувствувате константен притисок во смисла - што оди следно, па доколку некој го откаже снимањето на денот планиран за тоа, штетата нема да биде преголема. Се случуваат вакви работи. Статистиката е немилосрдна, сметајте на неа и не коцкајте сте против неа.

Иван Миниќ е професионалец за маркетинг и ИТ со меѓународно искуство. Тој е основач на една од најголемите онлајн заедници во балканскиот регион, која брои повеќе од 2 милиони корисници (Бурек форум), и самостоен претприемач со неколку покренати бизниси (Моја Пијаца, Бургос – бургер бар). Иван е домаќин и уредник на Појачало – подкаст за претприемништвото, кој достигнува до 5.000 претплатници. Тој соработувал и со медиуми од Србија и од Босна и Херцеговина, на кои им помогнал да го развијат своето присуство на интернет и да ја зголемат својата публика. На студентите по дигитален маркетинг на Факултетот за медиуми и комуникации во Белград, им предавал Менаџмент на проекти.

Поврзани статии:

Во текот на изминатата деценија, невработеноста кај младите од Западен Балкан е прашање кое опстојува. Младите од Албанија, Босна
01 BHSC - Job Scarcity Drives Balkan Youth Away
Во текот на последната деценија, дигиталните технологии го трансформираа најголемиот дел на медиумската индустрија. Напредокот на технологијата ги принуди
Overview-of-the-most-popular-media-business-models

Врвни стории од Journalift:

Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата, па дури и интернетот во 20 век. Тоа е технологија која трајно ќе го преобликува општеството. За многумина од нас, вештачката интелигенција значи она што сме го научиле од повеќето дистописки филмови (Одисеја 2001, Терминатор, Матрикс, Блејд Ранер, …).
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува

Теми:

Најнови статии:

Навигација на ветувањата и опасностите на вештачката интелигенција: Што секој медиумски професионалец треба да знае за ЧетГПТ
Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата,
Разбијте го кодот: Како да разговарате со програмерите за (ре)дизајнирање на веб-страницата на вашиот медиум
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува да
Како ЧетГПТ (ChatGPT) ќе ги промени новинарството и медиумите?
Го замолив ЧетГПТ да го напише овој текст за мене. Секако дека го направив тоа. Поставував и преформулирав прашања, за