Размислувајте надвор од (ТВ) кутијата

 минути читање

01-Razmišljajte-izvan-TV-kutije.png

Линеарната телевизиска програма, барем во поразвиените земји, наскоро најверојатно ќе се најде на смртна постела. Сè помалку гледачи седат дома и го консумираат она што во моментот им се нуди на ТВ-екраните.

Наместо тоа расте бројот на оние кои се претплаќаат на стриминг сервиси и го гледаат само она што сакаат да го гледаат и тоа каде сакаат и кога сакаат. Во исто време се намалува публиката што се информира само преку традиционалните медиуми и тоа во одреден дел од денот, што секако е концепт на телевизиските вести.

Овие промени кај публиката нужно повлекуваат и промени кај телевизиите. Дел од нив се прилагодуваат, дел не.

Сепак, телевизиските канали во развиените земји не се предаваат без борба. Со години се обидуваат да изградат digital-first стратегија наместо ТВ-центрирана стратегија со цел да се прилагодат на промените и на публиката чии потреби и навики се променија под влијание на мобилните телефони и на социјалните медиуми. Така е во светот, но дали и на Балканот? 

Спора еволуција на балканските телевизии

Спора еволуција на балканските телевизии

Се чини дека добар дел од телевизиските куќи од регионот на Западен Балкан едноставно одбиваат да еволуираат или преспоро се прилагодуваат на промените. Некои пак одбиваат да се променат и по цена да исчезнат. А тоа е неминовно, ако нешто не преземат. 

Со години, а некои и со децении, не го менуваат проверениот рецепт на „пакување вести“, но и на нивно пласирање на она што сметаат дека е нивен главен канал - телевизискиот екран. Тие ја применуваат ТВ-центрираната стратегија и се чини како светот надвор од „малите екрани“ да не постои за нив.

На пример, голем дел од овие телевизиски куќи сè уште ги чуваат најважните вести за централниот вечерен дневник, а социјалните медиуми ги користат само за да ги споделат вестите што веќе се емитувани на телевизијата.

Овие медиуми ретко или воопшто не го менуваат стилот и телевизискиот израз, не воведуваат промени во било која од информативните емисии и слично. И кога зборуваме за промена, не зборуваме за бојата на студиото, изгледот на столчињата или осветлувањето. Зборуваме за форма, но и за содржина.

Изненадува тоа што дел од овие телевизиски куќи тврдоглаво се спротивставуваат на сите промени. Се чини како удобно да се сместени во комфорната зона, небаре се задоволни од позицијата на пазарот и од публиката што ја имаат, колку и да е таа мала.

Ист рецепт за различна публика?

Ист рецепт за различна публика?

А нивниот рецепт за телевизиски вести е следен. Отворање на вестите со домашна политика, три до пет телевизиски прилози во траење од по две до три минути со стендап од новинарот пред зградата на некое министерство или Собранието, па малку економија, можеби едно кратко интервју, па следи спорт и на крајот временската прогноза.

И сето ова ќе си го најде местото на веб страницата и на социјалните мрежи, без никаква адаптација. Колку да кажат дека и тие се дигитален медиум, односно имаат своја Фејсбук страница. 

Ваквиот рецепт се применува со години небаре гледачот е истиот оној средовечен човек од пред три децении кој цел ден бил во информативен мрак па седнува пред телевизорот во 19 часот и гледа вести во траење од 30 минути без да го промени каналот.

Но јасно е дека потребите на публиката се променија, вкусовите се променија, трпението на гледачите се промени, но се променија и каналите за дистрибуција на информациите. Малиот телевизиски екран го замени малиот екран на мобилниот телефон, а централниот дневник го заменија социјалните медиуми каде 24/7 се пренесуваат вести во секаков формат, а најчесто видеа.

Телевизиите кои применуваат „копи-пејст“ стратегија за содржината - прво ја емитуваат на телевизиските екрани или на нивните веб страници, а потоа ја споделуваат на социјалните мрежи - најчесто забележуваат дека не добиваат никаква повратна реакција кога ја споделуваат не адаптираната содржина на Фејсбук или на Инстаграм. Со ваков погрешен пристап доаѓаат и до погрешен заклучок дека социјалните мрежи се промашена работа и дека таму не можат да добијат публика. 

Зошто се чувствуваат како натрапници на социјалните медиуми

Зошто се чувствуваат како натрапници на социјалните медиуми

Овде се поставува прашањето зошто добар дел од телевизиите во регионот на Западен Балкан се чувствуваат како натрапници во светот на социјалните медиуми?

Зошто нивното постоење на социјалните мрежи наликува повеќе на инцидент отколку на разработена и смислена стратегија за зголемување на својата публика надвор од ТВ екраните?

