Новинарството денес: Медиумските редакции во трка со алгоритмите на социјалните мрежи

 минути читање

Journalism-today-Media-newsrooms-in-a-race-with-social-media-algorithms

Доколку овој текст беше пишуван околу 2010 година, веројатно би започнал со фраза како „Социјалните мрежи се иднината на медиумскиот бизнис“. Оттогаш, работите многу се сменија и социјалните мрежи повеќе не се иднината, туку, во голема мера, сегашноста на медиумскиот бизнис. Колку и да беа скептични уредниците, репортерите и новинарите во тоа време, сепак Фејсбук, социјална мрежа создадена првенствено за забава, стана клучен мост во пренесувањето на информациите до корисниците.

Денес работите отидоа уште подалеку, па покрај Фејсбук, на терен ги имаме и Јутјуб, Твитер, Инстаграм, а во последно време и се попопуларниот ТикТок. Искуството уште во првата деценија од 2000 година покажа дека медиумите не смеат да го игнорираат трендот на информациска консумација, што тогаш ја создаде Фејсбук, па оттука тие тој тренд не смеат да го игнорираат ниту денес. Целиот медиумски бизнис и неговите работници мора да се ориентираат кон начинот на пласирање и консумирање на содржината, во согласност со новите трендови.

Меѓутоа, ниту еден новинар, ниту еден медиум кој сака да остане професионален и да ја задржи довербата на својата публика, не смее да ги напушти постулатите на прецизно, точно, објективно и избалансирано новинарство. Тоа е единствената карактеристика што на медиумите им дава посебен идентитет на социјалните мрежи. Воедно, тоа ќе ја одржи и нивната општествена должност да се борат против приливот на дезинформации и лажни вести, кои процветаа по појавата на социјалните мрежи.

Новинари и новинарки на новото време

По овој долг вовед, да поразговараме и за денешните трендови на медиумска продукција,  кои се креираа заедно со развојот на социјалните мрежи. Првиот пример за промената се самите медиумски работници. Фразата која би можела да го опише денешниот (млад) новинар или новинарка е „One man show“, или новинар, фотограф, снимател, монтажер, уредник на социјалните мрежи - сѐ во едно.

За да може навремено да испраќа информации од теренот, новинарот треба да знае како она што го дознал, да го пласира преку текст, видео или преку фотографија. За да може да го направи тоа, новинарот или новинарката на денешницата мора да знаат како да направат добра фотографија, добра видеосодржина и сето тоа да го пласираат преку социјалните мрежи, за да можат да останат во трката за ексклузивност. За среќа, денешниот новинар или новинарка во рацете имаат мобилен телефон - алатка која може да им помогне сето тоа да го направат сами и да ја исполнат потребата за побрзо објавување на медиумските содржини.

Поминуваат видеа и фотографии со послаб квалитет

Искуството од Балканот покажа дека генерации новинари, кои почнаа да влегуваат во професионалното новинарство околу 2015 година, имаат многу повеќе вештини во мултимедијалниот пристап при креирањето на медиумски содржини. Причината за ова е што интернет порталите и социјалните мрежи беа (и сѐ уште се) нивно природно опкружување, а мобилните телефони, уште од претходно, дел од нивниот развој.

Употребата на мобилните телефони и потребата за што побрзо објавување на информацијата, креираше нов тренд и во квалитетот на визуелните содржини.

Ако претходно, фотографија со ниска резолуција или видео што се „тресе“ не би го поминале строгиот суд на уредничкиот колегиум, денес ситуацијата е малку поинаква - сосема е во ред да објавите фотографија со помала резолуција или видео кое не е најстабилно, затоа што сте го снимиле по пат.

Она што е важно е визуелната содржина да биде точна, објективна, да нема „кропување“ ниту монтирање, со намера вашата визуелна информативна содржина да добие поинаква конотација или да стане многу подраматична или поубава од она што е во реалноста. Придржувајте се до постулатот за коректно, точно, непристрасно новинарство.

Дали прво да објавам на веб-страницата и на ТВ, а потоа на Инстаграм или на Фејсбук?

Ако ова прашање беше поставено пред десет години, тогаш одговорот веројатно би бил: прво информацијата ја поставувате на вашата веб-страница, а потоа размислувате и за социјалните мрежи. Денес и ова се смени. На прво место се социјалните мрежи. Првата информација треба да оди таму, особено ако се работи за т.н breaking news.

