10 совети за локалните радиостаници (и за кои било други локални медиуми)

01 10 saveta za lokalne radio stanice

Последните две години (2021 и 2022), беа исклучително тешки за локалните медиуми на Балканот. Некои веднаш ќе кажат: „Не се само две години, туку најмалку две децении“. Ќе се јават и оние кои ќе тврдат: „И подолго, и подолго“. Сите ќе се согласиме, сепак, дека на локалните медиуми никогаш не им било лесно.

Секој може да направи свој список на причини, зошто е тоа така. Меѓутоа, јас ќе се обидам да направам една поинаква листа. Ќе се обидам да им дадам десет совети на локалните радиостаници, кои, според моето мислење, можат да им помогнат, ако ништо друго, 2022 да им биде подобра од 2021. Малку ли е тоа?

Овие совети првенствено се наменети за локалните радио станици, но најмалку половина од нив се однесуваат на која било друга локална медиумска платформа. За да не го губам понатаму вашето драгоцено време, еве ја листата:

1. ЛОКАЛНО, ЛОКАЛНО И САМО ЛОКАЛНО

Веројатно знаете дека првото правило при купување на недвижнина е: локација, локација, локација. На сличен начин, локалните медиуми треба, кога станува збор за креирањето на содржина, да ја усвојат мантрата: локално, локално и само локално. На некои, тоа може да им звучи претерано. Други ќе речат: „Ние сме мала средина, нема толку многу настани овде“. Подготвен сум да се согласам со вас, но секогаш кога објавувате нешто што не е поврзано со вашата локална заедница, вие од рацете си го избивате најсилниот адут што го имате. Можеби дури и единствениот.

Живееме во време кога ама баш никој, не се информира само од еден извор. Сè што се случува на национално ниво, или во светот, сигурно може да се најде и на друго место. Она што се случува во вашата локална заедница, може да се најде единствено кај вас. Секоја секунда што ќе ја поминете на „покривање“ на настани од земјата и светот, е време што сте го изгубиле да раскажете или да истражите нешто што е значајно за вашата заедница. Никогаш нема да можете да го надоместите тоа време, никогаш.

Локалната содржина е причината поради која некој го користи вашиот медиум. Истовремено, тоа е и причината зошто постоите. Секогаш кога зборувате за нешто што не е поврзано со вашата локална заедница, на вашите слушателите им давате шанса да заклучат дека не им требате. Не се залажувајте. Тие ќе го направат тоа. Некои порано, некои подоцна.

2. ЧУВАЈТЕ ГИ ЛУЃЕТО

2. ЧУВАЈТЕ ГИ ЛУЃЕТО

Во овој период на пандемија на КОВИД-19, зборовите, „чувајте ги луѓето“, можеби никогаш не биле поважни. Можеби сите сме научиле како да носиме маски, да држиме дистанца и да се заштитиме од вирусот, но двегодишната пандемија, кај некои луѓе, ќе има поголеми последици врз психата, отколку врз белите дробови. Разговарајте со вашите вработени и колеги, повеќе од кога било досега. Тоа ќе ви помогне и вам, и ним.

Безброј пати сум слушнал, „ни недостигаат луѓе“ и „ни замина оној добриот водител/ка (новинар/ка). Најчесто ми велат: „Немавме пари да го/ја задржиме“. Не е се во парите. Тие се важни, но дали знаете што уште им е важно на овие луѓе? Што би сакале да направат во следната година или две? Што да научат? Кого да видат? Каде да одат? Што да купат? Ако не разговарате со нив, нема да ги знаете одговорите на овие прашања.

Знам дека немате средства да им го овозможите тоа, но можеби вашиот маркетинг може да најде „компензација“ за нов компјутер, телевизор, патување, курс по јазици за детето ... Вас тоа ќе ве чини во рекламни минути, но сепак и понатаму ќе го имате вашиот добар/ра водител/ка (новинар/ка). Пробајте, функционира.

3. ЛУЃЕТО СЛУШААТ РАДИО ЗАРАДИ МУЗИКАТА, НО ОСТАНУВААТ ДА СЛУШААТ ПОРАДИ ВОДИТЕЛИТЕ

Има сѐ повеќе радио станици, кои се рекламираат со слоганот „повеќе музика, помалку зборување“. Тие наоѓаат оправдување во тоа што 80% од луѓето, слушаат радио поради музиката. Меѓутоа, клучот за успехот на една радиостаница не е само колку луѓе истата ја слушаат, туку и колку долго секој од нив ја слуша. Ова е разликата помеѓу оние, кои онака влегуваат во продавница, и оние кои навистина сакаат нешто да купат. Ако сте сопственик/чка на таа продавница, знаете дека нема голема корист од првите. Затоа и имате продавачи/ки, кои треба да ги заинтересираат муштериите да купат нешто.