Дали веруваат дека социјалните медиуми се нешто менливо и минливо? Дека сега ги има, а утре не и дека добрата стара телевизија е тука за да остане и во иднина. Можеби веруваат во тоа, но за жал, или за среќа, тоа не е така. Реалноста е сосема поинаква.

И додека повозрасната публика ги освои Фејсбук и Инстаграм, младите наголемо бараат „прибежиште“ на други мрежи меѓу кои и ТикТок. Оние медиуми кои сакаат да ја освојат помладата публика сега бараат и градат стратегии што и како да објавуваат на оваа најбрзо растечка мрежа. Таков е пристапот на пример на BBC и на NBC кои веќе градат милионска публика на оваа социјална мрежа.

Во меѓувреме голем број традиционални телевизии со линеарна телевизиска програма се затвораат, а времето кое публиката го минува пред малите екрани значително се намалува на сметка на времето поминато пред екраните на мобилните телефони.

Во градењето на стратегијата за социјални медиуми, овие телевизии треба да ја напуштат праксата содржината што ја објавуваат на Фејсбук, Твитер, Инстаграм или Јутјуб да е 100% истата содржина што веќе ја објавиле на нивните телевизиски канали или пак на веб страниците на телевизијата.

Ова посебно се однесува на јавните радиодифузни сервиси кои, со чесни исклучоци, изгледаат како да се заробени во времето кога не постоел интернетот.

Она што е потребно да го сторат сите вработени во телевизиските куќи е уште денеска да почнат да размислуваат надвор од ТВ кутијата.  Мора да почнат да ја освојуваат публиката која не седи пред ТВ екраните и да почнат да размислуваат за дигитална стратегија во која содржината ќе биде спакувана и прилагодена за неколку различни платформи. 

Топлата вода е веќе измислена

Топлата вода е веќе измислена

Балканските телевизиски куќи не треба да измислуваат топла вода кога ќе ја градат својата дигитална стратегија. Голем број приватни, но и јавни телевизиски сервиси во светот најмалку половина деценија ја применуваат стратегијата digital first. 

На пример, прегледот на дневните вести или Тagesschau на германскиот јавен радиодифузен сервис ARD во 2020 година го гледале 11,7 милиони гледачи. Тоа е бројка за почит, но сепак тие атакуваат и на публиката која не е пред ТВ екраните и која се наоѓа на социјалните мрежи. 

На Фејсбук Тagesschau има 2,2 милиони следбеници, на Инстаграм 3,6 милиони, на Твитер 3,2 милиони и на Јутјуб 1,1 милион, каде најгледаните видеа имаат и над 5 милиони прегледи. За секој од овие социјални медиуми креираат посебни содржини кои се прилагодени на приоритетите и желбите на публиката. Тоа значи дека публиката добива различна содржина доколку гледа Тagesschau на ТВ, ако го отвори веб сајтот, или ако ги посети страниците на Фејсбук и на Инстаграм. 

Вакви примери нема само во високоразвиените западни земји туку и во помалку развиените. На пример во Украина речиси сите телевизии имаат дигитална стратегија. Оваа земја е добар пример за тоа што се случува кога јавниот радиодифузен сервис подоцна ќе започне да гради дигитална стратегија. Тоа секако создава огромна можност за приватните телевизии.

Само за илустрација, јавниот радиодифузен сервис UA: Перший на Фејсбук има нешто над 164.000 следбеници. Страницата е креирана во 2018 година. За споредба, далеку помалата телевизиска куќа Хромадске има над 800.000 следбеници на Фејсбук бидејќи уште од самиот старт имаат развиена дигитална стратегија. Споредбата е уште подрастична на Инстаграм, а видлива разлика има и кај Јутјуб каналите. 

Што е минимумот што треба да се направи?

Што е минимумот што треба да се направи?

Не е доволно само отворање на Фејсбук страница, Инстаграм страница или канал на Јутјуб.

Она што е нужно за секоја телевизиска куќа е да почне веднаш со градење на своето дигитално присуство преку креирање содржина која ќе биде различна од содржината што веќе се објавува на телевизискиот канал, овде пред се мислиме на телевизиските вести.

Како тоа би изгледало? На пример, ако телевизиските вести се во траење од 30 минути и ако во нив има 12 до 15 новинарски прилози, дел од тие прилози може да се прилагодат за социјалните мрежи, може да се скрати нивната должина, да се додадат информации и слично. 

Може неколку од тие прилози и материјалите кои веќе се снимени да се измонтираат повторно за да бидат соодветни за секоја од социјалните мрежи. На пример да се измонтираат во формат 1:1 за Инстаграм и за Фејсбук, потоа видеата наместо со доминантно широки кадри да бидат со доминантно крупни кадри и со титл односно текст на екран бидејќи на овие две мрежи публиката следи содржини и без вклучен звук и тоа главно на мобилен телефон. Во превод, текстот на екран ќе биде замена за новинарската нарација. 