Сепак, мора да имате на ум дека кога се работи за социјалните мрежи, алгоритмите се главни. Алгоритмите и вештачката интелигенција се оние кои во голема мера влијаат на тоа дали вашата содржина ќе стигне до публиката. Она што сите социјални мрежи се трудат да го направат, е да ја задржат публиката на нивната платформа, што е можно подолго. Тоа е дел од нивниот бизнис модел. Имајте го тоа во вид и затоа немојте да се изненадите доколку текстот што сте го објавиле во форма на линк до вашата веб-страница, не ви донесе посетители или доколку допре до мал број на ваши „фанови“. Тоа е затоа што таа социјална мрежа не сака нејзините претплатници да си заминат од неа, иако сте вие личноста што ја произвела таа содржина.

Решение постои, а тоа е: објавувајте што повеќе свои фотографии, видеа и информации директно на социјалните мрежи. На тој начин ќе добиете поголема доверба од алгоритмот на таа социјална мрежа, а потоа и вашите регуларни линкови до вашата веб-страница, ќе добијат повеќе читатели.

Алгоритам на млади читатели

Не се само компјутерските алгоритми тие што решаваат најголемиот дел од информациите што сте ги објавиле денеска, да допрат до публиката само преку социјалните мрежи. Она што уште повеќе влијае, се новите трендови на консумирање на информации, кои се развиваат кај младите и кај нешто повозрасните генерации читатели и гледачи (на возраст од 15 до 35 години).

Истражување спроведено во Велика Британија, кое го објави „Офком“ (британскиот регулатор за комуникации), покажа дека новите генерации корисници, сѐ повеќе добиваат вести преку интернет, а при тоа, најголемиот дел од тие содржини, доаѓаат преку социјалните мрежи.

Ова може да се види од табелата 2.5 (извор: Ofcom News Consumption Survey 2022 –COMBINED F2F & ONLINE sample) - 87% од корисниците на возраст од 16-24 години го користат интернетот како извор на информации. Покрај тоа, 79% од нив ја добиваат таа содржина преку социјалните мрежи. Слично е и со генерациите кои денес имаат околу 34-35 години - тоа се генерациите што активно работат и имаат влијателна улога во едно општество.

Ова истражување, исто така, покажа дека тинејџерите сѐ повеќе се потпираат на Инстаграм, Јутјуб, како и на ТикТок. Додека оние на возраст од околу 35 години сè уште се генерацијата на која Фејсбук и е нешто поблизок и попознат.

Инстаграм и информативните медиуми

Во овој текст, малку повеќе простор ќе му посветиме на Инстаграм, кој во трката со ТикТок успеа да стане повлијателен, отколку што беше кога се потпираше само на фотографии.

Инстаграм е платформа чиј главен идентитет беа фотографиите и можноста за нивно уредување преку филтри, а потоа и нивно објавување. Денес, ситуацијата е малку поинаква.

„Reels“ на Инстаграм

Инстаграм, во август 2020 година, промовираше нова опција за објавување на видеосодржина, која ја нарекоа „Reels“.

Тоа се кратки видеа во вертикален формат (со сооднос 9x16), кои можат да траат и до 90 секунди и можат да се уредуваат со користење на музика, текст, транзиции, фотографии, анимации.

Во трката со ТикТок, Инстаграм неодамна ги промени своите алгоритми и дозволи „Reels“ да станат многу повидливи во однос на фотографиите. Ова овозможи досегот до овие содржини да се зголеми повеќе пати, во споредба со претходните опции како што беа фотографиите и т.н. „story“.

Медиумите и „Reels“

Како што напишав претходно во овој текст, медиумите мора да одат во чекор со новитетите, што ги носи технологијата. Истото важи и за новиот тренд на Инстаграм. Ова значи дека, доколку сакаат да ги следат новите генерации и нивната содржина да допре до нова публика, тогаш тие мора да се фокусираат на продукцијата на „Reels“ видеа.