Е тоа се водителите/ките на радио. Нивната задача е да го натераат секој што ќе влезе во вашата „продавница“, да слуша уште 15 минути. А потоа уште 15, па уште 15… .. Како го прават тоа? Така што ќе им раскажат нешто интересно за она што го слушнале, ќе им кажат што ги очекува во следните 15 или 30 минути, ќе им дадат корисни информации, ќе ги расположат, ќе ги загрижат, ќе ги натераат да размислуваат. Сешто можат да направат овие водителк/ки, но вие мора да ги имате. Некој, исто така, мора да работи со нив. Да ги праша што подготвиле, што им е потребно за да бидат уште подобри.

Вака, ако тргнете „ведро од мелодија до мелодија“, тоа ќе биде продавница во која секој производ е покриен и откривате еден по еден на секои 3 минути. Дали знаете за таква продавница? Не, ниту јас. Тоа е едноставно неисплатливо. Затоа и не постои.

4. ПОМОГНЕТЕ ИМ НА ЛОКАЛНИТЕ БИЗНИСИ

4. ПОМОГНЕТЕ ИМ НА ЛОКАЛНИТЕ БИЗНИСИ

Секому неговата мака му е најголема, но не сте само вие тие чие работење трпи големи последици во последните две години. Десетици и стотици локални бизниси се наоѓаат во истата ситуација, како и вие. Некои и во уште потешка. Покажете дека се грижите за вашите клиенти/ки (сегашни и идни). Претставете го вашето радио (медиум), како медиум кој се грижи за локалните бизниси. Понудете им помош.

Објавете дека во следните 12 месеци, секој месец ќе понудите бесплатни спот-пакети (150 спотови од 30 секунди), за два локални бизниси. Соберете пријави и организирајте вечера со нив, на којашто со жрепка ќе ги извлечете бизнисите кои ќе се рекламираат бесплатно во следните три месеци (вкупно 6). Постои само еден услов што треба да го исполнат. А тоа е, по еден месец, искрено да ви одговорат на прашањата за ефикасноста на нивната промоција и колку тоа им помогнало во нивниот бизнис, како и да бидат подготвени да ја потпишат таа своја изјава.

Можете, исто така, веднаш да им понудите дополнителен месец на промоција со 50% попуст. Од тие 6, барем еден или двајца би требало да прифатат. Како и да е, за 12 месеци ќе имате 24 нови клиенти, со кои ќе можете сериозно да разговарате за плановите за 2023 година. Написмено ќе ги имате нивните сведоштва за успехот на кампањата на вашето радио (медиум), кои можете да им ги покажетее и на другите потенцијални клиенти. Што е најважно, и тие, и нивните клиенти, ќе знаат дека сте биле таму кога помошта им била најпотребна.

5. КОМУНИЦИРАЈТЕ СО ПУБЛИКАТА

Новите технологии, особено социјалните мрежи, отвораат огромен простор за редовна комуникација со вашата публика. Нема поважни информации за вас, од информациите за тоа што сака, а што не сака вашата публика. Што би сакала да има повеќе, а што помалку. Кои се темите со кои би требале да се занимавате? Охрабрувајте ја комуникацијата и интеракцијата со слушателите, на секое ниво и во секое време. Доволни ви се една СМС картичка и стар телефон, за да имате СМС услуга за слушателите 24/7. Ваше е само да поминете низ тие пораки еднаш или двапати дневно, да им се заблагодарите и да им дадете одговор доколку можете.

Направете затворена Фејсбук група за 100, 200 или 1.000 ваши најверни слушатели, во која ќе ги тестирате вашите идеи, песни, реклами, теми... сѐ она што планирате да го направите во програмата. Тие нека бидат вашиот „проширен колегиум“. Замолете ги да ви дадат идеи за приказните што им се потребни, контакти на луѓето со кои ќе разговарате. Не мора сѐ што ќе побараат од вас да го направите преку програмата. Можете и директно да одговорите на некои прашања, но важно е сите во групата да сфатат дека навистина се грижите за секој од нив. Оваа група ќе биде и „резервоар“ на луѓе, кои ќе дојдат на некоја ваша акција, ќе ви помогнат да организирате нешто, ќе бидат првите купувачи на вашите шолји, маички ... Водете сметка за нив. Тие можат без вас, но не и вие без нив.