Стримингот на дневните вести може да оди и на Јутјуб наместо само на Фејсбук. Истовремено Фејсбук и Инстаграм може да ви бидат каналите каде политиката и економијата нема да бидат главни теми како на телевизиските вести туку да им дадете предност на приказни со фокус на луѓето.

Од новинарските видео приказни може да се креираат и приказни во вид на картички за Инстаграм користејќи фотографии, графика, аудио и видео. Со тоа ќе освоите нова публика. На Инстаграм, телевизиите може да градат стратегија што е поразлична отколку онаа на веб или на ТВ, што значи дека овде проаѓаат и малку полежерни видеа или фотографии односно содржина за патувања, култура, традиција и слично.

Доколку во вестите има интервјуа кои поради ограниченото време не можат во целост да се објават истите тие може да се „закачат“ на Јутјуб каде публиката бара долги содржини. На Јутјуб може да се објави и видео што е работа на монтажерот во една телевизија, каков е денот на снимателот во таа телевизија, како се подготвуваат 30 минутни вести и слично.  

Ова е препорака и за секоја телевизија на Балканот. На Јутјуб треба да се гледа како да дополнителен канал на самата телевизија или на продолжение на ТВ екранот каде наместо линеарна програма гледачот ќе има можност да одбере што да гледа и кога да гледа.

Сепак, не треба балканските телевизии да сметаат дека имаат Јутјуб канал само со закачување на веќе објавените телевизиски вести или само со закачување на интервјуата објавени во некоја од телевизиските програми.

Потребно е креирање на содржина наменета за оваа мрежа. На пример објаснувачки видеа или таканаречени експлејнери, документарни видеа, анимирани видеа, видеа како нешто се изработува/прави, видеа креирани од млади наменети за млади и слично. 

Со цел да се задоволат зголемените потреби од автентични видео, аудио и фото содржини потребно е секоја телевизија да не се потпира само на снимателите туку секој во екипата да почне да снима содржина на својот мобилен телефон

И онака мобилните телефони се подобри за креирање на содржина наменета за социјални медиуми отколку класичните ТВ камери.

И за сето ова горе споменато нормално треба време и ресурси, но на долг рок сето ова се исплати. Ваквата стратегија ќе и донесе нова и помлада публика на телевизијата, ќе и го продолжи животот и ќе придонесе за јакнење на пазарните позиции, но и за јакнење на брендот. 

Доколку ова не го правите, почнете уште денеска. Подобро е да направите грешка обидувајќи се да направите промена отколку стихијно да исчезнете од пазарот знаејќи дека не сте се ни обиделе.

Александар Манасиев (новинар) е наградуван новинар од Северна Македонија со повеќе од 17 години искуство во печатени медиуми, ТВ и дигитални медиуми. Тој има искуство како истражувачки новинар, дописник и главен уредник во повеќе медиуми во регионот и пошироко. Тој исто така работи како регионален обучувач за мобилно новинарство, дигитални медиуми и истражувачко новинарство.

Поврзани статии:

Малите медиуми се борат за финансиска поддршка на нивната агенда на вести, што често ги принудува овие медиуми да
Brand-Newsroom-Organization-and-Workflow.
Гледајќи го од страна медиумскиот бизнис, но често вклучен како консултант или соработник на некои проекти, забележав дека постојат
Едно од прашањата со кои се соочуваат многу редакции е аматерскиот пристап кон менаџментот. Честопати, медиумските организации се раководени
01 Effective communication tools for media leaders

Врвни стории од Journalift:

Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата, па дури и интернетот во 20 век. Тоа е технологија која трајно ќе го преобликува општеството. За многумина од нас, вештачката интелигенција значи она што сме го научиле од повеќето дистописки филмови (Одисеја 2001, Терминатор, Матрикс, Блејд Ранер, …).
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува

Теми:

Најнови статии:

Навигација на ветувањата и опасностите на вештачката интелигенција: Што секој медиумски професионалец треба да знае за ЧетГПТ
Вештачката интелегенција, на многу начини, е револуционерен настан, какви што беа печатницата на Гутенберг во 15 век, или радиото, телевизијата,
Разбијте го кодот: Како да разговарате со програмерите за (ре)дизајнирање на веб-страницата на вашиот медиум
Работењето на веб-страницата на вашиот бизнис, може подеднакво да биде и возбудлив и застрашувачки ангажман. Возбудлив, бидејќи ви овозможува да
Како ЧетГПТ (ChatGPT) ќе ги промени новинарството и медиумите?
Го замолив ЧетГПТ да го напише овој текст за мене. Секако дека го направив тоа. Поставував и преформулирав прашања, за