Процесот е едноставен:

  • Додека сте на терен и доколку имате мобилен телефон, направете кратка видеоснимка во вертикална положба. Инстаграм ви овозможува да ја монтирате таа содржина директно на платформата, преку нивната апликација.
  • Ако немате видео, тогаш можете да направите „Reels“ и со фотографии. Но, се препорачува да ги „кропувате“ во вертикален формат 9:16.
  • Додадете неколку зборови, за гледачите да знаат за што се работи. Ако темата е нечија изјава, тогаш, ако имате време, титлувајте го тој соговорник. Корисниците на Инстаграм сакаат да го читаат она што го слушаат.
  • „ Reel“ може да биде и ваш голем ТВ прилог - исечете ги само најважните моменти од прилогот и објавете ги како еден „Reel“ од околу 30 секунди.
  • Направете квалитетна снимка, доколку тоа е можно.
  • Бидете концизни, креативни и без вишок на материјал - првите две секунди се клучни за да го задржите корисникот да продолжи да го гледа вашиот „Reel“.
  • На почетокот и на крајот на видеото додајте го вашето лого или „thumbnail“, по кое публиката побрзо ќе ве препознае.
  • Проверувајте ја статистиката - дознајте во кое време од денот и неделата, вашата публика најмногу ве гледа. Тогаш објавете нов „Reel“. Доволно е да имате само две вакви објави во текот на денот.
  • Посветете му повеќе време на квалитетот, отколку на квантитетот. Доколку на еден „Reel“ добиете повеќе прегледи и реакции, тогаш вашите следни објави ќе бидат многу повидливи.
  • Додадете т.н хаштагови, т.е. клучни зборови кои се поврзани со она што сте го објавиле. На тој начин, вашата објава полесно ќе допре до вашата публика.

Технологијата се менува - постулатите за коректно новинарство остануваат исти

Имајте на ум дека сето горенаведено, важи за оваа или за следните две години. Како ќе биде потоа, ќе дознаеме тогаш. Да, така изгледа денешното пласирање на добар дел од медиумските содржини - како постојана трка со алгоритмите и со трендовите, преку социјалните мрежи.

Технологијата брзо се менува, но некои постулати во новинарството остануваат исти, без оглед на тоа кој медиум за пласирање на информации го користиме. Обврска е, како што и претходно напишав во овој текст, секој медиумски работник да остане доследен на пренесувањето и производството на точни, проверени и избалансирани информации. Тоа е обврска во постојаната борба со дезинформациите и лажните вести, кои со развојот на социјалните мрежи стануваат сѐ помоќни. Новинарите и професионалните редакции мора да им останат доследни на веродостојните информации, без разлика дали тие се пласираат преку интернет порталите, преку социјалните мрежи или преку некоја нова медиумска платформа, којашто ќе ни дојде во иднина.

Тоше Огњанов е меѓународен мултимедијален новинар и предавач за мобилно и мултимедијално новинарство. Toj e aлумнус на Волтер Кронкајт школата за новинарство и масовна комуникација, на Државниот универзитет во Аризона. Тој е професионален новинар со повеќе од две децении искуство во печатените, телевизиските и онлајн медиуми во Северна Македонија и во Соединетите Американски Држави. Тоше Огњанов е искусен предавач во областа на фотоновинарството, видеографијата, менаџментот на социјалните мрежи за информативните медиуми и сертифициран предавач за медиумска писменост на полето на визуелни вести. Претходни и актуелни медиуми во кои работел, односно работи: Дневник, Телеграф.мк, Глас на Америка.

Поврзани статии:

Постои една работа својствена за многу професии: од лекари и адвокати, до новинари и различни видови нa инженери. Повеќето
From-journalist-mindset-to-business-mindset-

Врвни стории од Journalift:

Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата, па дури и интернетот во 20 век. Тоа е технологија која трајно ќе го преобликува општеството. За многумина од нас, вештачката интелигенција значи она што сме го научиле од повеќето дистописки филмови (Одисеја 2001, Терминатор, Матрикс, Блејд Ранер, …).
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува

Теми:

Најнови статии:

Навигација на ветувањата и опасностите на вештачката интелигенција: Што секој медиумски професионалец треба да знае за ЧетГПТ
Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата,
Разбијте го кодот: Како да разговарате со програмерите за (ре)дизајнирање на веб-страницата на вашиот медиум
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува да
Како ЧетГПТ (ChatGPT) ќе ги промени новинарството и медиумите?
Го замолив ЧетГПТ да го напише овој текст за мене. Секако дека го направив тоа. Поставував и преформулирав прашања, за