6. ЛОКАЛИЗИРАЈТЕ СЀ ШТО МОЖЕТЕ

6. ЛОКАЛИЗИРАЈТЕ СЀ ШТО МОЖЕТЕ

Не знам дали го знаете изразот „бела лага“ (white lie). Кај нас тоа би можело да се преведе како „безопасна лага“. Таа во суштина е лага, но нема никакви негативни последици ниту за тие што ќе ја кажат, ниту за оние на кои се однесува. Што сакам да кажам? Радиото е „театар на умот“ (theater of the mind), нема слика и слушателите го замислуваат она што го зборувате. Истите тие слушатели и слушателки сакаат да знаат дека одите на местата каде што одат и тие, дека купувате во продавниците каде што купуваат и тие, накратко - дека живеете на начин на кој и тие живеат.

Кога, на пример, водителот ќе каже „Утрово поминав покрај продавницата XY и налетав на другарка што не сум ја видел од времето кога одевме во училиштето YZ. Се сеќавам дека оваа песна, прв пат ја слушнав на забавата што таа ја правеше. Име на песната (започнува песната)“. Тоа што тоа утро ниту сте ја виделе продавницата, ниту сте ја сретнале другарката, а ниту, пак, имало забава... сето тоа се „бели лаги“, кои само служат, на слушателот/ката да му/ѝ остават впечаток дека живеете во градот во кој тој/таа живеат. И да се избегне глупавата најава „а сега големиот хит од XY година - името на песната“. Многу е важно, секогаш кога можете, да покажете дека сте дел од заедницата за која емитувате програма.

Тука, безопасните лаги можат да ви помогнат, но бидете внимателни. Никогаш не ги поврзувајте со вестите. Ако имате вест што вели дека нешто се случило, тогаш кажете го тоа онака како што е, вклучувајќи го и изворот на веста. Не дозволувајте да биде дека тоа сте го слушнале од пријателката со која сте оделе во училиштето XY.

Со локализирањето, исто така, им помагате и на вашите огласувачи. Слободно спомнете ги во вашите најави. „Поминувам јас така вчера покрај банката XY и налетувам на пријател од детството, кој со години се фалеше дека е првиот што ја донел плочата на групата X, во нашиот град. Тој тврдеше дека песната XY ќе биде голем хит, но јас тогаш не му верував. Другар, во право беше. Извини (оди песната)“. Ваквите најави имаат многу подобар ефект, отколку само да го кажете насловот на песната што следи. Во ред, користите безопасни лаги, но вашата програма добива емотивна врска со слушателот/ката, а и на клиентот/ката ќе му/ѝ биде мило да го слушне своето име, надвор од спотовите за кои платил/а. Пробајте - помага.

7. ПОСТОИ „ПАЗАР“ НА ПРОЕКТИ

7. ПОСТОИ „ПАЗАР“ НА ПРОЕКТИ

Не морам јас да ви кажувам. Тоа и самите го знаете. Времињата се многу тешки, не само за вас, туку и за сите оние кои се занимаваат со некој бизнис, вашите потенцијални клиенти. Секој денар е скапоцен, а на рекламирањето, особено во локалните медиуми, сè уште повеќе се гледа како на трошок, отколку како на инвестиција. „Ќе го направам тоа за тебе, ќе се рекламирам“ – е реченицата која сопственик на една локална станица, безброј пати ја има слушнато од своите клиенти.

Во текот на последните две децении, меѓународните организации што се занимаваат со развојот на медиумите, ги насочуваат своите „клиенти“ кон пазарот, и притоа, од година во година, констатираат дека тие, на Балканот, во голема мера се под контрола на властите и дека медиумите со независна уредувачка политика, главно се борат за трошки на тој пазар, кои остануваат зад оние кои се подготвени да бидат пропагандни сервиси на власта. Вистина е дека на овие вториве меѓународните организации не им се битни, бидејќи тие од тој пазар земаат (добиваат) колку што им е потребно. Во зависност од тоа во колкава мера се послушни. Така, независните медиуми со години си ја ‘бркаат опашката’, обидуваќи се од тој и таков пазар, да земат некаква цркавица, лажно убедувајќи се себеси и донаторите дека од тоа може да се преживее.

Денес, кога би избирал дали да вработам двајца агенти за продажба или еден менаџер за проект (кој знае да пишува предлози за проекти, да комуницира со донаторите и да пишува извештаи) и еден финансиски соработник (кој знае да пишува финансиски извештаи и не се плаши од ексел), јас би се решил за второто.

