Ако не сакате да го прочитате целиот текст, дозволете ми да одговорам на ова едноставно прашање: ДА. Треба да емитувате веднаш. Но …
За повеќето медиуми, дојдено е времето на предизвик. Денес, ние сме повеќе од две години во ерата на пандемијата на КОВИД-19, а нејзиниот крај сѐ уште не е на повидок. Медиумите претрпеа многу. Имав контакти со многу мали локални станици во балканскиот регион, и сите тие ги имаат речиси истите проблеми. Погодете кои? Не се работи за КОВИД-19. Тие, секако, немаат ниту толку многу реклами колку што имале претходно, а и готовинскиот тек може да биде подобар, но главниот проблем е: Радиото ја губи битката за опстанок. Меѓутоа, може да победи, но и да биде уште посилно од кога и да е.
Како? Дозволете ми да го објаснам следново.
Пред сè, да ја дефинираме причината. Луѓето кои работат во радио, мислат дека не е ‘кул’ да бидат таму. Сум чул многу причини: „Не можеме да се натпреваруваме со услугите за стриминг“, „Нашите плати се помали од нашите сметки“, „Никој не ме слуша“, „Сите сакаат видеосодржини“, „Поткастите се поатрактивни“ итн.
Иако би се согласил со многу од овие изјави, тоа не значи дека тие се лоши за нас (радиодифузерите). Тие изјави треба да бидат насоки:
Ако зборуваме за поткасти, ние (луѓето од радиото) знаеме да правиме поткасти. Значи, можеме да произведеме подобар поткаст, од речиси секој почетник во ова. Така е, нели?
Имаме слушатели - сите релевантни истражувања ни покажуваат дека радиото го слуша секоја старосна категорија. Видеото е важно. Но, радиото не е ТВ, ниту Јутјуб, и не му треба видеосодржина 24/7. Ако немате видеосодржина на вашата станица - почнете да ја произведувате.
Ова е кратка реакција на некои изјави, што ги спомнавме горе.
Не постои волшебно стапче, тоа е она што му го кажувам на секој медиум со кој работам - радиото навистина не може да се натпреварува со некои реални закани. Дозволете ми да ви презентирам:

Четворица коњаници на радиокалипсата
1. Стриминг услуги
Навистина не можеме да го убиеме овој тип. Стриминг услугите [Дизер (Deezer), Тидал (Tidal), Спотифај (Spotify), Амазон мјузик (Amazon music) ...] имаат вештачка интелигенција што ниту една станица не може да ја има. Овој јавач, лично го познава секој музички вкус на секој од нас. Секогаш кога ќе кликнеме „ми се допаѓа“, „не ми се допаѓа“ или ќе прескокнеме некоја песна, овој тип учи како да генерира уште посовршена лична плејлиста. Алгоритмите ќе бидат сѐ подобри и подобри, така што јас не би предложил да инвестирате толку многу пари во AMT (музичко тестирање нa аудиториумот) или колаутс. Мора да го направите тоа (копираните песни не смеат да бидат нa вашата ротација, особено ако водите современа хит-радиостаница), само размислете да инвестирате во нешто повеќе од тестирањето на музиката - до крајот на овој текст ќе видите и зошто. Исто така, тоа не значи дека станиците треба да престанат да се грижат за нивната музичка база на податоци.
Понатаму, не можам да замислам станица без распоредувач на музика (MusicMaster или нешто друго) и тоа вреди секој денар. Станиците треба да размислуваат како да си играат со музичките библиотеки, како да промовираат часови музика и како да привлечат изведувачи да дојдат во станицата. Радиото сè уште е најмногу слушано поради музиката - и така ќе биде сѐ додека автомобилите имаат радио.

2. Мобилен телефон (вести, временски услови и сообраќај)
Не, ниту овој тип можете да го убиете. Мобилните телефони се тука со нас, ги даваат сите информации што ги сакаме и кога сакаме. Само размислете колку пати дневно го земате в рака мобилниот телефон, за нешто што не е повик или порака. Апликацијата за временска прогноза е дури и однапред инсталирана. Мобилните ви прикажуваат колку е часот, ви нудат информации за времето (и прогноза) и ви ги носат најновите вести. Но, ова, исто така, не значи дека треба да ги отстраните блоковите за вести/за времето/за сообраќајот од програмата. Тие се совршени за создавање приходи. Размислете колку долги треба да бидат тие информации и на кој начин е најдобро да ги доставите. Осмелете се да бидете различни.
3. Промоции и натпревари
Кога почнав да го слушам, радиото ми даде шанса да освојам вечера во мојот омилен ресторан! ОДЛИЧНО! Секоја седмица се обидував да ја добијам таа награда. Затоа што беше забавно да се учествува во натпревари (запомнете ја оваа реченица). Една радиостаница како награда доделуваше автомобил. Денес, станиците не можат да се натпреваруваат со јутјуберите, кои даваат десетици илјади долари секоја седмица (нема да ме зачуди и ако почнат да ги даваат секој ден).
Не, радиото не може да ги дава тие скапи подароци „што купуваат“ слушатели, но може да се врати на своите корени - да организира натпревари и промоции, во кои слушателите ќе уживаат да учествуваат.
Не, тоа не е мистериозен звук (иако сè уште може да ја заврши работата) и не е однапред снимен натпревар за вашите слушатели. Тоа треба да биде забавно за слушање, уште повеќе за учесниците, лесно за објаснување и да има „секси“ награда.

4. Инфодемија и лажни вести
Хиперпродукцијата не е за мали медиуми. Нема шанси да бидете на исто ниво со Би-Би-Си, Си-Ен-Ен и сите други креатори на големи содржини. А лажните вести се шират побрзо од SARS-CoV-2. Ова значи дека малите медиуми (локалните станици) треба да бидат внимателни кога пренесуваат вести - лажните вести може лесно да се случат во живо.
Прочитавте – 4 јавачи се многу опасни, но можеме да победиме ако имаме 3 непобедливи оружја:

Личности, локални содржини и континуирана едукација
Дојде време - повеќе од кога и да е, кога треба да инвестираме во луѓе, кои ќе го промовираат радиото, односно, во радиоличности. Развивањето на радиоличност е долгорочна работа. Пред сè, треба да пронајдете голем талент. Тоа е само првиот чекор. Мора да се однесувате добро со него/неа. Бидете стрпливи. Дозволете му/ѝ да прекрши некои правила. Направете услови да се чувствува како дома, дури и подобро. Можам да поминам седмици пишувајќи како да се третира и развие еден талент. Но, мислам дека ја сфаќате поентата.
Локалната содржина е цар – ниту еден голем играч не може да биде полокален од вас. Големите медиуми немаат време за локалните проблеми, локалните достигнувања, за локалната заедница итн. Тоа е вашата територија, на која победувате. Добриот талент ќе знае како совршено да испорача локална содржина.
Едукација, едукација и повторно едукација. Повторно учете ги основите и често проценувајте го вашето знаење. Бидете дел од годината во која живеете. Сè се развива. Радиото не е она истото од 80-тите години. Има одлични блогови и книги за радиото и поткасти кои чекаат да ги прочитате.