Во последните неколку години има релативно голем „пазар“ на проекти, но, за жал, нема доволно медиуми, особено на локално ниво, кои можат да одговорат на барањата на донаторите за реализација на проектите, како во наративна, така и во финансиска смисла. Така, медиумите доаѓаат во незавидна ситуација да бидат исклучени од меѓународните проекти, поради недостаток на квалитетен кадар на локално ниво.

Се проценува дека на овој „пазар“, во 2022 година, ќе има уште повеќе пари, а медиумите треба сериозно да размислат како на најдобар можен начин да му пристапат на овој пазар. Секако, потребно е да водат сметка за фактот да не ја компромитираат својата уредувачка политика поради целите на донаторите, туку токму преку соработка со нив, да најдат начин да ја подобрат својата содржина и да допрат до уште повеќе корисници/чки. Тоа, во никој случај, не значи дека треба да заборават на комерцијалните огласувачи, туку со примена на креативен пристап, можно е да се поврзат овие две работи, особено што и самите донатори нема да се откажат од оваа пазарна приказна. Колку и да не веруваат самите во неа.

8. ШТО СЀ БИ МОЖЕЛЕ ДА ПРОДАДЕТЕ?

8. ШТО СЀ БИ МОЖЕЛЕ ДА ПРОДАДЕТЕ?

Без разлика дали тоа ни се допаѓа или не, ние, сепак, живееме во дигитална ера. Ова значи дека иако сè уште емитувате на FM, вие мора да имате сопствена интернет страница и на неа опција што ќе им овозможи на вашите слушатели да плаќаат онлајн. А што да плаќаат? Па, сè. Свесен сум за фактот дека тоа често не е едноставен процес, но еднаш штом ќе поминете низ тој процес, ќе ви се отвори сосема нов деловен простор.

Плаќањето преку интернет е предуслов за воопшто да почнете да размислувате за кампањите за финансирање од заедницата (crowdfunding), за претплатата за некои ексклузивни содржини и сервиси, на продажбата на вашите промотивни производи или на производите и услугите на вашите огласувачи.

Ако навистина имате лојална публика, неа нема да ѝ биде тешко овие производи да ги плати и нешто поскапо, ако знае дека тоа ќе ѝ помогне на нејзината омилена станица, да работи стабилно. Исто така, вашите клиенти ќе бидат подготвени да ги намалат, за одреден процент, цените на нивните производи, доколку можат, преку вас, да продадат повеќе. Тоа ви е, во основа, деловниот модел на доставните служби. Ви земаат некој денар повеќе, бидејќи производите ги носат на домашна адреса, а на оние на кои производите им ги доставуваат, нешто повеќе. Малку од една, малку повеќе од друга страна, и еве ви дополнителен приход.

9. БИДЕТЕ КРЕАТИВНИ, ЕКСПЕРИМЕНТИРАЈТЕ

Доколку играте само на сигурно, единствено што е сигурно е дека, порано или подоцна, ќе потонете. Радиото или било кој друг медиум, не е операција на мозокот и никој нема да умре, ако не направите нешто како што треба. Креативноста е нешто што во медиумите се подразбира и што се очекува од вас. Ако се откажете од креативноста, сте се откажале и од својата иднина.

Охрабрете ги луѓето да бидат креативни, да даваат нови предлози, да ги прават старите работи на нови начини. Дополнително наградете ги најиновативните. Покажете дека се грижите за нив. Таа креативност се исплати. Ова се однесува и на програмскиот, и на деловниот дел. Понудете им на вашите клиенти нешто што никој друг досега не им понудил. Животот не е спот од 30 секунди или банер.

3000

10. МАГИЧНИТЕ 3000

Ова намерно го оставив за крај, па кој ќе го прочита целиот текст, може да го види и ова. Приказната за 3000 слотови (спотови) од 30 секунди, е можеби најкорисната што сум ја слушнал во овие триесет години колку што се занимавам со радиото. И верувајте ми - функционира.

Безброј пати сум го слушнал прашањето „како да ја одредам цената на рекламата?“. Се разбира, ова во голема мера зависи од конкуренцијата и од вашата позиција на пазарот, но разгледајте ја и оваа опција. Кои се вашите вкупни месечни оперативни трошоци? Колку месечно ве чини вашето радио? Поделете го тој број со 3000 и ќе ја добиете цената на еден спот од 30 секунди, на вашата станица.

Ја пробав оваа формула на десетици радиостаници ширум светот и во повеќе од 80% од случаите се покажа дека нивните цени се многу повисоки, од оние добиена врз основа на оваа формула. Што, всушност, значи тоа? Тоа значи оти го преценувате времето на вашата станица и дека не продавате доволно. Ова значи оти со помал број на скапи слотови, го намалувате успехот на кампањата на вашиот клиент.

Дајте им задача на вашите агенти, да продадат 3.000 слотови следниот месец. Целта нека им биде бројката на продадени слотови, а не сумата на пари што ќе ја донесат. Врзете ги бонусите за таа бројка. Веќе објаснив како дојдовме до цената на слотот, што ќе се емитува во терминот од 07.00-19.00 часот, во работни денови. Дали сметате дека ова не ви носи доволно пари? Во ред, го имате и секој викенд, и времето после 19.00 часот, за дополнителна заработка. Тука се и спонзорствата, наградните игри ...

Да, и да не заборавам. Тука се и 20% (600) слотови, во периодот од 07.00-19.00 часот, кои можат да влезат во вашиот профит, а кои не влегуваат во оние 3000. Е сега, ако и тоа не ви е доволно, тогаш размислете да ги намалите вашите оперативни трошоци. Друго решение нема.

Го гледам сега сето ова што го напишав и ми паѓаат на ум и точки 11, 12, 13 ... Кој знае, можеби ќе има можности и за тоа. Се разбира, под услов некоја од овие 10 точки да ви помогнала.

За авторот:

Душан Мачиќ

Душан Мачиќ се занимава со новинарство од 1989 година. Тој е еден од основачите и новинарите на српското радио Б92 и беше првиот директор на ЗНЕМ – Здружение на независни електронски медиуми. Од 2007 година работи во БиБиСи како менаџер за развој на деловни активности и оттогаш развива, одржува и подобрува мулти-платформски активности за развој на бизнисот во Европа, Блискиот Исток и Западна Азија за Светскиот сервис на БиБиСи. Ова вклучува истражување и управување со сметка, стекнување, одржување и развој на партнерства со веб портали, оператори на мобилни телефони, агрегатори и Интернет провајдери, радио, ТВ станици и кабелски оператори. Тој работи директно со медиуми во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Албанија и е специјализиран за обезбедување консултантски услуги за интеграција и создавање на конвергентни редакции.

Author

  • Душан Мачиќ се занимава со новинарство од 1989 година. Тој е еден од основачите и новинарите на српското радио Б92 и беше првиот директор на ЗНЕМ – Здружение на независни електронски медиуми. Од 2007 година работи во БиБиСи како менаџер за развој на деловни активности и оттогаш развива, одржува и подобрува мулти-платформски активности за развој на бизнисот во Европа, Блискиот Исток и Западна Азија за Светскиот сервис на БиБиСи. Ова вклучува истражување и управување со сметка, стекнување, одржување и развој на партнерства со веб портали, оператори на мобилни телефони, агрегатори и Интернет провајдери, радио, ТВ станици и кабелски оператори. Тој работи директно со медиуми во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Албанија и е специјализиран за обезбедување консултантски услуги за интеграција и создавање на конвергентни редакции.

Поврзани статии:

Зборот ‘иновативност’ стана еден од клучните зборови, кога зборуваме за новинарството. Во свет во кој интернетот е пребукиран со
01-Editorial-Innovation

Врвни стории од Journalift:

00-Employment-of-persons-with-disabilities-achieves-their-inclusion
Лицата со попреченост се една од маргинализираните групи во Босна и Херцеговина и Србија, којашто секојдневно се соочува со дискриминација и стигматизација. Сè уште официјално не е усвоена дефиниција за лице со попреченост во БиХ, иако БиХ ја усвои Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Во Србија, пак, според законот, поимот „лица со попреченост“ значи „лица
„Хиперлокално“ веќе подолго време е многу употребуван збор во медиумите. Бидејќи концентрацијата на сопственоста на традиционалните медиуми и пенетрацијата

Теми:

Најнови статии:

Јун 27
Лицата со попреченост се една од маргинализираните групи во Босна и Херцеговина и Србија, којашто секојдневно се соочува со дискриминација
Јун 20
Во моментов, Рамизе Салихај е на одмор со семејството дома во Косово, за првпат откако започна да работи како медицинска
Јун 17
„Хиперлокално“ веќе подолго време е многу употребуван збор во медиумите. Бидејќи концентрацијата на сопственоста на традиционалните медиуми и пенетрацијата на
Јун 13
Ниска е свеста дека голем број деца и адолесценти страдаат од разни видови ментални здравствени проблеми, како и дека здравствените